Фото: Приватна архива
  • Интересот постојано расте. Можеби Виена е единствено место, надвор од Македонија во кое академски се изучува македонската тамбура. Сето тоа е резултат на нашите залагања

Се вели дека еден човек, живее додека има кој да го споменува, еден јазик живее додека има кој да го зборува, а музиката на еден народ постои додека има кој да ја изведува и да ја пее. Без разлика што Александар живее во Виена, Австрија 1.114 километри од родниот Радовиш, а Димитар во Брно, Чешка, на 1.220 километри од родниот Прилеп, ним не им пречи речиси секој викенд да се сретнуваат и да одржуваат проби за потребите и програмата на оркестарот „Александар“, кој го промовира македонскиот изворен фолклор.

Александар Арабаџиев од Радовиш, е докторанд на катедрата по ентомузикологија на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, познат и признат во светски рамки. Во Виена живее од 2012 година, каде се преселил заради магистерските студии . Предава македонска тамбура на Музичката академија во Виена, а дополнително работи како асистент на Виенскиот универзитет во одделот за дигитализација.

Далечината-предизвик, наместо пречка

– Паралелно, работам интензивно со оркестарот „Александар“на многу проекти за кои допрва ќе се слуша. Мојот научно истражувачки интерес е насочен кон заедниците на денешна Македонија во Виена, особено кон улогата на музиката и орото во зачувувањето и пренесувањето на културниот и националниот идентитет – вели Александар Арабаџиев, основач и раководител на оркестарот „Александар“.

фото: Приватна архива

Димитар Митревски пак, кој членува во овој оркестар, живее во Брно, Чешка и има сосема различно професионално портфолио. Иако работните ангажмани веќе подолго време му се во друга област, по образование и струка е филолог, преведувач од англиски и чешки на македонски јазик и обратно. Меѓу неговиот преведувачки опус на поезија и проза, треба да спомнеме дека го има извшрено и преводот на „Демонот од Дебар Маало“ од Горан Стефановски, кој сега е депониран во Чешкиот книжевен фонд. Интересно е да се каже, дека Митревски пред да замине на студии во Чешка, никогаш не се занимавал со музика, ниту имал формално музичко образование.

– Во Брно ја запознав групата Ливада, која што свиреше македонска музика, и со нив свирев на перкусии неколку години, сѐ до пандемијата, кога по издаденото ЦД групата престана да функционира. Во меѓувреме веќе го запознав Александар од Виена, и по првичниот ентузијазам и енергија, свиревме заедно на неколку пригоди. Првите години свирењето нѝ беше спорадично, спонтано и во „крадено“ време. Но, последниов период се посвеувам поинтензивно на музиката во рамките на оркестарот „Александар“, кој што веќе станува еден вид школа за изворна музика – раскажува Димитар.

Од музички проект до оркестар

Со доаѓањето на Александар во Виена, тој почнал да им држи часови по народни инструменти пред сѐ на деца од македонски иселеници од втората и третата генерација кои покажувале интерес кон македонските народни инструменти како тамбура, кавал, тапан, гајда, дудук…

– Така луѓе кои дознале за мене и мојата работа почнаа да нѐ канат на официјални настани и фестивали. Тогаш немав ни идеја ни претстава каде води сево ова и во колку голема приказна може да прерасне. Нашето име од 2014 беше „Александар и учениците“ при што претежно свиреа дечиња до 18 години, а и јас бев не многу искусен професор во моите доцни дваесетти. Со тек на време почнавме да добиваме и награди со што почна да се потврдува квалитетот и истрајноста. Решив да почнам проект „Учиме народни инструменти“ со поддршка од нашите големи пријатели КУД „Бамби“, во чии простории од 2017 до денес секоја недела се одржуваат бесплатни часови за изучување народни инструменти – се навраќа Арабаџиев.

Овој орекстар во 2019 гостувал на голем фестивал во Белорусија, па од први мај 2019, официјално почнува да функционира со име „Александар“ кој се развил од проектот „Учиме народни инструменти“.

фото: Приватна архива

„Александар“ шири космополитизам преку музиката

– Моментално составот има членови на возраст од 15 – 60 години, претежно Австријци, но во последно време нѝ се зголемува бројот и на Македонци, Срби, Бугари, имаме Персиец, Курди, Евреи , Роми, Власи итн.. Оркестарот е отворен за сите кои негуваат љубов кон оваа музика и ние се фалиме со нашите разновидност, космополитизам и почит за сите, што за жал е реткост дури во 21 век дури и во Виена каде мнозинството културни заедници се затворени конзервативни здруженија – истакнува Арабаџиев.

Диме Митревски сподели дека досега оркестарот „Александар“ освен редовните настапи во Австрија, настапил и во Хрватска, Чешка, Словачка, Германија и Унгарија.

Репертоарот ни е прилично обемен и разнород, но во основа се работи за македонска изворна музика свирена на изворни инструменти. Конкретниот репертоар редовно се менува според потребите на концертот и публиката, како од аспект на песни и ора, кои се свират, така и од аспект на композиција на сплетовите. Сепак, како главна посока и модел мислам дека ни служи музичкиот израз на оригиналниот оркестар Пеце Атанасовски. Во рамките на овој израз се обидуваме да обработиме и дел од најпознатите песни и ора (Гајдарско, Пајдушко и др.), но и помалку познати и не толку експлоатирани мотиви од источна Македонија и сл. Овој пристап ни овозможува голема флексибилност и адаптабилност на најразлични настапи, од фестивали и камерни концерти, до свадби и помали веселби – вели Митревски.

фото: Приватна архива

Оркестарот „Александар“ неодамна се врати од настапот на реномиран фолклорен фестивал во Тореш Вердаш, Португалија.

– Интересно, но и во Португалија гајдата ја викаат „гаита“! Тоа беше шрекрасен фестивал во Тореш Вердаш, близу Лисабон, каде што свиревме на иста сцена со многу познати гајдарски имиња од средна Европа и Шкотска. Сепак само ние понудивме играорна работилница и настапувавме во традиционални носии што го направи нашиот настап на фестивалот интерактивен со посебен шмек – пренесува Арабаџиев.

На овој септемвриски настап во Португалија, му претходеше настапот на годинешното издание на Фестивалот на народни инструменти и игри „Пеце Атанасовски“ во Долнени и во Прилеп, впрочем со нивниот целовечерен концерт во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, започна годинешното фестивалско издание. Иако секаде каде што патуваат низ светот наидуваат на целосна поддршка од страна на организаторите, оркестарот „Александар“ морал целосно сам да си ги сноси трошоците за настапот во Македонија.

Првиот видео-запис на оркестарот е снимен кај манастирот Трескавец

Митревски е задоволен од учеството на фестивалот „Пеце Атансовски“, но смета дека иститот заслужува многу поголемо внимание.

– На овој вестивал бевме на „домашен“ терен, но се работеше за еден од натјешките настапи. За разлика од концертите во странство, каде што публиката најчесто за првпат се среќава со нашата музика, и реагира рефлексно на емоцијата, нашата средина ја знае многу добро музиката што ја свириме, и не можевме да си дозволиме многу импровизации. Сепак, мислам дека успеавме и покрај ситните недостатоци, да искрепиме една солидна енергија во настапите, и да „украдеме“ искрена, ентузијастична реакција од публиката на фестивалот. Веројатно и тоа ни ја донесе наградата Гран при во категоријата за оркестри – вели Митревски.

За време еднонеделниот престој во Македонија членовите на оркестарот го реализирале видео записот на првата студиска снимка на оркестарот „Александар“.

– Направивме видео запис за нашата прва студиска снимка на „Пајдушко оро“ изработена во Виена во студиото на познатиот Павле Богдановиќ, за кое Елена Мелончели го направи видео-записот во Прилеп, кај манастирот Трескавец, а Александар Еленин кој беше постојано со нас, нѝ направи прекрасна фото репортажа од целиот еднонеделен престој во Прилеп и прилепско. Искуството во Прилеп за останатите Австријци беше генерално одлично, со многу музика, смеење, патување, храна, ракија и прилепско пиво – со задоволство ни раскажа Александар.

Овие снимки се дел од поголем проект на оркестарот за снимање на неколку сплета за ора, кои што ќе опфаќаат различни региони на Македонија и ќе ја покажат разноликоста на нашиот фолклор.

Македонската тамбура академски се изучува во Виена

Со тек на времето, членовите на оркестарот и раководителот Александар создале многу пријателства. Сега нивната агенда е полна со настапи, а за некои се приморани и да ги одбијат заради збиениот распоред. Концентрирани се на турнеи, главно надвор од Виена каде што најчесто настапуваат на приватни веселби. За среќа, интересот за изучување на инструменитте и за членство во оркестарот, расте.

– Интересот постојано расте. Можеби Виена е единствено место, надвор од Македонија во кое академски се изучува македонската тамбура. Сето тоа е резултат на нашите залагања. Јас нескромно, тука би ја цитирал мојата многу ценета и почитувана професорка Бајса Арифовска, дека тоа многу зависи од учителот, како работи, со колку љубов и посветеност се внесува, колку е ценет надвор, каде и со кој настапува итн. Така што сметам дека интерес има и се повеќе расте, поготово сега кога веќе имаме многу успешни реализации зад нас – вели Арабаџиев.

Оркестарот „Александар“ е наднационален и има отворен концепт за сите кои ѝ се радуваат на музиката, љубовта и уметноста. Секој нивни член музиката ја прифаќа како своја.

– Ние живееме и работиме во еден светски град на култура. Во Виена пристапот кон секоја музика се гледа како една пасија, кон една магија која те привлекува и која ја чувствуваш. Ако има привлечност и енергија доаѓаш на проби. Ние сме наднационален оркестар и се радуваме на луѓе кои го надминале националното, а се радуваат на музиката, љубовта и уметноста. Така што музиката е прифатена како нивна(наша) и веќе е голем дел од нив( од нас) и се работи со голема љубов и пасија. Како што велат нашите стари, „песната стопан нема!“. Секој што сака да игра и да пее и да се весели, негова е и добредојден е во нашето друштво – вели Арабаџиев.

фото: Приватна архива

Песната стопан нема

Во однос на тоа како е прифатена нивната музика, во Австрија, Митревски посочува дека треба да се направи разлика меѓу виенската и австриската публика.

– Виенската сцена е во голема мера интернационална и отворена за различности. Но, реакцијата на публиката не само во Австрија, туку и секаде во странство, мислам е очекувана – се работи за музика, која што ретко кој надвор од нашиот културен простор ја знае, и често пати не знае ни како да изреагира. Бидејќи сакаме да се профилираме и како танцов оркестар, често пати Александар на среде концерт знае да излезе среде публиката, да им покаже набрзина основни чекори од некое оро, и да ги извлече пред сцената на танец. Тоа секогаш се претвора во една експлозивна атмосфера, која просечната публика ретко би ја доживеала на други концерти – гордо истакнува Митревски.

Инаку, минативе години оркестарот со свои средствазаработени од настапите и со приватно учество успеал да набави инструменти и носии. Речиси сите членови имаат свој инструмент и носија, па тоа ја олеснува работата. Оркестарот од неодамна има и своја студиска опрема. Потребна им е институционална поддршка и од Македонија и од Австрија, за да може оркестарот од музички состав да прерасне во институција, да има сопствени простории и фестивал.
.
Во предстојниот период покрај другите многубројни ангажмани, оркестарот „Александар“ ќе настапи и на јубилејниот концерт на КУД „Македонка“, на настан од Обединетите нации, а за првпат ќе биде дел од отворањето на божиќната програма на главниот Виенски универзитет кој е најстар во германското говорно подрачје.