(Кон претставата „Ангели во Америка, среќна фантазија на национални теми – Дел прв: Милениумот наближува“, во режија на Филип Петковски, а во продукција на Македонскиот народен театар и во копродукција со Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“ од Скопје. Главни улоги: Јордан Симонов, Илин Јовановски, Александар Стоименовски, Наталија Теодосиевска, Стефан Спасов и др.)
Обемната драма на Тони Кушнер, автор што со децении во своите драми ги отвора најдлабоките социјални и политички канцери на дваесеттиот и дваесет и првиот век, „Ангели во Америка“ е напишана во раните деведесетти години и задира во најтемните пори на тогашната Реганова, „конзервативна“ Америка, полна со лицемерство и патетика. Кога сме веќе кај патетиката, Соединетите Американски Држави знаат да се поклонат пред големото дело на овој извонреден драматичар и сценарист и да го овенчаат истото ова исклучително диверзивно дело со највисоката книжевна награда – Пулицеровата, но, секако, она на што укажува овој голем американски драматичар никогаш не се солвирало: слободата на избор (интимна, политичка), без репресии, прогон, без дистанцирање итн. Оваа пиеса во трите децении постоење низ разните политички инструирања и деструирања стана драмска и политичка парадигма – значенска интимна колоратура што никогаш нема да запре со својата интригантност и инспиративност не само во прагматична смисла на театарската сцена туку и во интерпретативна – како аспект што допрва треба да ја разбуди слободоумноста дури и во овој грешен дваесет и први век. Нејсе, „Ангели во Америка“, по повеќе од три децении, по првата своја изведба во театарот „Еурека“ во Сан Франциско, во режија на Дејвид Есбјорнсон, а европската премиера во режија Деклан Донелан во Националниот театар во Лондон, Велика Британија, и по неколку навистина различни концепции на истата пиеса, од кои најсигнификантна е онаа на Кжиштоф Варликовски во „Театар Нови“ во Варшава, Полска, конечно ја имаме и кај нас во режија на Филип Петковски. „Ангели во Америка“ на Кушнер си поигрува со својата жанровска определба, па, така, таа пиеса е фантазија во која една од драматуршките линии е онаа на Рој Кон, најжестокиот поборник на конзервативизмот, моќен адвокат со огромна пајакова јуридичка мрежа во Америка, конечно еден од најголемите учители на актуелниот американски претседател, човек чија хомосексуалност била (и останала) јавна тајна во јавниот живот на овие збрани и моќни држави, а другата е онаа на младите Луис и Прајор, кои соочени со појавата на сидата се обидуваат да ја воспостават вистинската патека на погубноста на нивната слободоумност и интимна определеност. Некаде меѓу нив, меѓу тие драматуршки линии се вгнездува ангелот, со чија фантазмагоричност Кушнер ни го намекнува доаѓањето на една сосема поинаква современа митологија, која е повеќе иронична и цинична отколку влијателна и продуктивна. За респект и дa не зборуваме.
Младиот режисер Филип Петковски конципира претстава што е многу доследно отелотворување на метамитските премиси на самиот Кушнер, обрнувајќи најголемо внимание на доследноста и значенскиот лакмус на текстот, но и на актерската енергија. Неговиот концепт импонира со прецизност, но и со порака што не застанува кај слабодушните дилеми: хомосексуализмот како ориентација или како болест, туку оди понатаму – ги отвора одамна незгаснатите прашања за човековата слобода. И тоа е легитимно и доследно во интерпретацијата на оваа комплексна драма на Кушнер затоа што кога ќе се обидете да ги средите во главата впечатоците од значенската констелација, нешто ви кажува дека таа прецизност и доследност можеби се и најцврстиот, највистинскиот пат кон добро срочената порака кон гледачот.
Варликовски во својата концепција навлегува, во тоа време, во штотуку започнатиот модел на раскажувачки театар и гради една дистанца што не е онаа од омилениот драматичар на Кушнер, Брехт, туку е онаа на игнорантскиот однос на светот кон горливите прашања што ги поставува самиот Кушнер. Филип Петковски се враќа со своето гледање на таа никогаш несфатена и неартикулирана „слобода“ со надоаѓачкиот минимализам во театарот, кој, како и милениумот на којшто предупредува Кушнер, е уште едно преиспитување на изразните модели на театарот на дваесет и првиот век. Токму тој минимализам на Петковски изнедрува претстава што со себе носи и конкретна порака, релевантна за ова време, за милениумот што веќе дошол, но со себе не донел ништо друго освен грев и смрт. Таа порака имаме чувство дека веќе сме ја примиле од други содржини, но Петковски нè уверува дека не сме ја метаболизирале доволно добро, па, така, оваа мошне интересна претстава се обидува да го постави и круцијалното прашање во врска со слободоумноста и правото на избор, а тоа е: „Кога?“ На тоа мисли веројатно и Прајор кога на почетокот од претставата сосема гол ги раширува своите раце и ги упатува нагоре, токму таму од каде што на крајот од првиот дел ќе долета ангелот. Чиј е тој ангел? Тоа прашање останува да лебди во воздухот, кој во овие сè уште незрели општества сепак ќе остане на ниво на митологија.
Она што понесува во оваа претстава е актерската енергија, која придонесува за кохерентноста на претставата, но и за артикулација на самиот концепт. Овде најмногу мислам на Илин Јованоски како Прајор, актер што со својата голема умешност, екстравагантноста и екстравертноста на својот лик ги надградува со висока нота на иронија, и Александар Стоименовски како Луис, кој тивкиот и ненаметлив еротизам го натопува во длабока емотивност на начин што одушевува. Овој одлично интерпретиран двоец го надополнува и сјајната улога на Дамјан Цветановски како Белиз, кој на сцената донесе неколку интересни крокија, карактери чија сигнификантност навистина восхитува, улога што овој навистина талентиран актер ја одигрува мошне умно, користејќи ги изразните потенцирања на карактерите како би изнијансирал еден имагинативен лик, компактен и органичен докрај. Тука би го споменале и ликот на моќниот Рој Кон, кој Јордан Симонов го одигрува во една груба, но многу конкретна актерска изразност, но со една задржана рационалност, која можеби и не е толку типична за овој единствен реалистичен лик во пиесата. Мошне динамично дејствуваат и Џо Пит на Стефан Спасов и Харпер Пит на Наталија Теодосиевска, кои како млад брачен пар, изневерен од своите интимни недоразбирања, потонуваат во гравидно и неизлечиво недоразбирање, а симпатична е и епизодната улога на Тања Петковска како мајката на Џо Пит.
Целата оваа галерија на добро оцртани ликови го отвора токму тој свет на милениумското недоразбирање, кое со себе носи не само интимни консеквенции туку и политички дисторзии, кои по неколку децении стануваат голем општествен проблем токму во транзитивните земји, каде што хипокризијата е единствениот конвенционален, но провиден социјален штит.
Првиот дел на „Ангели во Америка“ има и убаво срочена визуализација: сценографијата на Мартин Манев, која успева да ги вовлече во своите фино исцртани ѕидови сите овие ликови, а тука некаде е и реалистичната костимографија на Антонија Гугинска Јордановска, во која мошне импресивно се надополнуваат и крилјата на ангелот.
Тони Кушнер во оваа своја круцијална пиеса во еден момент ќе рече: „Имагинацијата не може да создаде ништо ново, нели? Таа само рециклира парчиња од светот и ги составува во визии… Па, кога мислиме дека сме избегале од неподносливата обичност, па и од невистинитоста на нашите животи, тоа се всушност само истата стара обичност и лажливост преуредена во изглед на новина и вистина. Ништо непознато не е спознајно. Не мислите ли дека е депресивно?“ И сосема е во право. А во право е и Филип Петковски кога со оваа претстава нè потсетува дека милениумот дојде, но дека не се случи ништо импресивно, дека тој веќе потрошил една третина од своето постоење, а ние сме исфрлиле во неврат половина од своите животи.
Рецензија на Сашо Огненовски