Повод – 272 години од смртта на Христофор Жефаровиќ
- Меѓу големиот број личности од македонската историја што се предмет на бугарско ретуширање може да се вброи и Христофор Жефаровиќ, познат зограф, иконописец, бакрорезец, писател, трговец и хералдичар од првата половина на 18 век, со потекло од Македонија, поточно од Дојран.
Неполн век по неговата смрт, под влијание на хегемонистичките и шовинистички идеологии за кои требало да се најде легитимитет, некои од балканските историографии ставени во таква функција почнале да претураат по „славното“ минато и да се впуштаат во определување на етничката или поскоро националната припадност на Жефаровиќ

Бугарското присвојување на македонската историја и македонските историски личности има длабоки корени во 19 век кога се создаваа балканските нации, вклучително и бугарската нација. Тогашните бугарски пропагандисти ги третираа припадниците на македонскиот народ како западни Бугари, оттука сите македонски историски и културни обележја се декларираат како бугарски, како што е примерот со Охридската архиепископија или Свети Климент Охридски. Денешните бугарски присвојувања на македонските особености се одликуваат со ретуширање онлајн енциклопедии (како што е Википедија) и учебници, каде што македонските историски личности добиваат бугарски национални епитети. Не треба да се заборават и официјалните бугарски публикации, кои имаат цел да го прикажат наводниот бугарски континуитет во Македонија од седмиот век, па сѐ до денес, нешто што е спротивно на историската вистина. Меѓу големиот број личности од македонската историја што се предмет на бугарско ретуширање може да се вброи и Христофор Жефаровиќ, познат зограф, иконописец, бакрорезец, писател, трговец и хералдичар од првата половина на 18 век, со потекло од Македонија, поточно од Дојран. За бугарските апсурдности за Жефаровиќ, проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев вели дека неполн век по неговата смрт, под влијание на националните идеологии за кои требало да се најде легитимитет, балканските историографии почнале да претаат по „славното“ минато и да се впуштаат во определување на етничката – или поскоро националната припадност на Жефаровиќ.
Кој Жефаровиќ?
Роден веројатно кон крајот на 1690 година во Дојран, од родители Димитрија и Ѓурѓица. Роденото име не му се знае, туку познат е по неговото монашко и писателско име. Веројатно е дека бил од родот Џефаровци и дека додал наставка на презимето за да изгледа црковнословенско. Жефаровиќ се школувал во грчки училишта и поради тоа на своите трудови често се потпишувал грчки. Уметнички бил формиран во македонските културни центри (Солун и Охрид), каде што веќе биле навлезени елементите на западната уметност. Со ваква ликовна ориентација и со несомнена надареност, овој јероѓакон, со некои свои роднини, тргнал од Дојран, каде што останале неговите родители, и дошол во Војводина, во Карловачката митрополија, во средината што за него била духовно зрела. Но до крајот на својот живот одржувал тесни врски со својот роден крај.
За првпат неговото име се спомнува во Белград во 1734 година, каде што бил веќе прочуен како зограф (сликар). Бил истовремено трговец на книги и богослужбени предмети и уметник. Во Војводина, Жефаровиќ прво се ориентирал кон сликарството и живописот. Ниту еден труд од неговиот ран период не е зачуван, но се знае дека имал голем углед штом во 1737 година му било доверено зографирањето на црквата во манастирот Боѓани во Бачка. Во овој живопис покажал големи уметнички квалитети.
Тој ги решавал ликовните проблеми речиси на ист начин како што ги решавале италијанските сликари на треченто и кватроченто и поради тоа може да се рече дека Жефаровиќ е прв уметник од црковните редови што настојувал да се ослободи од зографската традиција и да ги прифати тековите на новата уметност со која почнува ренесансата во Војводина. По својот стил, Жефаровиќ се смета за еден од последните зографи на Балканскиот Полуостров со кој завршува епохата на стариот живопис.
Како монах и свештеник ја превел и насликал прочуената „Стематографија“ (грбовник) од оригиналот на хрватскиот илирски хералдичар Павле Ритер Витезовиќ (1652-1713), издадена во Виена во 1741 година. „Стематографија“ содржи галерија со ликови на балкански цареви и светии, грбовник на земјите од Источна Европа и белешки кон грбовникот. Кон секој грб има и по една стихотворба, која ги опишува нивните историја и симболи, исто така и превод од делото на Витезовиќ. „Стематографија“ имала многу значаjна улога во создавањето на симболите на модерните балкански нации.
Минатото во функција на националните идеологии
Без да се земе предвид времето во кое живеел, како и влијанието на тогашните идеи, на Жефаровиќ неосновано му се лепат национални етикети. Идеолошки гледано, Жефаровиќ е под влијание на илиризмот, културно и национално движење што имаше цел да ги обедини јужнословенските народи, како и воведување заеднички литературен јазик. Всушност Жефаровиќ може да се препознае како еден од првите дејци на илиризмот, бидејќи преку своите гравури и хералдички грбовници го промовира идеалот за јужнословенска единственост. Не случајно Жефаровиќ систематизира 40 илустрирани табли со грбови на јужнословенските земји, вклучително и грбот на Македонија. Подоцна во 30-тите и 40-тите години на 19 век, хрватското илирско движење ги користеше делата на Жефаровиќ како доказ за заедничкото историско и културно наследство на балканските народи.
За оваа проблематика проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев вели дека во својата „Стематографија“, која му ја посветува на патријархот Арсение Шести Јовановиќ Шакабента, Жефаровиќ се определува како илирско-рашки зограф (иллирiко рассiанскiи общïй зографъ).
– Но илирско-рашки не може да биде валиден етноним; ваквата самоопределба на Жефаровиќ, од наше гледиште, поскоро има идеолошка и професионална суштина, одошто е ознака за некаква етничка определба – вели Ѓорѓиев.
Според Ѓорѓиев, во поткрепа на тезата за наводната бугарска етничка припадност на Жефаровиќ, особено се користи едно „завештание“ што му се припишува; ова обично се прави со селективно користење на податоците од една куса библиографска белешка. Во неа се обработуваат неколкуте документи од предметот заведен под број 326 во архивот на Светиот синод, со наслов: „1754 година, на седмиот ден на септември. Според извештајот на Колегиумот за надворешни работи, а во врска со личните предмети на бугарскиот свештеник Зефарович, оставени во Москва под заштита на синодалниот чувар на сакристијата“. При сѐ што во оформениот предмет Жефаровиќ е означен како „бугарски свештеник“, во наведените податоци од завештанието, кое било напишано на грчки јазик, нема ниту еден елемент што алудира на каква и да е етничка самоопределба на завештателот. Во интерес на вистината, треба да се потцрта дека, врз основа на документацијата во посочениов предмет, авторот на оваа библиографска белешка педантно ја прибележал народноста на секој еден учесник во оставинската постапка – освен на Жефаровиќ.
– Од методолошка гледна точка, случајот на етничката припадност и самоопределувањето на Христофор Жефаровиќ не може да се дефинира поинаку, освен како ангажирање на минатото за градење современи национални идеологии. Така еден културен деец од османлиска Македонија и приврзаник на општоилирската/јужнословенската идеја, кој со својата „Стематографија“ имал значајно влијание врз романтичарскиот занес кај јужнословенските народи кон средината на 18 век, преку историјата и книжевноста стана инструмент на националните идеологии на современите балкански држави – нагласува Ванчо Ѓорѓиев.