• Најпреведуваниот словенечки писател Евалд Флисар е лауреат на „Прозарт 2025“

Претставник на италијанскиот гигант „Џунти едиторе“, поранешна директорка во „Рандом хаус“ и актуелна уредничка на британска издавачка куќа, еден од најугледните издавачи на книги за деца од Украина, шпанскиот издавач на Јосип Коцев, унгарскиот издавач на Румена Бужаровска, претставничка од „Традуки“, директор на литературна агенција од ОАЕ, претставник на Интернационалната алијанса на независни издавачи и уште многу издавачи од Европа ќе бидат дел од програмата „Скопје фелоушип“ на 13. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Фестивалот ќе се одржи од недела до вторник во Даутпашиниот амам во Скопје.

Во програмата „Скопје фелоушип“ традиционално учествуваат врвни издавачи и литературни агенти од целиот свет, со цел македонската литература да се доближи и претстави пред меѓународната читателска публика.Учесниците на програмата ќе остварат средби со претставници на Македонската асоцијација на издавачи, ќе ги следат настапите на писателите и ќе учествуваат на тркалезната маса „Војни, вештачка интелигенција, литература“.

Учесници на 12. „Скопје фелоушип“ ќе бидат: Прашант Патак од Италија, Тасја Доркофикис, Иван Федечко, Марко Видал Гонзалес, Франтишек Малик, Силвија Куцоги, Ида Антонела (Дела) Пасарели, Марта Гурска, Катрин Реинма, Катажина Домањска, Аленка Урх, Александра Ц. Апостолаки, Саша Крниќ, Ана Шлосбауер и Тамер Саид. Некои од учесниците на „Скопје фелоушип“ се дел и од проектот „Нашата мала библиотека“, во која учествува и „Прозарт медија“, организатор на фестивалот.
Наградата „прозарт“, која интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ му ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на словенечкиот писател Евалд Флисар. Наградата ќе му биде доделена на авторот лично, на свеченото затворање на фестивалот, во Даутпашиниот амам во Скопје, на 23 септември.

Флисар е најпреведуваниот словенечки писател и драматург, автор со извонреден меѓународен успех – неговите романи и драми се преведени на 40 јазици, со вкупно 270 изданија низ светот. Неговите дела се поставувани на сцени во Лондон, Вашингтон, Рејкјавик, Москва, Мумбај, Њу Делхи, Токио и во десетици други професионални театри на сите континенти.

Флисар е автор на 18 романи, 16 драми, три книги есеи и голем број раскази. Тој бил претседател на Друштвото на словенечките писатели во три мандати (1995–2002). Добитник е на голем број награди, меѓу кои и највисоката државна награда за литература – Прешернова награда, наградата Жупанчиќ за животно дело, како и меѓународни признанија, вклучувајќи ја и италијанската „Ла Магна Капитана“. Бил номиниран за меѓународната Даблинска книжевна награда и учествувал на повеќе од педесет книжевни фестивали и настани низ светот.

Тој е член на Словенечката академија на науките и уметностите. Неговиот роман „Чиракот на волшебникот“ (1986) е најчитаниот словенечки роман на 20 век, со 13 изданија во Словенија и голем број преводи.
– Флисар е мајстор на раскажувањето и дијалогот, а неговиот јазик звучи со необична природност и во романите и во драмите. Преку остри конфликти на различни перспективи, тој гради синтеза на севкупен светоглед. Со својата префинета синтеза на реализам, иронија, симболизам и чувствителност, Флисар заслужено се смета за наследник на Чехов, театарот на апсурдот и англиската и американската драма од втората половина на 20 век. Затоа наградата „Прозарт“ сосема заслужено му припаѓа на еден од големите балкански мајстори на пишаниот збор – се наведува во образложението за доделување на „Прозарт“.

Претседател на жир-комисијата за доделување на наградата е проф. д-р Ермис Лафазановски, а членови се проф. д-р Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.
Во дополнителната програма на фестивалот ќе се одржи и промоција на книгата „30 современи грчки автори“.

Организатор на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медија“ од Скопје. С.Ј.