Фељтон за значењето на процесот на образованието и воспитувањето во Македонија
- На 9 септември 1992 година, во паралелките на македонски наставен јазик, наставата ја бојкотираа поголем број ученици. Причината за овој бојкот е барањето на дел од родителите наставата во прво одделение наместо на македонски наставен јазик (нивен мајчин јазик), да се изведува на турски наставен јазик, кој е туѓ и непознат, како за учениците така и за нивните родители
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
На почетокот на учебната 1992/1993 година, наставата во ЦОУ „Моша Пијаде“ во Центар Жупа започнала нормално, како и во изминатите триесет години. На македонски наставен јазик од прво до осмо одделение имало 625 ученици, на албански наставен јазик од прво до осмо одделение имало 83 ученици и на турски наставен јазик наставата од прво до осмо одделение ја следеле 377 ученици. По паралелки биле распоредени во 26 на македонски, седум на албански и во 12 на турски јазик (со спомнувањето на турскиот наставен јазик се укажува на ученици и на паралелки во Горна Жупа, а не во ЦОУ „Моша Пијаде“ – Центар Жупа).
Бојкот на наставата на македонски јазик
На 9 септември 1992 година, во паралелките на македонски наставен јазик, наставата ја бојкотираа поголем број ученици. Причината за овој бојкот е барањето на дел од родителите наставата во прво одделение наместо на македонски наставен јазик (нивен мајчин јазик), да се изведува на турски наставен јазик, кој е туѓ и непознат како за учениците така и за нивните родители.
Од 9 септември 1992 година до денес учениците не ја посетуваа наставата. Така, до 28 декември 1992 година, од прво до осмо одделение во ЦОУ „Моша Пијаде“ – Центар Жупа, наставата во паралелките со македонски наставен јазик ја посетувале определен број ученици, кој варирал од 170 до 200. Бројот на ученици што не ја посетувале наставата на македонски наставен јазик се движел до 457 ученици.

Дел од учениците од второ до осмо одделение не ја посетувале наставата на мајчин македонски јазик во ЦОУ „Моша Пијаде“ – Центар Жупа, со писмени изјави од родителите во кои тие ја изразиле својата желба нивните деца наставата да ја следат на турски или на албански наставен јазик. Притоа, била констатирана следната состојба на 8, 9 и на 10 декември 1992 година: (прво одделение – двајца опфатени ученици во паралелките на албански наставен јазик во Центар Жупа; второ одделение – еден во паралелките на албански наставен јазик во Центар Жупа и еден во паралелките на турски наставен јазик во село Брештани; трето одделение – тројца во паралелките на албански наставен јазик во Центар Жупа и шестмина во паралелките на турски наставен јазик во селата Брештани и Коџаџик; четврто одделение – тројца во паралелките на албански наставен јазик во Центар Жупа и седуммина во паралелките на турски наставен јазик во Брештани и во Коџаџик; петто одделение – четворица во паралелките на албански наставен јазик во Центар Жупа и 24 во паралелките на турски наставен јазик во Коџаџик; шесто одделение – четворица во паралелките на албански наставен јазик во Центар Жупа и 27 во паралелките на турски наставен јазик во Брештани и во Коџаџик; седмо одделение – двајца во паралелките на албански наставен јазик во Центар Жупа и 26 во паралелките на турски наставен јазик во Брештани и во Коџаџик; осмо одделение – двајца во паралелките на албански јазик во Центар Жупа и 17 во паралелките на турски наставен јазик во Брештани и во Коџаџик. Вкупниот број во сите осум одделенија изнесувал 21 ученик во паралелките на албански наставен јазик во Центар Жупа и 108 ученици во паралелките на турски наставен јазик во Брештани и во Коџаџик.
Според изјавите на родителите, бројот на ученици што ја следеле наставата на турски наставен јазик во подрачните паралелки во селата Коџаџик и Брештани бил променлив.
Подрачните паралелки на турски наставен јазик во селото Коџаџик, во кои учениците од Центар Жупа што се Македонци со исламска вероисповед по желба на родителите ја посетувале наставата од V до VIII одделение, се оддалечени околу девет километри од нивното место на живеење. Со прифаќањето на учениците од Долна Жупа во подрачните паралелки од V до VIII одделение во селото Коџаџик биле создадени крајно неповолни, дури невозможни услови за работа, и тоа од неколку аспекти. Бројот на учениците во паралелките бил повеќе од 40, а во V одделение имало дури 53 ученици. Имено, и во нормални услови (доколку се работи со учениците што континуирано од V одделение ја следат наставата), не е можно успешно да се реализираат програмските барања.
Вториот проблем е што овие ученици биле вклучени во настава, која се изведувала на јазик што за нив е туѓ и непознат, а и по претпоставка да го „разбрале“ сигурно имало голем број тешкотии зашто во неа се вклучиле по четири месеци пауза. Во разговор со наставниците што работеа во овие паралелки беше напоменато дека новодојдените ученици само го прифаќаат јазикот од „хуманитарни причини“. Тие не само што не го зборувале овој јазик (турскиот) туку и не го разбирале, затоа со нив не било можно да се реализира настава на турски јазик. Третиот проблем е целосно нарушување, дури и невозможно да се реализира наставата со редовните ученици.
Што констатира Педагошкиот завод на Македонија
Тоа дека учениците од V до VIII одделение не го знаат турскиот јазик беше констатирано од страна на советник на Педагошкиот завод на Македонија, кој по националност е Турчин. Неговата констатација е дека само два ученика делумно го разбираат турскиот (деца од мешан брак), при што преостанатите ученици се чувствувале посрамени и понижени кога не знаеле на турски јазик да одговорат на прашања за елементарни работи од секојдневниот живот (Како се викаш? Во кое одделение учиш? На турски да избројат до десет и слично). Според изјавите на учениците, напуштањето на основното училиште во Центар Жупа и преместувањето во паралелки на турски наставен јазик било желба на нивните родители, така што не е тешко да се заклучи дека со судбината на овие деца си поигруваат оние што најмногу треба да бидат загрижени за нивниот просперитет – родителите. Тие (родителите) под политички притисок на Демократската партија на Турците станале партиска играчка за остварување политички цели, односно за вештачко зголемување на бројот на етничките Турци. Исто така, и во подрачните паралелки од прво до четврто одделение на турски наставен јазик во селото Брештани, кое од Центар Жупа е оддалечено повеќе од пет километри, според желбите на родителите, учениците се преместени.
Од испитувањето спроведено од страна на стручниот работник во Педагошкиот завод на Македонија, како што наведов Турчин, било констатирано дека имало само два ученика од селото Житинани што делумно го разбирале турскиот јазик (нивните мајки по националност биле Турчинки), а преостанатите ученици ниту го зборувале ниту го разбирале. Во текот на разговорот, наставникот нѐ информира дека не е можно со новодојдените ученици во III одделение да се реализира програмата на турски наставен јазик. И овие деца морале секој ден да патуваат по 10 километри во двата правца за да дојдат до училиштето. Особено не било можно да ја посетуваат наставата во попладневната смена во текот на зимскиот период (училиштето располага со една училница, а наставата се изведува во две смени). Истовремено, во ЦОУ „Моша Пијаде“ во Центар Жупа, учениците што се Македонци со исламска вероисповед, според желбите на родителите, наставата ја посетувале во паралелките на албански наставен јазик, при што се констатирало дека најголем дел од нив не го познавале албанскиот јазик, некои делумно го знаеле, но единствена оцена било дека овие ученици не можат успешно да се вклучат во наставата на албански наставен јазик.
На учениците, особено на оние што посетувале настава на албански наставен јазик, им било поставено прашање: зошто се определиле да ја посетуваат наставата на албански наставен јазик кога не го разбираат јазикот, при што им биле посочени последиците што ги очекуваат, дека ќе ја изгубат училишната година и во наредните години тешко ќе можат да го завршат основното образование, нема да бидат во можност да го продолжат своето образование во средните училишта, иако за тоа искажале желба. Учениците изјавиле дека се свесни за последиците, но нивните родители сакале да учат на албански наставен јазик, а тие морале да го почитуваат тоа.
продолжува
(извадок од книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“ од Ѓорѓи Илиевски)