И по повеќе од 100 години, на јавни настани во нашата земја се демонстрираат хегемонистичко-империјалистички аспирации кон Македонија
- Низата одбележувања и чествувања настани од историјата што се случувале на територијата на нашата држава, кои историографијата ги регистрира како присвојување македонска територија, војување против македонските интереси, империјалистички освојувања на нашата територија, уништување имот и човечки загуби кај македонско население присилно мобилизирано во туѓи војски и за други интереси, покажуваат дека се продолжува со злоупотребата на македонското гостопримство така што се раскажуваат славни херојски епизоди на други народи, без притоа да се спомене дека Македонија била окупирана од истите оние што и порано и сега ја сметаат за своја земја, а Македонците што биле присилно мобилизирани во оваа или онаа армија, никој никаде не ги споменува…
Македонската јавност подолг период сведочи за голем број одбележувања и комеморации низ земјава на разни датуми важни за земјите од соседството и пошироко, на кои и натаму отворено се туркаат хегемонистичко-империјалистички политики и се деноминираат македонската национална историја и наследство и практично со умисла или некаква небрежност се омаловажуваат државата и нацијата.
Најсвеж пример е комеморацијата за Првата светска војна на т.н. Солунски фронт, при што српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ од Кајмакчалан испрати порака дека таму бил пробиен патот кон слободата и дека преку таа порта српските војници што учествувале во борбите на Солунскиот фронт се вратиле во „својата земја“ (?!).
Од истото место српската министерка за труд, вработување, боречка и социјална политика Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски порача дека српските војници на Кајмакчалан ја заштитиле својата татковина.
– Српските војници на Кајмакчалан го примиле ударот и со своите гради ја заштитиле својата татковина – порача српската министерка пред спомен-костурницата додека околу неа се вееја српското и грчкото знаме.
Слични примери имаше и во минатото, кога Бугарија одбележуваше свои датуми на македонска територија, повторно со истиот наратив, дека паднале во одбрана на својата „татковина“.
Сите овие настани покажуваат дека продолжува да се злоупотребува македонското гостопримство така што се раскажуваат славни херојски епизоди на други народи, без притоа да се спомене дека Македонија била окупирана од истите оние што и порано и сега ја сметаат за своја земја, а Македонците што биле присилно мобилизирани во оваа или онаа армија, никој никаде не ги споменува.
– Кога такви делегации доаѓаат во земјава, тоа треба да биде канализирано. Не може разни делегации да доаѓаат во Македонија и да раскажуваат дека ослободувале нивна земја, да говорат за ист корен, наши браќа и слично. Но тука треба нашата држава да биде поригорозна во тој поглед. Кога се прават вакви државни чествувања, мора државата домаќин да биде дел од настанот и уште претходно да биде запознаена со учесниците, но и со она што ќе се зборува. Не може таму да има македонски претставник и да слуша изјави од типот „наша земја, наши браќа“ и слично, а да не реагира. Не може во ист кош да се ставаат сите работи. Тие настани за нив можеби се победа, но за нас се пораз и затоа мора да се внимава што се кажува – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Според него, Британците и Французите чествувањето на своите загинати на македонска територија го прават малку подостоинствено, но сепак е контекстот на политиките на империјалистичките сили во историјата и нивните војни, кои не се совпаѓаат баш со македонските национални стремежи за ослободување и создавање своја држава.
– Британците и Французите што доаѓаат на гробиштата им оддаваат почит без преголема помпа и без раскажување приказни дека сме браќа, дека сме ова или она. Едноставно треба да им се оддаде почит, да се каже што било и како било и толку. Сето тоа треба да биде во цивилизациски рамки, оти ние Македонците како цивилизиран народ сме ви дозволиле да дојдете и да го чествувате тоа и покрај тоа што сте правеле зулум на оваа територија. Ова што другите го прават е класична злоупотреба – категоричен е Чепреганов.
Тој додава дека едно е градење пријателски односи со соседите, но друго е почитување на земјата домаќин, притоа дополнувајќи дека вистинските пријатели отворено си ги кажуваат работите колку и да не им се допаѓаат.
– Во ред се пријателски односи, но треба да има почитување и тие политичари што доаѓаат од страна треба да имаат почит кон македонската држава. Да, можете да дојдете да ги чествувате жртвите, но да имате предвид што ќе кажете. Не можете тука да дојдете и да ширите српство или бугарштина, а Македонија била окупирана од обете земји. Ние како да се плашиме да кажеме дека Македонија во периодот од 1913 до 1944 година беше под окупација, те на Бугарија, те на Србија. Тие војни што се водеа се водеа на македонска територија. Каде се тие Македонци што војуваа во редовите на бугарската, српската и на грчката војска? Дали нив некој ги спомнува? Секогаш потенцирам, тоа не беа бугарски, српски или грчки војници, туку тоа беа војници во бугарската, српската и грчката армија. Многу од нив беа Македонци, кои во таа војска влегоа со надеж дека ќе се борат за слобода на Македонија, а не за остварување на целите таму на некои кралеви, цареви и слично. Нив никој од оние што доаѓаат сега во земјава и држат комеморации не ги споменува, си доаѓаат како ова да е нивна дедовина. И тоа во 21 век даваат вакви изјави во согласност со нивните хегемонистички политики – истакнува Чепреганов.
За него нема никаква дилема дека секоја земја може да си гради сопствен историски наратив, но и да го почитува туѓиот историски наратив.
– Веете српски, грчки, бугарски знамиња, а нема ниту едно македонско знаме. На која територија го правите тоа? Мора јасно да им се каже дека на сите нив дека тие не беа ослободители на македонскиот народ, туку окупатори. Си доаѓаат тука како да е нивна земја и така продолжуваат да ја сметаат. Вие си имате своја историја, ние своја и треба да ја почитувате таа наша историја. Кога ќе дојдат тука, треба во рамките на тоа да изразат почит, но мора да ја споменат Македонија како самостојна независна држава и да ги спомнат Македонците што се бореле за идеите за Македонија и кои заради тие идеи учествувале и загинале во туѓите војски – заклучува професорот Чепреганов.