Миа Милошеска, лице за односи со јавност на „Авалон продукција“

Љупчо Давчев

Велат дека да се работи во промоторска музичка куќа е голем и тежок предизвик, особено кога си од едно мало место од Балканот. Сите тие состаноци, договарање на условите за носење големо или мало име од областа на светската или домашната сцена, одредување на салата, каде што одговараш за ризиците како на публиката така и на изведувачите, стресни ситуации, соработка со агенции за безбедност, полиција, брза помош, пожарна служба, медиуми, дали посетеноста ќе ги покрие трошоците, целиот тој финансиски заокружен процес, спонзори, пијалаци… значи еден куп познати и непознати ситници што го обликуваат концертот. И сето тоа мора да биде изведено беспрекорно, сигурно, безбедно, ефикасно, ефективно, навремено, за да не оставиш можност да те критикуваат, а со тоа да ти го намалат рејтингот, влијанието. И велат дека тоа е машка работа, а навистина кога ќе се погледне структурата на поголемите промоторски куќи се гледа дека речиси сите се припадници на машкиот пол. Така вели статистиката, но во пракса има и исклучоци. Еден од тие исклучоци е и Миа од „Авалон продукција“. Иако работи во својата семејна продукциска куќа „Авалон“, таа се повеќе ги презема надлежностите што според убедувањето му припаѓаат на машкиот пол. И тоа го работи успешно иако е многу млада. Направивме на еден краток разговор со неа, во кој ги откриваме темите што се однесуваат на таа област.

Како е да се работи една машка работа, и тоа во една од врвните продуцентски куќи кај на нас?
– Искрено, никогаш не сум почувствувала некаков притисок дека работам машка работа во мојата генерација, мило ми е што можам да кажам дека таа поделба не постои. Имањето став и интелектуална и физичка подготвеност истиот став да го изнесеш не е машка работа, туку едноставно работа на човек со став.
Се разбира, голем придонес има и фактот што имав и сѐ уште имам среќа да учам од луѓето со кои сум опкружена, кои се високи професионалци во своето поле, со години искуство, и кои ми помогнаа скалило по скалило да се оформам во личност за која, како што велите вие, може да се каже дека работи машка работа од млади женски години. На крајот на краиштата, најважно е искуството, а, за да станеш искусен, мора да се изгориш неколкупати. Јас би кажала дека сум некаде блиску до половина од патот.

Вашата куќа е една од поквалитетните на овие балкански простори, гледајќи го портфолиото на она што сте го изработиле досега. Како тече целиот тој процес?
– За почеток, нормално дека ја гледаме расположливоста на светската сцена, кој е таа сезона на турнеја и во чија турнеја се вклопува градот логистички во таа рута. Изборот на артисти не е нешто што може логички или математички да се одбере – никогаш не постои формула која може да ја одреди потенцијалната посетеност и, со тоа, финансиска исплатливост или неисплатливост. Веројатно, тоа е она што нѐ прави нас успешни и тоа што сме, способноста да погодиш кец во десетка, но и способноста да издржиш психички и професионално кога нема да погодиш нешто што си очекувал да биде кец во десетка. На крајот на краиштата, таков ни е бизнисот.

Опиши ни го накратко оној дел што го работиш ти? Кој ти е омилен концерт што си го работела, а кој најизискувачки?
– Jaс го работам креативниот дел или сетоoна што во некаква форма како информација стигнува до потенцијалниот купувач на влезници. Морам да кажам дека, како љубител на музиката и културата, шансата да си на позиција да смислуваш и реализираш кампања за концерт на уметник чија уметност ја почитуваш, и тоа да го правиш во сопствениот град – нема цена. Kaко најизискувачки проект веројатно би го одвоила концертот на Стинг во Сараево, кој лично за мене претставуваше комплетно излегување од комфорната зона, земајќи предвид дека подразбираше не само влегување во за мене нов пазар – Сараево, туку и пазар што од 1990-тите немаше видено голем светски концерт. Работата со нови луѓе, барањето нови соработници и, над сето тоа, работењето во нов пазар и со нови потрошувачи за мене беше нешто што на професионален план, за еден месец ме порасна цели пет години на професионално ниво. Со тој концерт ние испишавме историја во Сараево и во Босна. Но, кoлку и да беше тоа искуство непроценливо, сепак, како омилен проект би ги одвоила концертот на Грејс Џонс при „Скопје колинг“ минатата година и кој било проект на Каролина Гочева, дали видеоспот, албум или концерт, од причина што во тој случај целиот креативен и логистички процес почнува и завршува со нас и така најубаво можеш да го видиш и да уживаш во резултатот на макотрпната работа на целиот тим и на Каролина.

Едно време издававте и сопствени изданија на македонски артисти?
– Да, изданијата на „Авалон“ ја имаат обележано првата деценија од 21век и реално вистината е дека со нив всушност се раѓа македонската поп и комерцијална музичка сцена. Каролина, „Ареа“, Ерзана, „Нокаут“, Тоше, Врчак, Брејк, Игор Џамбазов, „Мизар“, „Леб и сол“… – еден период во македонската историја за кој чувствувам носталгија, а го паметам само како низ магла.

Кога сме кај концертите, одиш ли често надвор од Македонија на концерти? Кој ти најомилен концерт на кој си била, а кој е концерт на кој сакаш да присуствуваш?
– Да, покрај она што е во моментов актуелно и вреди да се види од професионален аспект, одам на концерти и приватно. Омилен концерт ми е веројатно концертот на Исланѓаните „Сигур Рос“ во Загреб, за кој постојано велам дека беше вистинско катарзично искуство. „Радиохед“ и „Кингс оф лион“ во Берлин, Ед Шеран во Милано во 2015… Искрено, иако имам гледано многу концерти, повеќето од нив ги имам гледано како мало девојче и жал ми е што иако можам да кажам дека сум го гледала артистот, не се сеќавам на целото искуство. Па така, би ги гледала пак „Мамфорд енд Сонс“, „Блек Кејс“. А неисполнета желба ми се „Флетвуд Мек“ доколку повторно се спојат и „Портишид“. A, да – и Ник Кејв!

Вие го организиравте концертот на Ник Кејв на 22 август во Скопје, а Ник Кејв првпат дојде во Македонија, и тоа би требало да е врв во кариерата на вашата матична продукција. Планови за идната сезона?
– Можеби не е врв кога е во прашање моменталната комерцијална големина на името, земајќи предвид што имаме работено изминативе 30 години низ регионот. Но, покрај Боб Дилан, ова е најголемото име не само во музиката туку во културата, кое сме имале чест да го работиме, а уште поубаво, да го работиме дома. Бидејќи за нас, а за мене сигурно, секогаш е најубаво кога работиме дома. Голем поздрав до сите што го читаат ова интервју и кои се верни поддржувачи на културата во Македонија и помагаат во кревањето на нејзиниот стандард. Се гледаме со нив на некој следен настан.