фото: Приватна архива

ЕДНА „ВЕЧЕР СО ОЛГА ПАНКИНА“, ДВА ЗНАЧАЈНИ ЈУБИЛЕЈА

Во Друштвото на писателите на Македонија, утре со почеток во 19 часот, ќе се одржи „Вечер со Олга Панкина“ – преведувачка, поетеса и претставувачка на македонската книжевност и култура. Едновремено ќе бидат одбележани два значајни јубилеја: педесет години од основањето на Лекторатот за македонски јазик во Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ и петнаесет години од отворањето на Македонскиот културен центар во Москва.

Вечерта ќе ја отвори претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Живко Грозданоски, кој ќе ја претстави Олга Панкина како директорка на Македонскиот културен центар во Москва. Потоа поетот Ефтим Клетников ќе одржи беседа за нејзината поезија и за нејзините есеи. Со Олга Панкина ќе разговара новинарката и водителка на настанот Катерина Богоева.

Позната македонистка и преведувачка, поетеса, сликарка…

Панкина е позната македонистка и преведувачка, поетеса, сликарка, популаризаторка на македонската култура во Русија. Студирала на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ (1975-1980) и е филолог и стручњак за словенски јазици и литератури. Била на подолго стажирање во МАНУ. Дипломската теза ја подготвила со научно менторство на академик Блаже Конески. Од 2007 до 2011 предава македонски јазик во Меѓународниот словенски институт и во Академијата за словенски култури во Москва. Сега ја води рубриката за Македонија во литературно-уметничкото списание „Меценат и свет“, кое се издава во Москва.

Олга Панкина пишува поезиjа и кратка проза на руски и на македонски jазик. Авторка е на поетските збирки: „Предзимје“, „Паралелни светови“, „Плисок“, „Меѓусебна потрага“, „Тапан на пат“ и на збирката раскази „Сината птица“. Има објавено повеќе од 80 научни реферати и статии од областа на македонистиката, како и книгите со есеи „Размислувања за литературата“ и „Македонската книжевност низ призма на преводот“. Панкина е авторка на повеќе статии за Македонија во разни руски списанија. Нејзиниот научен интерес лежи во доменот на современиот македонски јазик, лексикографијата, теоријата и практиката на преведување од и на словенски јазици. Авторка е на преводите на 78 посебни книги од македонски писатели, како и на преводите на творби (поетски, прозни, драмски, критичкоесеистички) од 300 македонски писатели, претставени во рамките на антологиски избори, панорами и одделни објави. Таа е авторка на проектот „Библиотека на литературата на Македонија“ – приреди, преведе и обезбеди пари за печатење на антологиите: „Македонски раскази“ (2009, застапени 50 македонски раскажувачи), „Современа македонска драма“ (2010, застапени 8 драматурзи), „Современа македонска поезија“ (2011, застапени 64 поети) – досега најрепрезентативни изданија на македонската книжевност на руски јазик.

Панкина е авторка и на значајниот проект „Македонскиот роман на 21 век“, кој го реализира во соработка со Серуската државна библиотека за странска литература „Рудомино“. Првите седум романи од едицијата: „Храпешко“ од Ермис Лафазановски, „Водената пирамида“ („Патот на јагулите“) од Луан Старова, „Дваесет и првиот. Книга на фантазми“ од Томислав Османли, „Азбука за непослушните“ од Венко Андоновски, „Маџун“ од Влада Урошевиќ, „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски, „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски се објавени (2014-2023) во Москва во нејзин превод.

Таа е преведувачка на руски на антологиите од проектот „135 тома македонска книжевност“ (вкупно осум книги, 5.000 страници). Има преведено 23 драми од македонски автори. Во својот преобемен преведувачки опус, Панкина ги вклучи и своите преводи на прозните дела „Големата вода“ од Живко Чинго, „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, „Времето на козите“ од Луан Старова, „Папокот на светот“ од Венко Андоновски, „Невестата на змејот“ од Влада Урошевиќ, „10 македонски романи на 21 век“ (во извадоци), „Силjан Штркот“ од Марко Цепенков, „Дирижаблот над поле со пченки“ од Влада Урошевиќ, раскази од македонски автори во списанијата „Великорос“, „Переводчик“, „Иностранаја литература“ и други. Панкина има впечатлив преведувачки опус и од областа на македонската поезија. Ги има преведено од македонски јазик на руски „Историја на болеста” од Ристо Лазаров, „Мајчин јазик” од Славе Ѓорѓо Димоски, „Храм, сепак храм” од Ристо Василевски, Антологија на современата македонска поезија „Гласови крај водата” (застапени се 65 автори), „Сончев круг” од Матеја Матевски, „Забранета книга” од Веле Смилевски, „Врв” од Санде Стојчевски, „Моја длабочина” од Славе Ѓорѓо Димоски, „Кога ни гореше под нозете” од Катица Ќулавкова, „Послание” и „Сто песни” од Блаже Конески, „Македонски монолог” од Гане Тодоровски, „Господарот на перото” од Радован Павловски и дела на други македонски поети.

фото: Приватна архива

Во 2010 година jа формирала невладината организација „Македонски културен центар“ во Москва. Оттогаш, како претседателка на овој центар, таа активно и успешно ги презентира македонските културни вредности во Руската Федерација. Иницира и веќе над 10 години го реализира во Русиjа значаjниот проект „Читаj jа Македониjа!”. Членка е на Московската градска организација на Друштвото на писателите на Русија, на Сојузот на преведувачите на Русија, на Московското литературно друштво МОССАЛИТ; членка е на Друштвото на писателите и на Сојузот на литературните преведувачи на Република Македонија.

Сиот живот поврзан со Македонија

Олга Панкина е добитничка на голем број награди и признанија, меѓу кои и медал „Державин“, „Кристално перо“, Златна диплома од Меѓународниот форум на словенските култури „Златен витез“, Меѓународна Толстоева награда „Jасна Полjана“ (Русиjа), „Григор Прличев“, медал „Блаже Конески“, „Гоцевата мисла“, „Почесно Рациново признание“, „Sвезден македониум“, државна награда Медал за заслуги за Македониjа, награда „Лингва“ на Меѓународната манифестациjа „Битолски книжевни паметења“, Интернационална награда „Ацо Караманов“ (Македонија) и др. Во 2025 година на Олга Панкина во Русиjа ѝ е доделена државната награда медал „Пушкин“ за неjзиниот значаен придонес во развоjот на културните односи меѓу Руската Федерациjа и Република Македониjа.

Во изјава за „Нова Македонија“, дадена пред одржувањето на денешниот настан во Друштвото на писателите на Македонија, Панкина нагласува дека сиот нејзин живот е поврзан со Македонија и оти таа веќе 50 години ги популаризира македонскиот јазик и македонската литература во Русија.

– Во 1975 година се запишав на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“, во групата што за првпат во историјата на универзитетот почна да го изучува македонскиот јазик. Се гордеам со тоа што почитуваната професорка Рина Усикова ме прифати како најдобра нејзина ученичка. Како лектори во Москва ни доаѓаа Киро Конески, Лилjана Минова Ѓуркова, Илиjа Чашуле. Ги обожававме. Во тоа време имав среќа одблизу да го запознаам и академик Блаже Конески, кога во 1979 година пристигнав на шестмесечно стажирање во Скопје за да ја подготвам дипломската теза под негово менторство. Го сметам за директен „виновник“ што за цел живот професионално и лично се врзав за македонскиот јазик, литература и култура. Во средината на 1990-тите години почнав да соработувам со поетот Сергеј Гловјук, кој даде голем придонес во популаризацијата на македонската поезија (и пошироко на словенските поезии) на руско јазично подрачје. Во 2002 година ја објавивме „Поезија на Македонија. Од век во век“ прва книга од проектот „Словенска поезија на 19 и 20 век во превод на руски“. Главна моја преокупација секогаш беше и останува преводот – укажува Панкина за „Нова Македонија“.

Панкина напоменува дека на полето на преводот била многу охрабрена од првиот амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација, големиот македонски поет Гане Тодоровски.

– Тој ми влеа верба во мојата творечка моќ. Многу ми се драги моите први препеви од македонски на руски на поетските збирки „Историја на болеста “ од Ристо Лазарев и „Мајчин јазик“ од Славе Ѓорѓо Димоски. Без оглед на тоа што тие дела беа први преводи што ги објавив под свое име, веќе имав стекнато искуство, на пример, при подготовките за објавување на првата антологија на македонската поезија „Корни и ѕвезди“. Посебно би сакала да посочам на книгите: антологија на современата македонска поезија „Гласовите покрај вода“, со песни од над 60 поети, објавена во 2010 година како копродукција на издавачките куќи московската „У Никитских ворот“ и македонската „Макавеј“, и „Послание“ од Блаже Конески, објавена во Москва по моја иницијатива, која ги содржи песните на Конески од последната деценија од неговиот живот. Со објавувањето на „Послание“, руските читатели добија можност да состават целосна претстава за спецификите и за рангот на Блаже Конески како голем лирски творец. Конески е личност од огромни размери. Неговото дело е значајно и вредно остварување во рамките на светското културно наследство и тоа треба нашироко низ светот да се истакнува како силен аргумент за значењето на македонскиот јазик, за македонскиот национален идентитет – истакнува Олга Панкина.

Во 2014 година Русија се вклучи во значајниот меѓународен проект „Сто словенски романи“ (во светот над 300 милиони луѓе зборуваат и пишуваат на словенските јазици). Во врска со ова, Олга Панкина истакнува: „Тогаш реагирав многу брзо и му предложив на рускиот издавач превод на ’Вежби за ибн Пајко. Троен роман.’ од Оливера Николова. Сега, во 2025 година, проектот „Сто словенски романи“ ги содржи уште романите: „Азбука за непослушните“ на Венко Андоновски, „Дива лига“ на Влада Урошевиќ, „Разговор со Спиноза“ на Гоце Смилевски, „Недела“ на Ермис Лафазановски и „Бродот. Консархиjа“ на Томислав Османли. Зад книгата стои издавачот, Центарот за книга „Рудомино“ при Серуската државна библиотека за странска литература. Со овој солиден издавач иницирав еден нов, беспреседантен проект под наслов „Македонскиот роман на 21 век“, бидејќи романот е жанр што сега е најпопуларен во светот. Во едицијата се застапени најдобрите македонски романсиери. Руската страна го обезбедува печатењето и, што е многу важно, натамошниот пласман на книгите низ цела Русија“.

Утре во Друштвото на писателите на Македонија ќе се одбележат петнаесет години од отворањето на Македонскиот културен центар во Москва. Оваа невладина организација во 2010 година ја формирала Панкина на своја иницијатива и со сопствени средства, поради запознавање на граѓаните на Русија со културата, историјата, јазикот, уметноста и современиот живот на Македонија. За време на своето 15-годишно постоење, Центарот оствари значајни активности, над 200 манифестации. МКЦ формира библиотека на македонската литература. Редовно одржува конкурси за млади преведувачи, ликовни творци и други. Но Македонскиот културен центар во Москва опстојува без финансиска поддршка, исклучиво од ентузијазмот на Панкина. Дали ќе биде можно Министерството за култура на Македонија или и други институции од културата во нашата земја да обезбедат подолгорочно барем делумно финансирање на ова толку значајно, така да го наречеме, „Катче за Македонија“ во Русија?


Значаен јубилеј за македонистиката

Македонскиот јазик, литература и култура веќе 50 години се изучуваат на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“

Во Друштвото на писатели на Македонија утре ќе се одбележи уште еден многу значаен јубилеј: 50 години од постоењето и дејствувањето на Лекторатот на македонски јазик при државниот универзитет „Ломоносов“ во Москва. Споменатиот лекторат е отворен во академската 1975/1976 година, кога и започнуваат првите универзитетски предавања по македонски јазик. Сега македонскиот јазик се изучува пет години како главен предмет. Се реализираат 20 часа седмично. Предавачи се др Ала Шешкен и д-р Елена Верижникова. Во овој македонски лекторат во „Ломоносов“ – своевидна „јазичнокултурна амбасада“ на Република Македонија во Руската Федерација – е ангажирана лекторката м-р Христина Ангелеска.

Македонскиот лекторат во универзитетот „Ломоносов“ е уште една успешна приказна за афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура на странските високообразовни и научни институции во светот, приказна што денес е од особено исклучително големо значење за македонскиот народ и за македонската држава.

Свето Тоевски