Претставата Mакедонска крвава свадба на македонски јазик во 1934 година

Борис Сарафов морално и финансиски ги покровителствувал Војдан Чернодрински и неговата претстава, која требало да ги револуционизира Македонците и да ги поттикне директно или индиректно да го помогнат ослободувањето на Македонија. „Македонска крвава свадба“ ја постигнала целта. Христо Милчинов (негови потомци се Илија Милчин и Владимир Милчин) бил толку убедлив во улогата на Осман-бег, што публиката фрлала по него столови и му правела разни инциденти затоа што ја грабнал Цвета

„Македонска крвава свадба“ е најкомплетниот драмски текст на Војдан Чернодрински, како во поглед на содржината така и во однос на уметничкиот дострел, околу чие создавање и изведување изникнале цели перипетии. Во текот на размислувањата околу фабулата и ликовите, Чернодрински го најавил својот нов драмски проект, а заинтересираните – веќе заинтригирани од познатите дела на авторот – веднаш побарале да го прочитаат ненапишаниот текст и да се започне со распределбата на улогите.
За да не се посрамоти, Чернодрински во еден навистина рекорден рок го напишал текстот. Малку подоцна, преку пробите, јавноста индиректно била запознаена со самата содржина на делото. Така, дошло до интервенција кај официјалните бугарски власти од страна на османлискиот дипломат, кој побарал да се прекратат пробите на оваа драма. Бугарската власт издала заповед за да се престане со работата на сценската реализација. Кога главните протагонисти се оглушиле на таа заповед и ја закажале премиерата, пред зградата на „Славјанската беседа“ во Софија, на самиот ден на премиерата, стигнала група вооружени коњички стражари со цел да ја разбркаат публиката. Меѓутоа по наредба на Борис Сарафов повеќемина македонски комити со парабелуми во рацете го обезбедиле текот на премиерната изведба!

Сцена от „Македонска крвава свадба“, околу 1906 година

Сарафов морално и финансиски ги покровителствувал Војдан Чернодрински и неговата претстава, која требало да ги револуционизира Македонците и да ги поттикне директно или индиректно да го помогнат ослободувањето на Македонија. „Македонска крвава свадба“ ја постигнала целта. Христо Милчинов (негови потомци се Илија Милчин и Владимир Милчин) бил толку убедлив во улогата на Осман-бег, што публиката фрлала по него столови и му правела разни инциденти затоа што ја грабнал Цвета.
Чернодрински бил свесен за воздејството на овој текст врз публиката, но интимно и самиот не очекувал таков успех каков што всушност драмата постигнала во оној период, па и многу подоцна. Говорејќи мошне скромно за своите литературни амбиции во врска со ова дело, потцртувајќи ја особено онаа, денеска многу позната мисла „Што напишав јас“ и одговарајќи на тоа прашање: „Ништо не напишав. Јас го препишав од сè уште ненапишаната крвава историја на Македонија она, кое читателот ќе го прочита, а гледачот ќе го види во театарот“. Војдан Чернодрински се обиде да го предизвика вниманието на сите оние што го чувствуваа проблемот на Македонија како своја болка.
И успеа во тоа. Навистина, тој не ги прикажа во оваа своја драма Македонците во една мобилна состојба. Не ги воведе во сцената свесно организираните елементи што го подготвуваа народот за востание во блиска иднина. Тој ги одбра за јунаци луѓето од најниската скала на општествената хиерархија од едно, за Македонците, многу специфично време. Ги прикажа нивните страдања, но и нивната готовност да ја бранат честа македонска.


Војдан Чернодрински

Војдан Чернодрински

Чернодрински е првиот македонски драмски автор во чии дела прозвучи мајчиниот македонски јазик. Тој бил доста коректен кон македонскиот јазик и еден од основните критериуми за членство на актери во неговата драмска група било солидно познавање на македонскиот јазик. Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Тој со своите текстови го бодрел и храбрел македонскиот народ. Тој со своите ставови за македонскиот идентитет и со своите залагања за организирање востание за конечно ослободување на Македонија добил големи симпатии како од македонската така и од странската јавност.
Тој со своите дела извршил големо влијание и кај некои други македонски автори како што се Димитар Хаџи-Динев (ја напишал драмата „Револуционер“), Марко Цепенков (го напишал текстот „Црне Војвода“) и Никола Киров Мајски (ја напишал драмата „Илинден“).
Во 1929 година, Војдан Поп Георгиев отишол во посета на еден дом за сираци каде што им подарил примероци од својата драма „Македонска крвава свадба“. По тој повод, Војдан изјавил: „Се надевам дека по прочитувањето на книгава секој питомец добро ќе го запомни прочитаното и никогаш не ќе го заборави јазикот на кој е напишана, јазикот на кој зборувале неговите прадедовци, родители и роднини и на кој ќе зборуваат и покрај физичкиот и морален терор на сегашните поробители на татковината Македонија, сите идни поколенија што ќе ја населуваат оваа света земја“.