Фото: Маја Јаневска-Илиева

Книгата на Мартин Ванцес објавена во Франција, која гласно одекна во Европа

  • Таа (авторката) е родена во предградие на Париз од татко Македонец по потекло од Грција, кој избегал од диктатурата на грчката хунта. Мајка ѝ била Бретонка. Во своето дело, авторката размислува за историјата на своето семејство и условите на егзил и за „една друга Грција“ (сурова, безмилосна, брутална и недемократска), на која како таква долго ѝ се прогледува низ прсти од нејзините сојузници во Европа на сметка на
    едно малцинство. Но таа „друга“ Грција во книгата на Мартин Ванцес повторно се појавува како нешто потиснато и веќе предизвикува силен одек
  • „Затоа што ништо не се променило“! Со оваа реченица, изговорена од нејзиниот татко, етнички Македонец од Грција, како единствено објаснување за неговото конечно раскинување со родната Грција и дел од неговото семејство, Мартин Ванцес долги години истражуваше како егзилот и превирањата на историјата ги обликуваат индивидуалните и колективните судбини

Книгата „Друга Грција“ (Une Autre Grèce) за судбината на Македонците протерани од Грција, која долго беше скриена и потисната тема, освен во Франција и Европа, би можело да има силен одек кај нашиот јужен сосед, откако беше издадена од угледната француска издавачка куќа „Л’арматан“ непосредно пред нашиот празник 8 Септември, минатата недела. Станува збор за дело на психоаналитичарката и писателка Мартин Ванцес, која има македонско потекло, напишано со придонес на антропологот Галиа Валчинова и на истакнатиот борец за човекови права на Македонците во Грција Павле Воскопулос.
„Затоа што ништо не се променило“. Со оваа реченица, изговорена од нејзиниот татко, етнички Македонец од Грција, како единствено објаснување за неговото конечно раскинување со родната Грција и дел од неговото семејство, Мартин Ванцес долги години истражуваше како егзилот и превирањата на историјата ги обликуваат индивидуалните и колективните судбини. Нејзиното искуство, како и искуството на грчките Македонци од регионот на Лерин, ја илустрира нејзината дискусија за тишините, внатрешните прогонства, срамот и обновената енергија карактеристични за оние што се заборавени од историјата.

„Другата Грција“ всушност е вистинската (далеку од демократска) природа на Грција

Родена во предградие на Париз од татко Македонец по потекло од Грција (кој избегал од диктатурата на грчките полковници) и мајка Бретонка, авторката размислува за историјата на своето семејство и условите на егзил и за една „друга Грција“ долго игнорирана од нејзините сојузници во Европа на сметка на едно малцинство. Но таа „друга“ Грција во книгата на Мартин Ванцес повторно се појавува како нешто потиснато и предизвикува силен одек. Оние што биле губитници на историјата и нивните потомци, жртви на историските бруталности, како го живеат својот внатрешен егзил? И какво наследство имаат егзилантите однадвор, оние што биле лишени од наследството од доминантните сили.
Друга Грција, бидејќи не е конвенционалната Грција, онаа што самата се прикажува со Партенон во заднина, островите што пловат на Егејско Море и Одисеј на чело. Тоа е Грција што е полугрчка, онаа на границите, последната интегрирана во грчката држава во 1913 година по две таканаречени балкански војни и распаѓањето на Отоманската Империја.
Тоа е побалканска Грција со природна средина што е сè уште многу силна, малку припитомена и лузните од историјата се сè уште видливи и активни. Тоа е дел од Македонија каде што мешавините на населението што ја сочинуваа Грција секако се поизразени отколку на други места и кој беше центар на Грчката граѓанска војна меѓу 1946 и 1949 година. Оваа особено убиствена војна ја спротивстави владината армија поддржана од Англичаните, а потоа и од Американците, против Демократската армија што ја држеше Грчката комунистичка партија, која се спротивстави на враќањето на кралското семејство во Грција. Демократската армија инсталирана во грчка Македонија и Епир вклучуваше во своите редови многу „славофони“ (термин што таму се користи наместо Македонци), симпатизери на комунистите, доброволци или не. Борбите во овие региони предизвикаа многу жртви во двата табора, но што се однесува до Демократската армија, отпорот… Грците и населението на нашата друга Грција претрпеа многу човечки загуби, илјадници луѓе во затвор и десетици илјади принудени да бидат во егзил доживотно (до 1982 година за многумина), а да не ги спомнуваме оние протерани од нивните уништени и запалени села.

Тие не нè сакаа тука…

Кога на фестивалот „Веви“ Македонците протерани во Канада или во Австралија во хор го повторуваат рефренот „Тие не нè сакаа тука“, тие го евоцираат прогонството што тие самите или нивните родители морале да го издржат од грчката држава во текот на децениите што следуваа по завршувањето на Граѓанската војна, одржувајќи ги до 1981 година во статус на граѓани од втор ред со забрана, меѓу другото, да извршуваат функции и работа во државната служба.
Овие прогони оставија траги што сè уште се активни и во индивидуалните и во колективните судбини во форма на срам, тишина, семејни расколи и самоомаловажување. Токму овие симптоми, траги од трауми што сè уште се активни, ја водеа Ванцес кон ова истражување. Таа почна од молкот на нејзиниот татко, од неповратниот прекин што тој го предизвика, од срамот што самата го почувствува во обид да го крене превезот на она што не можеше да се каже. Во оваа вежба на откривање на она што сè уште не може да се појави денес, среде бел ден во Грција, авторката се залага за чувствителен пристап кон раните и посебните силни страни на оние што беа поразени од историјата.

Терминот Македонец се однесува на македонското етничко потекло

Ванцес појаснува дека кога го користи терминот Македонец секогаш мисли на луѓе од македонско етничко потекло и грчко државјанство. Таа одлучи да користи одредени конкретни точки од научниот придонес на Галија В., антрополог од бугарско потекло: „Заинтересирана три децении за аспектите на балканските култури на различни групи, народи и нации на Балканот – Ванцес е воодушевена од длабоката двосмисленост на северните краеви на Грција сместена на маргините на Европа“, како што соодветно ја окарактеризирал антропологот и голем познавач на земјата, Михаел Херцфелд (Херцфелд Мајкл, 1987, Антропологија низ огледалото. Критичка етнографија на маргините на Европа, Кембриџ, Cambridge University Press). Накратко: Грција на другите требаше да се бара на маргините на Грција, која самата беше на маргините на Западот. Дали „балканска“ Грција е навреда? Всушност, зборот, кој речиси никогаш не се поврзува со Грција, е застрашувачки. Можеби затоа што „Балкан/балкански“ толку долго бил и останува поврзан со „балканизација“ (која некои се римуваат со „либанизација“), со мноштвото групи и популации што коегзистираат најдобро што можат, одејќи од добро разбирање меѓу соседите до конфликти и поделби. Збор што исто така се однесува на неевропа или не баш Европа, со обичаи и навики опишани како ориентални и со тоа печат на примарен, оригинален ориентализам, за кој историчарката Марија Тодорова толку добро зборува во својата книга „Замислувајќи го Балканот“.

Мартин Ванцес од Франција: „Овој пат целосно ќе го кренам превезот!“

Оваа друга Грција, која го засолнува малкуто што останало од моето непрогонето татково семејство, е распослана околу градот Лерин, кој има 17.000 жители, главен град на округот Грчка Западна Македонија. Особено таа се задржува во блиските села, каде што остануваат спомените на живите и мртвите: Арменохори, Проти, Палаистра, Трипотамос, Амохори, Папајани, Тропеухос, Атрапос, Полипотамос. Исто така, таа ги зеде предвид селата и градовите во радиус до 50 км, кои припаѓаат на номоите (префектурите) Лерин и Касторија: Аминдео, Лофои, Веви, Агиос Пантелејмонас, Ахлада, Нимфео, Агиос Германос, Псарадес. Не заборавајќи го и срцето на Северна Грција, Солун, каде што живеат, работат и се повикуваат на него многу нејзини познаници, на прво место Павле Воскопулос, кој го напиша епилогот на книгата. Дури и да е „истата река“, истиот регион, село, соседство, ние не влегуваме во неа двапати: панта реи.
Како што вели Ванцес во воведот на книгата: „Ја имав општата рамка, разбирав подобро, но денес требаше да бидам поблиску до емоциите, чувствата, до она што оживуваше во нивното тело и во нивниот дух, овие обични Македонци, заборавени од многумина, но многу живи. Заборав што го направив свој со децении и со кој сакав да се справам со тоа што овој пат целосно ќе го кренам превезот“.
– Нивното наследство може да биде трансформативна сила, спинозистичко самопотврдување што ќе изненади повеќе од еден читател на книгата на Ванцес… Но да го почекаме објавувањето на оваа мала бомба! – напиша уметникот Жан-Роберт Франко по најавата на книгата, чие официјално излегување во француските книжарници беше во петокот во Париз.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција