Аналитичарите тврдат дека Индија одлучи да се врати на форматот РИК (Русија, Индија, Кина), кој го напушти пред неколку години токму во име на зајакнување на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави. Овој формат првично беше инициран од Москва, а преку него Русија се обиде да помогне во забрзување на решавањето на индиско-кинеските гранични спорови што го попречуваат зајакнувањето на нивната соработка, што во пакет со Русија, аналитичарите тврдат дека е клучно за воспоставување солиден геополитички триаголник како главен гарант за целокупната стабилност во евроазискиот простор
Дали претседателот на САД всушност ја рециклираше трианглата Делхи-Пекинг-Москва?
По лидерската средба на Шангајската организација за соработка (ШОС), чиј самит се одржа изминатиов викенд во кинескиот град Тјенџин, инстантно на почетокот на неделава, беше одобрен план за спроведување Стратегија за развој на енергетската соработка до 2030 година. Овој документ како рамковен план е особено важен со оглед на тоа што во неа учествуваат три клучни земји членки – Кина, Индија (двете како главни потрошувачи и увозници на енергенти) и Русија (како еден од најголемите светски производители и извозници на енергетски ресурси). Декларацијата, која беше усвоена по 25-от состанок на Советот на шефови на држави на споменатата Шангајската организација за соработка (ШОС), меѓу другото наведува: „Едногласно е усвоена изјавата на Советот на шефови на држави на ШОС за одржлив развој на енергијата. Наедно, одобрен е планот за спроведување на Стратегијата… за периодот до 2030 година:
’Земјите членки ја поддржуваат експанзијата на инклузивната и заемно корисна соработка во областа на енергетиката, постепеното зголемување на одржливоста на производството на енергија и синџирите на снабдување и се подготвени да го промовираат одржливиот, стабилен и избалансиран развој на недискриминаторски глобален енергетски пазар. Во контекст на нестабилноста на меѓународните енергетски пазари, земјите членки ја истакнаа важноста од зајакнување на соработката, вклучително и во областа на енергетската безбедност, заштитата на енергетската инфраструктура, промоцијата на инвестициската соработка, како и праведната енергетска транзиција со цел одржлив развој на регионалната енергија‘“.
Но на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) не беше сè ограничено на прашањата за енергијата. Имено, покрај горенаведената декларација, беше усвоена уште една: од политичка и безбедносна природа! Таа беше објавена на официјалната веб-страница на Шангајската организација за соработка (ШОС). Во неа се наведува дека „едностраната изградба на глобални системи за ракетна одбрана од страна на голем број земји е неприфатлива, како и милитаризацијата на вселената“. Не се именувани конкретни земји, но е јасно дека ова првенствено се однесува на САД.
– Земјите членки повторуваат дека едностраната и неограничена изградба на глобални системи за ракетна одбрана од страна на поединечни земји или групи земји има негативно влијание врз меѓународната безбедност и стабилност. Тие сметаат дека е неприфатливо да се обидуваат да ја обезбедат сопствената безбедност на сметка на безбедноста на другите земји – се наведува во официјалниот текст.
Дали Трамп со своите потези ги мотивира азиските земји да се поврзуваат и потесно да соработуваат?
Најновите настани во друг дел од светот – во Азија – покажуваат дека токму тоа е случај. Трамп неодамна побара од Индија да престане да купува руска нафта, како и руско оружје (второто беше побарано и од претходните администрации, но толерирано додека не истечат долгорочните индиско-руски договори). Трамп, како конзервативец, мислеше дека со индискиот премиер Нарендра Моди, исто така конзервативец и индиски суверенист, ќе може да ги постигне американските интереси – и геополитички и економски, преку потпишување трговски договор што би бил поволен за САД. Сепак, аналитичарите сметаат дека Трамп погрешно се пресмета. Гледајќи дека Њу Делхи (Моди) е тежок преговарач, тој се одлучи за тактика на заплашување и ултиматуми. Покрај претходното воведување царини од 25 проценти на индиските стоки, минатиот месец воведе дополнителни царини од 25 проценти поради континуираното купување руска нафта од страна на Индија (стапија во сила минатата среда). Индија не само што не го промени тоа туку нејзините рафинерии, кои направија пауза од купување евтина руска нафта, сега повторно ја купуваат. Одговорот на Моди, особено откако Трамп се согласи со Пакистан и не застана на страната на Индија, што ги шокираше нејзините елити, беше решителен и суров до тој степен што сега се заканува да ја сруши американската стратегија за ограничување на Кина на Далечниот Исток, во која Индија требаше да игра клучна улога. Така, минатата недела, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји пристигна во Њу Делхи. Покрај договорот за решавање на граничниот спор на Хималаите што ги оптовари односите меѓу двете соседни земји, двете земји одлучија повторно да воспостават директни воздушни маршрути, да го поедностават визниот режим за туристички посети на своите граѓани и да ја зајакнат економската соработка и соработката во заедничките формати во кои учествуваат – од БРИКС до Шангајската организација за соработка (ШОС).
За индиско-руското приближување
Само еден ден по гореспоменатата средба во Њу Делхи, индискиот министер за надворешни работи реализира тридневна посета на Русија, каде што се сретна одделно со својот колега Лавров и претседателот на Русија, Путин. Покрај најавата за посетата на Путин на Индија до крајот на годината и подготовката цел пакет нови договори што треба да бидат потпишани тогаш, двете делегации на состанокот во Москва известија и за зголемувањето на трговијата меѓу Индија и Русија за дури седум пати во последните пет години, а Индија стана трет најголем трговски партнер на Русија. Тие планираат да ја зголемат трговијата на 100 милијарди долари до 2030 година (за споредба, таа меѓу Индија и САД сега изнесува околу 130 милијарди долари). За издвојување е дека дури 90 проценти од меѓусебната трговија на двете земји сега се одвива во нивните национални валути, а не во долари. Русија и Индија имаат намера да започнат заеднички инвестиции во производството и преработката на руска нафта, а се остава простор и за руски извоз на течен природен гас (ЛНГ) во таа земја. Тие имаат намера да направат заеднички инвестиции во рускиот енергетски сектор на Далечниот Исток и Арктикот. Русија има намера да ја зајакне соработката со Индија во областа на вселената и да ѝ обезбеди нови технологии, а ќе инвестира и во индиската цивилна нуклеарна енергија – вклучително и преку нови нуклеарни централи. Двете земји најавуваат зајакнување на одбранбената соработка не само преку зголемување на извозот на модерно руско оружје туку и преку спроведување заеднички воени вежби. Аналитичарите потсетуваат дека Индија одлучи да се врати на форматот РИК (Русија, Индија, Кина), кој Индија го напушти пред неколку години токму во име на зајакнување на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави. Овој формат првично беше инициран од Москва, а преку него се обиде да помогне во забрзување на решавањето на индиско-кинеските гранични спорови што го попречуваат зајакнувањето на нивната соработка, што, во синергија со Русија, е клучно за воспоставување солиден геополитички триаголник како главен гарант за целокупната стабилност во евроазискиот простор.
Затоа аналитичарите истакнуваат дека „ако Трамп направил нешто погрешно од почетокот на неговиот втор мандат, тоа сигурно биле притисокот и ултиматумот кон Индија“. Имено, Индија, со ваквата политика на Трамп, лесно би можела да стане најголемата геополитичка добивка за Русија и Кина во нивната меѓусебна борба со САД за реорганизација и изглед на идниот свет. Иако нема да се приклучи во нивниот табор за да ѝ се спротивстави на Америка, доволно им е што нема да се приклучи во американскиот против нив. Во такви околности, дали Трамп ќе се стреми кон договор со Русија за Украина или ќе влезе во губитнички комбинаторики заедно со своите европски „сојузници“?
Индија сѐ поцврста за заштита на својата сувереност и одбрана на државните и национални интереси
Клучните западни медиуми, вклучително и оние од специјализирана природа, во последниве денови обрнуваат внимание на тоа дека „Западот конечно сфатил дека не може да смета на Индија како свој играч за геополитички конфронтации со своите глобални конкуренти, туку само на она што е во заеднички интерес и на Индија – а пред сè станува збор за трговска соработка каде што двете страни (Западот и Индија) навистина имаат што да си понудат една на друга“.
Според аналитичарите, Индија со премиерот Моди станала цврст преговарач со тежиште на своите државни (национални) интереси. Аналитичарите сметаат дека Индија всушност својата надворешна политика и трговска неутралност најмногу ќе ги манифестира во форматот на БРИКС, каде што наскоро ќе ѝ се придружи и Бразил (силно изгорен од агресивната американска царинска политика, но и од политичкото мешање на САД во внатрешните работи на Бразил, дури и во судските работи што се стручно независни)… Ова индиско становиште е всушност клучна добивка за Кина и Русија, кои не бараат одбранбена соработка со Индија, туку само Индија да биде вистински неутрална земја и иден важен пол (центар, јазол) на мултиполарниот свет, кој штотуку се појавува. Фактот дека овој процес е незапирлив е еднакво потврден од неодамнешниот самит Трамп-Путин во Алјаска, како и самитот на Шангајската организација за соработка. П.Р.
Политичката волја за соработка произведува силна деловна волја за соработка
Русија, Кина и Монголија ќе градат два нови големи гасовода
По самитот на Шангајската организација плус партнерите, веднаш во вторникот се одржа и самитот Кина-Русија, како и средби на кинеските и руските претставници со соседната Монголија. Во таа пригода Русија, Кина и Монголија потпишаа меморандум за изградба на два гасовода: „Моќта на Сибир 2“ и „Сојуз Восток“ („Унија Исток“, англиски). Вториот всушност е транзитен гасовод низ Монголија до Кина.
Оваа информација јавно прв ја соопшти претседателот на одборот на рускиот државен гасен гигант „Газпром“, Алексеј Милер. Според него, меморандумот е „правно обврзувачки“.
– Врз основа на јавната изјава на лидерите на трите земји – Русија, Кина и Монголија, беше потпишан правно обврзувачки меморандум за изградба на гасоводот „Моќта на Сибир 2“ и транзитниот гасовод „Сојуз Восток“ низ Монголија. Овој проект ќе овозможи испорака на 50 милијарди кубни метри гас годишно од Русија во транзит низ Монголија – изјави за јавноста Милер.
Ако првиот дел од гасоводот „Моќта на Сибир 1“ води кон североисточна Кина, тогаш „Моќта на Сибир 2“ ќе води кон северозапад, каде што се наоѓа кинескиот регион Шинџијанг, кој не граничи со Русија, туку со Монголија (поради што е потребен транзитен гасовод). За потсетување, изградбата на „Моќта на Сибир 2“ е предмет на разговори меѓу Кина и Русија веќе неколку години. Разговорите беа динамизирани за време на војната во Украина, кога Европа речиси престана да купува руски гас од гасоводот (единствени исклучоци се европската гранка на гасоводот „Турски тек“ за Југоисточна Европа и дел од Унгарија и гасоводот „Дружба“аза Унгарија и Словачка, кој постојано ги прекинуваше испораките поради воените напади врз него). Кина се сметаше за алтернативен или замена за купувач.
Иако западните медиуми ја туркаат приказната дека Москва и Пекинг долго време не можеле да се договорат за цената на гасот, па затоа изградбата на „Моќта на Сибир 2“ не е започната, некои од аналитичарите имаат многу интересен став по ова прашање, а тоа е дека „Москва ѝ оставала простор на Европа да ја промени својата антируска енергетска политика и да се врати на поевтин руски гас од американскиот или од други извори“. Летово британски „Ројтерс“ напиша дека изградбата на „Моќта на Сибир 2“ би можела да започне поради ситуацијата на Блискиот Исток, а претходно американски „Блумберг“ претпостави дека „Пекинг ќе се согласи на повисоки цени на гасот во услови на влошување на проблемите во глобалната економија“.

Но, сега е веќе јасно дека епската дискусија за иднината на вториот гасовод од Русија до Кина заврши и дека сега таа добива практични контури. Кина ќе добива повеќе гас преку далечноисточната рута отколку што беше планирано.
– „Моќта на Сибир 2“ е проект за снабдување со гас од западносибирските полиња до Кина преку Монголија со брзина од 50 милијарди кубни метри годишно. Се очекува договорот да биде склучен на 30 години. „Газпром“ и ЦНПЦ, исто така, се согласија да ја зголемат испораката преку „Моќта на Сибир 1“ од 38 на 44 милијарди кубни метри годишно. Страните, исто така, потпишаа договори за зголемување на обемот на испораките преку далечноисточната рута од 10 на 12 милијарди кубни метри. „Моќта на Сибир“ е главниот гасовод од Русија до Кина, долг околу три илјади километри. Првите испораки на гас дојдоа од полето Чајандинское во Јакутија кон крајот на 2019 година. Три години подоцна започна испораката од полето Ковиктинское во регионот Иркутск.
Москва (реципрочно) ја чкртна Европа како купувач на рускиот гас
Откако стана јасно дека двете земји се движат кон имплементација на гасоводот „Моќта на Сибир 2“, што бараше договор за транзитен гасовод низ Монголија, стана јасно и дека Русија конечно ја прецрта Европа како купувач на нејзиниот гас од своите огромни резерви од Западен Сибир. Секако, ова дефинитивно не е последица на примарната желба на Русија, туку на конечната одлука на Европската Унија целосно да се откаже од рускиот гас до 2027 година. Колку ќе плати за себе на крајот е сосема друга тема. Но оној што ќе добие најмногу, заедно со Кина (го реши долгорочното стратешки важно прашање за снабдувањето со енергија) и Русија (ја префрли Кина на својата енергетска „игла“ и ја компензираше загубата на Европа), се САД. Всушност, тие целосно ќе доминираат на европскиот енергетски пазар со своите поскапи извори на енергија, што најдобро се виде по неодамнешниот трговски договор меѓу САД и ЕУ, што е целосно неповолно за вторите. Во големите игри, како што се овие енергетски игри во Евроазија (а тие сè уште не се целосно завршени), не може да има само победник, туку некој мора да биде и поразен… П.Р.