Кога раскажуваш преку фикција, слободен си да бидеш искрен на поинаков начин, не мора сè да биде точно за да биде вистинито. Таа игра меѓу реалното и измисленото ми дозволува да пренесам лична вистина што можеби никогаш не би ја кажала на поинаков начин. А понекогаш и самата не знам што навистина ми се случило, а што сум си измислила за да преживеам, и тука лежи магијата на пишувањето, ни споделува авторката Симона Јованоска

Симона Јованоска, писателка

„Леска Брезоска“ е втор роман на Симона Јованоска, по дебитантскиот „Денот на црвот“, со кој ја освои престижната награда „Роман на годината “ за 2021 година.
Приказната во „Леска Брезоска“ се одвива во Гостивар и во Скопје и ја следи животната патека на главната хероина Јане од нејзиното детство, растењето, созревањето до староста… Романот остава впечаток на интимно четиво, полно со живот, тајни, доживувања, искуства, соништа, детски стравови, тинејџерски несигурности, лични победи…
„Леска Брезоска“ раскажува реалност со примеси на оптимизам.

Спомнавте дека некои настани се реални, некои помалку реални и измислени. Колку е важно за вас како авторка да ја претставите реалноста преку фикција?
– Да, дел од настаните се реални, дел измислени, а во романот водев сметка да го одржувам тој баланс за да ја задржам реалистичната нишка, но истовремено да додадам возбуда преку измислените или претераните делови од приказната. Фикцијата ми овозможува да ја доловам реалноста на подлабоко емотивно ниво, како чувство, атмосфера, мирис од детството, навидум неважен настан, а всушност пресвртница, дисторзиран спомен итн. Кога раскажуваш преку фикција, слободен си да бидеш искрен на поинаков начин, не мора сè да биде точно за да биде вистинито. Таа игра меѓу реалното и измисленото ми дозволува да пренесам лична вистина што можеби никогаш не би ја кажала на поинаков начин. А понекогаш и самата не знам што навистина ми се случило, а што сум си измислила за да преживеам, и тука лежи магијата на пишувањето.

Инспириран од комплексноста на растењето и самооткривањето на носечкиот лик во приказната, ликот на Јанe, во „Леска Брезоска“ раскажува пријатни спомени, помалку пријатни и непријатни… Каков ритам на живот сакавте да опишете, создадете, споделите во вашиот втор роман?
– Сакав да го доловам ритамот на животот што почнува во провинциски град, а завршува во главниот град, кој не оди секогаш по права линија. Живот што тече со своја логика, во време кога сè уште немаше интернет или беше во почетна фаза, понекогаш хаотичен, понекогаш болен, но секогаш реален. Ритамот што се менува со растењето на Јане, од детството, преку бурите на адолесценцијата, до првите допири со светот на возрасните, каде што ништо не е црно-бело. Сакав читателот да го почувствува темпото на едно внатрешно созревање, со сите стравови, премолчени чувства, повторувања, неочекувани прекини и блесоци на радост. Тоа не е гласен ритам, туку интимен, речиси невидлив, а јас сакав да оставам простор секој да си го пронајде својот во книгата, тргнувајќи од своите појдовни точки.

Лично, во неколку наврати се препознав во Леска Брезоска. Колку намерно го градевте ликот така што читателот ќе може да се идентификува со него? И дали некој од блиското опкружување се препозна себеси во некој од ликовите?
– Ништо не градев намерно, во смисла на калкулирана идентификација. Повеќе се водев од потребата да раскажам приказна што ќе биде вистинита по чувство отколку по форма. Како автор, учам постојано да набљудувам, да слушам, да препознавам нијанси во туѓи зборови, гестови, молчења, да ги „читам“ луѓето и да ги спојам тие фрагменти во еден лик. Ликот на Леска е на некој начин универзален, составен од она што сме, она од кое се срамиме, она по кое копнееме и што не го кажуваме гласно. Беше предизвик да го изградам така што ќе звучи искрено, а сепак да носи тежина на повеќе животи. Многу ми значи кога читатели ми велат дека се препознале, добив пораки во кои ми велат дека сум ги расплакала, дека некои сцени им звучеле како да се напишани точно за нив. Тоа ми е најголемата награда, кога тоа што го пишувам ја допира таа внатрешна жичка.

Животот на Јане е раскажан од детството до староста. Во книгата староста се претставува како период на зрелост и ослободување. Како ја доживувате староста и дали мислите дека тоа чувство на бестрашност и уживање може да се достигне во сите фази на животот или е специфично за староста?
– Отсекогаш ме интересирала староста. Од една страна, ја гледам како благослов, не секој има привилегија да остари, да доживее зрелост во вистинска смисла на зборот. Затоа се обидувам уште сега да водам здрав живот и се подготвувам да ја доживеам што подлабоко, што повитално, со целосна присутност. Од друга страна, живееме во време кога постои огромен притисок да се остане млад, особено врз жените – па, не е чудо што кај многу од нас постои т.н. страв од стареење, како да е тоа нешто срамно или непожелно. Во романот сакав староста да ја прикажам како фаза на ослободување, не како крај, туку како почеток на една нова леснотија, каде што веќе не мораш да се докажуваш, каде што конечно се враќаш себеси. Верувам дека тоа чувство на бестрашност може да се доживее и порано, но за многумина дури староста е таа што им го дозволува. Можеби затоа што дотогаш сме се измориле од очекувањата, од проекции и конечно почнуваме да живееме во своја кожа, со своја мера.

Книгата обработува епизода на соочување со смртта. Како влијае тоа на начинот на кој Јане гледа на својот живот и одлуки? Како ова искуство ја менува нејзината перспектива?
– Епизодата со паѓањето во Вардар ја сместив рано во животот на Јане, бидејќи сакав таа близина со смртта да стане нешто што тивко ќе ѝ пулсира во годините понатаму. Не како траума, туку како потсетник. Таа случка нè учи дека животот е кревок, дека можеш да исчезнеш за миг, за жал секојдневно сведочиме за несреќи во кои сега те има, а веќе следниот миг те нема, и токму затоа не треба да се живее половично (за секого „половичното“ е нешто различно). Тоа искуство ја направи пореална, порешителна, но и попребирлива со луѓето и ситуациите во кои се вложува. Ја научи кога да го слуша својот внатрешен глас, да биде помека и да живее со смисла, со полно срце, со присутност и без страв од правење грешки.

Во книгата споменувате дека главната јунакиња ги носи жртвите и соништата на нејзината мајка како наследство, кое ја обликува како личност… Понекогаш тој товар станува тежок за носење. Како ја гледате врската помеѓу генерациите и влијанието на родителите врз нас… И го отплаќаме ли низ животот невидливиот долг кон нашите родители?
– Верувам дека сите ние, на некој начин, ги носиме неисполнетите соништа, стравовите, болките, но и силата, на оние што биле пред нас. Особено на нашите мајки. Тоа наследство често не е видливо, не е запишано во документи, туку во нас самите, во начинот на кој љубиме, се плашиме, се откажуваме, се бориме. Тежината на таа невидлива врска знае да биде голема, дури понекогаш и да го закочи сопствениот развој. Но таа тежина е и школа, преку неа учиме кои делови сакаме да ги задржиме, а од кои мораме да се ослободиме за да станеме свои. Дали го отплаќаме тој невидлив долг? Можеби не директно, но низ животот, со изборите што ги правиме, со сето она што го носиме и го пренесуваме, на некој начин им враќаме или им простуваме. И можеби, најголемиот чин на љубов е кога ќе си дозволиме да бидеме различни од нив, а сепак да ги носиме во себе.

Во тоа време е невообичаено една жена да сонува за живот надвор од востоличените норми. Животот на жената, поточно мајката, во книгата е ограничен од норми и очекувања. Како го доживувате конфликтот помеѓу личните желби и општествените норми и колку тој конфликт е присутен и денес? Но особено во помалите градови, како Гостивар?
– Конфликтот помеѓу личните желби и општествените норми е, за жал, сè уште реалност, само што денес се маскира во поинакви форми. Ја напишав таа жена како симбол на многу генерации пред нас. Жена што се буди со соништа, а заспива со компромиси. Токму затоа конфликтот со себе, и со светот, е нејзиното секојдневие. Денес, барем на површината, имаме повеќе слобода, но во помали средини, како Гостивар, тој внатрешен судир е сè уште силно присутен. Жените се охрабрени да сонуваат, но само до границата на тоа што се смета за „прифатливо“. Општеството често уште поставува тивки, но остри рамки, и затоа многумина од нас и денес живеат помеѓу две сили: она што го сакаат и она што се очекува од нив. Мислам дека нашиот пат, како жени, уште долго ќе биде балансирање меѓу тие две крајности. Но со секоја искрена приказна, секоја книга, секој разговор – тие рамки сè повеќе попуштаат.

Во книгата се споменува несуден крај на приказната. Дали тоа е поврзано со идејата дека животот понекогаш не оди според планот или…?
– Несудениот крај е едно од моите најдраги поглавја, не затоа што ја опишува Јане во длабока старост, туку затоа што таа конечно е мирна, задоволна, целосна. Сакав да оставам отворена дилема дали тоа навистина е нејзиниот крај или е само проекција на нејзините (или нашите) желби за тоа како би требало да изгледа крајот на еден живот исполнет со борба, љубов, загуба и спознавање. Насловот не го носи товарот на неуспехот туку, напротив, на можностите. Животот ретко оди според планот, но понекогаш ни дава крај што не сме го замислувале, туку подобар, посуптилен, подлабок. Сакав тој крај да биде отворен, да не стави точка, туку три точки, можеби и затоа што сакав Јане да продолжи да живее во мислите на читателот и по последната страница.