Приквечер пламнало целото село. Во пресрет на празникот Света Богородица, Смилево горело по вторпат. Затекнатите старци во селото биле убиени до еден. Според еден турски извештај, тогаш во Старо Смилево биле изгорени сите седум куќи, а во Ново Смилево од 410 биле изгорени 400 куќи. Валијата Хазим-паша, за да го прикрие палањето на Смилево од страна на војските, во извештајот од 31 август 1903 година до канцеларијата на големиот везир комично пишува: „За време на судирот во Смилево…, од страна на разбојниците била запалена една куќа која служела како складиште. Поради активирањето на бомбите и муницијата, поради силното дување на ветрот и бидејќи куќите биле збиени, селото изгорело“
Историски споменар: Сеќавање на бруталниот напад на османлиските сили во пресрет на празникот Света Богородица во 1903 година
Македонското село Смилево, познато како родно место на Даме Груев и како центар на Смилевскиот конгрес, било запалено за време на Илинденското востание во 1903 година. Според сведоштвата на Алексо Стефанов, демирхисарски војвода, турските сили го опколиле селото, а по жестоки борби, востаниците успеале да го пробијат обрачот. Но Смилево било целосно запалено од Турците. Стефанов раскажува дека „Турците влегоа во селото и го запалија. Изгоре цело Смилево… Додека гореше Смилево, горе на ливадите, свиреше турска воена музика“. Овој настан е еден од најтрагичните моменти од Илинденското востание, при што страдале и цивили, вклучително и деца. Зошто Смилево било запалено? Постојат неколку причини, селото било центар на македонската револуционерна активност, со присуство на војводи, оружје и бомбашка работилница. По започнувањето на востанието, турските сили започнале со сурови репресии врз селата што учествувале или ги поддржувале востаниците. Палењето на Смилево било обид да се уништат моралот и организациската основа на Македонската револуционерна борба (МРО), бидејќи селото било родно место на Даме Груев и симбол на македонската борба. Смилево останува запаметено како симбол на жртвата и македонскиот отпор.
Смилево – симбол на македонскиот отпор
Османлиската офанзива во востаничката област во реонот Ѓавато ‐ Смилево започнала на 25 август 1903 година. Тогаш 10 баталјони и други придружни единици во јачина од 12.000 војници под команда на Бахтијар‐паша, од Битола, Ресен, Охрид и од Прибилци (Демирхисарско) тргнале кон Ѓавато ‐ Смилево. Истиот ден битолската колона го скршила востаничкиот отпор кај Ѓавато. Тамошните востаници, под водство на Ѓорѓи Сугарев, Ѓакон Евстатиј, Пере Жебчев, Георги Мончев и Антон Стерјов, се повлекле кон Смилево. Притоа, од османлиската артилерија и пешадија особено настрадале селата Цапари и Ѓавато, кое целосно изгорело. Неборечкото население од Ѓавато се повлекло во збегот Голем Гар, присоединувајќи се кон смилевчани.
– Следниот ден, 26 август, османлиските сили продолжиле со затворање на обрачот околу Смилево. Во тоа време во Смилево и неговата околина бројот на востаниците достигнал околу 600 души. Под раководство на Даме Груев, тие се распоредиле на стратешките позиции околу Смилево. Очигледно, Д. Груев при одбраната на Смилево бил решен на силен отпор иако исходот бил однапред познат. Ноќта минала напнато и во неизвесно исчекување – пишува универзитетскиот професор и историчар Ванчо Ѓорѓиев во својата книга „Подземната Република, Дамјан Груев и македонското револуционерно движење“.
Утрото на 27 август, ден пред празникот Света Богородица, османлиските сили со силна артилериска подготовка од правецот на Горановец го започнале нападот на Смилево. За петнаесетина минути Турците минале во општ напад по сите линии на фронтот. Обрачот околу Смилево бавно, но сигурно се затворал од сите страни. Востаничката одбрана на целиот фронт била под раководство на Даме Груев и Ѓорѓи Сугарев. Во претпладневните часови востаниците дале жилав отпор на сите позиции. Попладне, востаничките позиции почнале да паѓаат една по друга. Четите на Ѓ. Сугарев, Ѓакон Евстатиј, Павле Крстев, Даме Мисков и други војводи, кои дејствувале северно од Смилево, биле принудени на отстапување со значајни загуби. Со падот на одбраната кај манастирот „Св. Петар“ паднале и востаничките позиции кај Гробот, Горановац и Арамиски Камен.
Според проф. д-р Ѓорѓиев, одбраната на Смилево била сериозно разнишана. По падот на позицијата кај Арамиски Камен, една воена колона се насочила кон збегот Голем Гар, каде што извршила жесток масакр врз неборечко население од жени, деца и старци. Притоа биле масакрирани 56 лица од двата пола на различна возраст, од тринеделни бебиња до 80-годишни старци. Истовремено, многумина биле ранети, обесчестени и опљачкани.
Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев: Историјата на Македонија потврдила дека ужасот
нема крај
Во меѓувреме, непосредно пред селото, под директна команда на Даме Груев се бореле смилевските чети на војводите Дамјан Наумов, Димитар Кромидаровски, Пере Жебчев и Глигор Попов. Под жестокиот налет на војската, тие се повлекле во Смилево. Веднаш по нив аскерот навлегол во Долно Маало. Во таква ситуација, Даме Груев, кој дотогаш инсистирал на штедење на силите, предложил да се утврдат сретсело во училиштето и од таму да се брани тоа што очигледно веќе не можело да се брани. Долниот дел од селото веќе бил во пламен. Според Д. Груев, до попладневните часови паднале 32‐33 востаници. Селските војводи, согледувајќи ги безизлезната ситуација и бесмисленоста на таквата борба, се спротивставиле на Груевиот предлог. Во тој момент една топовска граната го погодила училиштето. Тоа ја решило дилемата. Груев дал заповед за повлекување кон Горно Маало, а од таму – кон гората. Притоа истакнал дека „веќе ништо не може да се спаси, но честа ја спасивме – се биевме!“
Приквечер пламнало целото село. Во пресрет на празникот Света Богородица, Смилево горело по вторпат. Затекнатите старци во селото биле убиени до еден. Според еден турски извештај, тогаш во Старо Смилево биле изгорени сите седум куќи, а во Ново Смилево од 410 биле изгорени 400 куќи. Валијата Хазим-паша, за да го прикрие палењето на Смилево од страна на војските, во извештајот од 31 август 1903 г. до канцеларијата на големиот везир комично пишува: „За време на судирот во Смилево…, од страна на разбојниците била запалена една куќа која служела како складиште. Поради активирањето на бомбите и муницијата, поради силното дување на ветрот и бидејќи куќите биле збиени, селото изгорело“.
Вечерта Д. Груев, заедно со смилевските чети, се прибрал во збегот Голем Гар. Глетката била страшна. Груев зад себе го имал Смилево во пламен, околу себе масакрирани трупови, ранети старци, жени и деца, избезумени жени и деца во плач. Овие сцени во наредниот период станале секојдневие по македонските села во Битолскиот Округ. Во збегот Голем Гар, Груев се соочил со суровата реалност и со епилогот од сопствената изрека: „Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“.
– Навистина, крајот бил ужасен, меѓутоа историјата на Македонија потврдила дека ужасот нема крај – пишува проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев во својата книга.
Груев им објаснил на селаните дека четите преку ноќ ќе го напуштат збегот за да ги избегнат турските потери, а со тоа и нов масакр врз населението. Истовремено, Груев на селаните им препорачал да се вратат во изгореното село и да ѝ се предадат на власта. Веднаш потоа здружените чети, со помош на вештите курири, пробивајќи се покрај турските логори и стражи се извлекле од обрачот кон блиските гори. Утредента смилевчани се вратиле во селото и ѝ се предале на власта.
Таму, покрај пепелиштата од изгорените куќи, никнале колиби во кои започнал нов живот, додека еден дел од смилевчани заминале за Битола. Смилевчани доживеале страшна хуманитарна катастрофа. По неколку дена, османлиските војски го напуштиле селото и заминале во слични потфати кон Демирхисарско.