Никола Маџиров беше почесен гостин на 29-то издание на меѓународниот фестивал „Денови на поезијата и виното“, кој се одржа од 20 август до 23 август во Птуј, Словенија. По тој повод словенечката издавачка куќа „Белетрина“ објави поширок избор од поезијата на Никола Маџиров со наслов „Шестарот на времето“ („Šestilo časa“) во препев на словенечки на Намита Субиото.
Книгата содржи и неколку автопоетички есеи преземени од книгата „Дом во тишина“ во издание на „Арс ламина“. Никола Маџиров и втората почесна гостинка, поетесата и револуционерка Џоконда Бели (1948) од Никарагва, ги претставија своите книги на словенечки во Друштвото на писателите на Словенија, а потоа учествуваа на читања и дискусии во Птуј.
Во описот на книгата на словенечки стои: „Полскиот поет и есеист Адам Загajeвски за поезијата на македонскиот колега запиша дека се како експресионистички слики: исполнети со густи, енергични потези, тие како да изнедруваат од имагинацијата и да се враќаат назад кон неа во истиот миг, како ноќни животни уловени од светлината на автомобилските фарови. Во тие ненадејни блесоци можеби најјасно се исцртуваат поимите дом, граница, историја, време. Во мрежата на јазикот тој се обидува да ја улови убавината на мигот што исчезнува, возвишеноста на ситните нешта, моќта на обичноста“.
Последниот настап на Маџиров со Џоконда Бели се одржа како дискусија на тема „Мапирања на домот“.
Маџиров во своето опсежно интервју за медиумот „Ербелетрин“ на прашањето како ги гледа своите песни на други јазици, истакна: „За поетот, јазикот е тело во кое ги чувствува сите задоволства и ограничувања, целата болка и привремено исчезнување. Преводот е ритуал затоа што повторува нешто што ќе се повтори. Нема загуби или добивки во ритуалите, туку реконструкции на реалноста и полусоништа. Ништо не е изгубено во чинот на преводот, но со лош превод губиме сè – особено тишината во песната. Постојат многу песни во кои можеме да се препознаеме без да ги напишеме, исто како што има места каде што сме се замислиле себеси долго пред да патуваме таму. Преведувачот е тивок деконструктор, ноќен чувар на мостови на разлики и разбирање. Преведувајќи на друг јазик, преведувачот го спасува и јазикот од кој преведува. Секоја замена на еден збор со друг ги спречува двата збора да бидат заборавени. Пишуваме за да се сеќаваме, преведуваме за да не заборавиме“.