
Децата се најблагородна публика и имаат право на свои омилени серии од домашно производство, серии што ќе остават незаборавна сончевина во нивното детство. Имаме креативни сили од сите уметнички профили. Јас сум оптимист и верувам дека овој недостиг од ваков вид програма е веќе детектиран и се преземаат иновативни чекори за повторно заживување на телевизиската продукција за деца и млади, порачува писателот Велко Неделковски
Книгите заслужуваат екранизација, а децата квалитетна телевизиска програма
Генерациите деца што растеа во 1980-тите и 1990-тите години покрај разновидната игра, која најчесто се случуваше на отворено, на улиците, во парковите и пред зградите, штом ќе се прибереа по гласното повикување на мајките од терасите, имаа среќа дома да уживаат во извонредни серии и филмови за деца од домашната продукција. Па така, нема кој не ги знае „Опстанок“, „Втората смена“, „Волшебното самарче“, „Булки крај шините“, „Белото циганче“, „Големи и мали“, „Девојките на Марко“…
Многу од овие наслови на филмови и серии се настанати врз основа на веќе постојни книги на македонските писатели за деца. Потоа настана еден период во кој речиси ништо не се создаваше во однос на продукцијата за деца, па психолози, педагози и наставници, како и родители, тврдат дека тоа негативно се отслика врз развојот на поновите генерации. Меѓутоа, за среќа, последниве неколку години работите барем малку се менуваат кон подобро. Па така, се појавија телевизиските проекти „Зоки Поки“ и „Светот на Биби“, за кои пријавениот огромен интерес од домашната и меѓународната публика покажа колку е потребна и важна екранизацијата на книгите за деца.
Екранизацијата ги популаризира книгите
Според нашиот реномиран писател за деца и за возрасни и сценарист Велко Неделковски, кој е еднакво препознатлив и по неговите книги и по телевизиските продукти за деца, екранизацијата на книгите за деца е важна затоа што така содржината на книгата добива поголема видливост.
– Важно е затоа што книгата со екранизација добива поширок одек, поголемо ехо. Нејзините ликови од замислата на читателите прераснуваат во конкретни улоги остварени од актерите. Самата книга стекнува поголема популарност и како литературно дело, а серијата и книгата се надополнуваат во своето паралелно постоење. Најквалитетен дострел се постигнува кога авторот на книгата е и сценарист на серијата или филмот – вели Неделковски.
Актерот Рубенс Муратовски, кој низ својата успешна долгогодишна кариера еднакво им е посветен и на децата и на возрасните, уште во своето детство, на десетгодишна возраст, застанал пред камерите како носител на главната улога во сериите „Белото циганче“ и „Булки крај шините“. Сценарист на телевизиската серија „Булки крај шините“ е токму Велко Неделковски, режисер е Душко Наумовски, а во шест епизоди е емитувана во 1981 година на тогашната ТВ Скопје, денес Македонска радио-телевизија.
Добрата телевизиска програма е патоказ за децата
Муратовски се согласува со Неделковски и ја подвлекува важноста на создавањето квалитетна програма за деца.
– Важноста на програмата за деца, со забелешка добрата програма за деца, е од најголемо значење од неколку аспекти. Со неа создаваме и креираме свет во кој децата учат за важни, потребни и образовни нешта, а, од друга страна, конкретниот медиум што ја создал таа програма си регрутира, ако можам да кажам така, идна публика. Екранизацијата на македонски книги е исто така од исклучително значење затоа што со тоа се популаризира и зачувува сѐ што веќе е напишано и на некој начин станува подостапно до поголема публика – вели Муратовски.
Програмската празнина негативно влијае врз денешните деца
Македонија во последниве две-три децении бележи мошне сиромашна продукција на филмови и серии за деца. Малата продукција, според Неделковски, алармантно се чувстува кај денешните генерации деца, на кои им е потреба квалитетна телевизиска програма.
– Има мала продукција, но тоа се главно нови сезони за некои тинејџерски серии. Нема нови анимирани проекти, нема ниту т.н. студиски серијали. Таа програмска празнина алармантно се чувствува, на сегашниве генерации им недостигаат домашни серии од сите жанрови. Телевизиските куќи не вложуваат свои средства за такви серии – констатира Неделковски.
Со добрата програмата за деца создаваме и креираме свет во кој децата учат за важни, потребни и образовни нешта, а, од друга страна, конкретниот медиум што ја создал таа програма регрутира идна публика. Екранизацијата на македонски книги е исто така од исклучително значење затоа што со тоа се популаризира и зачувува сѐ што веќе е напишано и на некој начин станува подостапно до поголема публика, вели актерот Рубенс Муратовски
Омилените ликови на генерациите што растат сега Биби и Боби произлегоа токму од книгите на Билјана Црвенковска. Денес, покрај серијата, режисерот Гоце Цветановски работи на анимиран филм. Цветановски смета дека домашната продукција е скромна, но верува во нејзиниот потенцијал.
– Со „Светот на Биби“ покажавме дека е можно да се создаде квалитетна домашна содржина, која ќе им конкурира на светските брендови. На „Бренд лиценцинг експо“ (Brand Licensing Expo) во Лондон бевме рамо до рамо со брендови како „Кока-Кола“, „Марвел“, „Пепа Пиг“, „Моето мало пони“. Серијата за „Зоки Поки“ исто така доживеа одличен успех. За Биби имаме долгорочна стратегија, но секогаш се потребни повеќе инвестиции, а најмногу – доверба во домашните креативци – подвлекува Цветановски.
Негова желба е еден ден да направи модерна анимација или високобуџетна серија врз основа на волшебните приказни на Марко Цепенков.
Потребна е телевизиска, но и државна стратегија и поддршка
Муратовски вели дека екранизацијата на македонски книги е исто така од исклучително значење затоа што со тоа се популаризира и зачувува сѐ што веќе е напишано и на некој начин станува подостапно до поголема публика. Токму затоа тој смета дека е потребна телевизиска, но и државна стратегија.
– Македонија има доволно добри книги што заслужуваат да се екранизираат, со тоа ќе се потврди нивниот неоспорен квалитет и ќе добијат едно ново читање и гледање на темите со кои се занимаваат. Мене професија ми е да читам одново и одново литература за возрасни и за деца, а најголем дел од нив се погодни да се екранизираат. Но, тоа е концепт, став и мисија на една телевизија, па и државна стратегија. Младата публика на тој начин се запознава или потсетува на тоа колку квалитетна литература за деца имаме и, згора на сѐ, слушањето на својот мајчин македонски јазик на екран ќе придонесе да го чуваме и зајакнуваме токму во времиња кога е нападнат – порачува Муратовски.
Велко Неделковски посакува екранизација на неговиот роман за деца и млади „Летачкиот човек Пеперут“, а неговиот син Огнен Неделковски веќе напишал сценарио за долгометражен игран филм според мотиви на романот на Велко Неделковски, насловен „Симчо“, кој чека своја реализација. Неделковски излезот од незавидната продукција на програма за деца оптимистички го гледа во формирање тело што ќе се занимава со оваа проблематика.
– Според мене, можеби треба да се формира нова агенција за телевизиски проекти за деца и млади. Децата се најблагородна публика и имаат право на свои омилени серии од домашно производство, серии што ќе остават незаборавна сончевина во нивното детство. Имаме креативни сили од сите уметнички профили. Јас сум оптимист и верувам дека овој недостиг од ваков вид програма е веќе детектиран и се преземаат иновативни чекори за повторно заживување на телевизиската продукција за деца и млади – порачува Неделковски.
Во развојот на децата влијае сѐ што ги опкружува, па, според тоа, и сите содржини, без разлика дали ги восприемаат во облик на книга, сликовница, списание, телевизиска емисија, филм или серија. Режисерот Цветановски смета дека токму филмот може да успее да ја приближи книгата до децата што инаку не би ја прочитале.
– А кога еднаш ќе ги допре приказната на емоционално ниво, големи се шансите потоа да посакаат да ја прочитаат и оригиналната книга – вели Цветановски.
Имаме добри книги за деца, инвентивни режисери и сценаристи, подготвени актери, а најмногу желни љубопитни дечиња, кои со нетрпение исчекуваат побогата продукција за нив. Потребни се стратегија и поддршка, затоа што време е за „акција“!
Книгата и ТВ-серијата „Втората смена“ се надополнуваат
Велко Неделковски како долгогодишен драматург и сценарист, а потоа и уредник на играната програма за деца на Македонската радио- телевизија, автор е на 60 радиодрами и на 30 серии за деца, а, според него, најгорд и најзадоволен е од „Втората смена“. Тој ни раскажа за нејзиното настанување.
– „Втората смена“ истовремено беше одбрана за лектира за седмо одделение и реализирана во шестепизодна телевизиска серија, која се снимаше во летувалиштето „Сутјеска“ во Охрид. Серијата беше одлично прифатена, а и ден-денес се емитува репризно и бележи голема гледаност. Но, книгата и ТВ-серијата не се идентични „до точка“. Во серијата беше нужно да се допишат нови драмски ситуации, нови пресврти, нови дијалози. Книгата и ТВ-серијата на убав начин се надополнуваат и лично сум горд што и двете се мое авторско дело – вели Неделковски.


