Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во минатото победниците ја пишуваа историјата, денес губитниците ја фалсификуваат

  • Добро упатени соговорници на „Нова Македонија“ посочуваат дека методите на криење на историските факти, или нивно ретуширање, фалсификување, па и ревизија на цели историски периоди, настани и личности, не се непознати во бугарското општество, како во минатото така и денес. Оттука се препорачува внимателно проверување на сите содржини што пристигнуваат од кај нашиот источен сосед затоа што може да се забележат аномалии, како што беше последниот пример кога весникот „Нова Македонија“ беше посочен како извор за одредена содржина, нешто што беше спротивно на вистината
  • Неодамна бугарскиот медиум БГНЕС го објави текстот „Националната амнезија – вредност, која се руши во Скопје…“ од авторот Иван Николов, во кој меѓу другото се вели дека на 5 август на страниците на „Нова Македонија“ излегол одреден текст на Блаже Миневски, но навистина, тоа не кореспондираше со вистината…

Во минатото постојат голем број примери кога одредени држави, институции и поединци се обидувале да фалсификуваат одредени содржини. Ова беше лесно остварливо поради технолошката ограниченост, државната контрола и недостигот од слобода во општеството и медиумите. Затоа и се вели дека историјата честопати ја пишувале победниците, односно дека имале можности да ја извртат вистината за да одговара на одредена идеологија или политичка агенда. Но денес живееме во ера кога вистинитоста на информациите и содржините е лесно проверлива. Денес победниците (не) можат да ја пишуваат историјата, ниту пак може лесно да помине незабележано некоја фалсификувана содржина, бидејќи технолошкиот напредок и интернетот ги прават работите полесно и побрзо проверливи.
Така, го посочуваме и последниот пример со бугарскиот медиум БГНЕС. Можеби станува збор за банална грешка, но доколку ги земеме предвид последните 100 години, може да се заклучи дека постојат обиди за активно и со умисла фабрикување и фалсификување одредени содржини во полза на бугарскиот националистички наратив, на сметка на македонскиот. Ова се случувало во минатото, а се случува и многу пософистицирано, денес.

Во минатото фалсификуваните содржини тешко се откриваа!

Во минатото фалсификувањето одредени содржини од страна на државите беше многу тешко проверливо поради технолошки ограничувања и централизирана контрола. Државните институции ги контролираа архивите, владите најчесто имаа ексклузивен пристап до официјални записи, натписи и историски документи. Оттука без независен надзор по потреба можеа лесно да се менуваат или уништуваат. Исто така не смее да забораваме дека во минатото беше ограничена писменоста на луѓето, односно многумина не знаеја да читаат или да пишуваат и се ограничуваа на општествената елита при толкувањето на историјата, нешто што се покажа како олеснителна околност за манипулирање со јавното мислење. Истовремено училиштата беа злоупотребувани за пропагирање на официјалната верзија на историјата, со што беа ограничувани различните видувања и ставови.
Државните институции исто така користеа цензура и казнување, оттука оспорувањето на официјалниот наратив можело да биде опасно. Историчарите или граѓаните што ја доведувале во прашање вистинитоста на историските документи ризикувале затворска казна или егзил. Во минатото исто така немаше слободен печат поради што немало можност за разоткривање или дебата за фалсификатите. Од светски рамки, особено е интересен примерот со Советскиот Сојуз кога Сталин издаде наредба за видоизменување на фотографиите и чистење на архивите за да се избришат неговите политички соперници од историјата.
– Протоколите на Сионските старци е озлогласен антисемитски фалсификат, кој беше објавен во Русија во 1903 година. Во него лажно се тврдеше за постоење еврејски заговор за светска доминација, но и покрај тоа што беше разоткриен овој фалсификат, нацистичка Германија го злоупотреби за да го оправда холокаустот, а денес и понатаму продолжува да циркулира меѓу крајно десничарски и екстремни групации – велат нашите соговорници.

Денес лесно се проверуваат информациите!

Денес технологијата ја олеснува проверката на вистинитоста на информациите, но ова можност во минатото не постоеше. Низ историјата одредени држави, институции или поединци прибегнуваа кон фалсификување документи, натписи, искажувања и слично. Притоа овие методи беа насочени кон стекнување или задржување моќ, контрола и наратив. Во минатото, понекогаш фалсификуваните историски записи и документи беа користени за оправдување територијални претензии, оправдување одредени националистички митови или менување на историската вистина во полза на догми или идеологии.
Бидејќи живееме во информатичка ера кога информациите во реално време се лесно проверливи, споменатите методи се ограничени, но тоа не значи дека во име на одреден наратив или идеологија некои држави, институции или поединци не се обидуваат да ги применат. Дека постојат вакви методи потврдуваат и неколку релевантни извори, во светски рамки најчесто се посочува Северна Кореја каде што користат фалсификувани документи и натписи за да се поддржат митовите за владејачка фамилија или обидите за историскиот ревизионизам на Република Бугарија преку обидите за преобликување на македонската национална меморија со менување одредени содржини или натписи.
Добро упатени во оваа проблематика посочуваат дека овие методи не се непознати во бугарското општество, како во минатото така и денес. Оттука се препорачува внимателно проверување на сите содржини што пристигнуваат од кај нашиот источен сосед затоа што може да се забележат одреден аномалии, како што беше последниот пример кога весникот „Нова Македонија“ беше посочен како извор за одредена содржина, нешто што беше спротивно на вистината. Неодамна бугарскиот медиум БГНЕС го објави текстот „Националната амнезија – вредност, која се руши во Скопје…“ од авторот Иван Николов, во кој меѓу другото се вели дека на 5 август на страниците на „Нова Македонија“ излегол одреден текст на Блаже Миневски, што апсолутно не е вистина.
– Можеби станува збор за банална грешка, но доколку ги земеме предвид последните 100 години, може да се заклучи дека постојат обиди за фабрикување и фалсификување одредени содржини во полза на бугарскиот националистички наратив. Ова се случувало во минатото, а се случува и денес – велат нашите соговорници.

Зошто не треба да им веруваме на содржините што ни се пласираат од Бугарија?

Во минатото санстефанскиот идеал беше столбот на бугарскиот национализам, оттука бугарската држава и нејзините институции спонзорираа фалсификувани документи и натписи за го обликуваат начинот на кој македонскиот народ ги разбирал своето минато и идентитет. Очигледен пример за ова е Васил К‘нчов, бугарски научник, географ, историчар и политичар. Додека беше жив тој објави неколку географски истражувања за Македонија, како што е „Патни белешки од Македонија“ (1898) или „Македонија. Етнографија и статистика“ (1900). Во нив, споменатиот К‘нчов за припадниците на македонскиот народ вели дека се Бугари, а сите македонски особености се претставени како бугарски. Една подлабока анализа укажува дека содржината на неговите книги е условена од неговите политички погледи, а не од вистината.
Ова се потврдува токму во неговата книга „Орохидрографиja на Македонија“, која беше издадена по смртта Васил К‘нчов од страна на Бугарската академија на науките во Софија и под редакција на професор Анастас Иширков. Во оваа книга меѓу другото се вели: „Точни граници на областа Македонија не можат да се дадат, зошто таа не е затворена во некои строго определени географски предели, ниту пак административно е одделена од другите области. Само во етнографска смисла, Македонија има поопределени граници, зошто бугарското племе е населено по целата област и ретко излегува од нејзините граници. Областите на север, на запад и на југ од Македонија имаат пред сè друго население. При определувањето на границите ние ќе се раководиме главно од општото мислење на месното население и од мислењата кои ги изнесуваат највештите нови патешественици. Месните Бугари и Куцовласи, кои живеат во пределите на Македонија, се нарекуваат самите Македонци и околните народи ги нарекуваат така. Турците и Арнаутите не се кажуваат Македонци, но запрашани од каде се, одговараат: од Македонија, а исто така и Грците, кои живеат во јужните области, не се нарекуваат Македонци“.
– Ова е конкретен пример како Бугарите ги фалсификуваа содржините. Васил К‘нчов го пренесува наративот дека во Македонија живее бугарското племе, но кажува и како Македонците себеси се идентификувале, односно како Македонци дека и околните народи така ги именувале – велат нашите соговорници. Д.Ст.