Трамп или сѐ сака или сѐ мрази – нема средина. Но, без разлика дали го сакаме или не, едно е неспорно: 47-от претседател, Доналд Трамп, создава нов економски поредок (НЕО). Во блиска иднина, некој економски теоретичар ќе стане познат создавајќи теорија што ќе ги објасни политиките на Трамп, како што своевремено беа блиски теориските поставки на Кејнс и праксата на Рузвелт. Се надевам дека ќе го спомене и мојот скромен придонес, со синтагмата „Нов економски поредок“
На Балканот имаме една едноставна изрека: „Тие што умеат – прават, а тие што не умеат – предаваат“. Затоа ја користев оваа аналогија во една многу едноставна реченица: „Практичарите водат, научниците објаснуваат.“
Поинаку кажано, на поакадемски начин: „Економската иновација често започнува со практичари што одговараат на реални предизвици, а подоцна научниците развиваат теории за да ги објаснат, надградат или критикуваат тие постапки.“
Трамп или сѐ сака или сѐ мрази – нема средина. Но, без разлика дали го сакаме или не, едно е неспорно: 47-от претседател, Доналд Трамп, создава нов економски поредок (НЕО). Во блиска иднина, некој економски теоретичар ќе стане познат создавајќи теорија што ќе ги објасни политиките на Трамп, како што своевремено беа блиски теориските поставки на Кејнс (J.M. Kaynes) и праксата на Рузвелт (Roosevelt). Се надевам дека ќе го спомене и мојот скромен придонес, со синтагмата „Нов економски поредок“.
Иновативните економски потези најчесто ги иницираат луѓе од пракса: политичари и бизнис-лидери. Подоцна, истражувачите ги анализираат, формализираат или теоретизираат тие дејства. На пример, „New Deal“ на Рузвелт дојде пред целосно да биде артикулирана теоријата на Кејнс. Отворените пазарни операции на Федералните резерви беа користени пред монетарната теорија формално да ги објасни.
Неповолни промени има и во индустријата! Многу бизнис-иновации прво се појавиле во компании, а дури потоа биле предмет на академски студии. „Lean manufacturing“ започна во „Тојота мотор“ (Toyota Motor Company), а отворените Town Hall Meetings станаа средство за трансформација на организациската култура во „Џенерал електрик“ (General Electric).
Зошто е ова така? И политичарите и бизнисмените решаваат реални проблеми. За првите, тоа е нивна обврска – да дејствуваат за доброто на мнозинството. Често работат под притисок, користат интуиција, искуство или политичка нужност. За вторите, тоа е секојдневна борба за опстанок во „пазарната џунгла“.
За разлика од нив, истражувачите од општествените науки се во релативно комфорна позиција. Валидноста на нивните теории не се тестира веднаш во пракса, туку во академски дискурс – на некоја конференција или на страниците на стручни списанија.
Стариот економски поредок – теоретска и политичка заднина
Што, всушност, менува претседателот Трамп? За да одговориме, мора најпрво да прашаме: Кои се клучните карактеристики на стариот економски поредок? И, како последица, што се „уништува“ за да се изгради нешто ново – особено од перспективата на САД?
Намерно го користиме терминот „уништување или деструкција“, затоа што се поврзува со познатиот концепт на Јозеф Шумпетер, „Креативна деструкција“, а тоа е процес што тој го опишува како суштинска движечка сила на капитализмот.
Од крајот на Втората светска војна, светската економија се обликуваше преку постепено намалување на трговските бариери и либерализација на трговијата. Овој развој може да се види во две главни димензии:
• Мултилатерализам – експониран преку Генералниот договор за тарифи и трговија (GATT), кој ја постави основата за Светската трговска организација (СТО – WTO), но и асоцијации како Г7 и ОЕЦД.
• Регионализам – со појава на голем број регионални економски иницијативи, како:
а) Европската економска заедница (ЕЕЗ), која подоцна прерасна во Европска Унија (Римски договори, 1957; Договор од Мастрихт, 1992),
б) Северноамериканскиот договор за слободна трговија (NAFTA, 1992), подоцна заменет со Договорот САД–Мексико–Канада (USMCA, 2020),
Царините на Трамп претставуваат нарушување на воспоставениот поредок, предизвикувајќи ги и мултилатералните и регионалните структури што долго време го поддржувале глобалниот трговски систем.
Сведоци сме на нарушување на класичната економска теорија, која значи оддалечување од идеите на Адам Смит и Дејвид Рикардо. Принципот на Рикардо нагласуваше дека земјите треба да се специјализираат во производството на добра што најдобро ги произведуваат, дури и ако се помалку ефикасни во други области. Наспроти тоа, пристапот на Трамп ја истакна самодоволноста: колку што е можно повеќе да се произведува дома.
Импликации од Бретон Вудс и ГАТТ, 1941–1947
За време на и непосредно по Втората светска војна, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и другите сојузнички држави учествуваа во низа преговори за воспоставување правила за меѓународната економија по завршувањето на војната. Резултатот беше создавањето на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка на конференцијата во Бретон Вудс во јули 1944 година, како и потпишувањето на Генералниот договор за тарифи и трговија (ГАТТ) на меѓународна конференција во Женева во октомври 1947 година.
Станува збор за време кога економијата на Америка беше доминантно национална, а не глобална. Надворешната трговија учествуваше со помалку од 10 отсто од БДП на САД. Дури 40 години по Втората светска војна, надворешната трговија ја надмина границата од 15 проценти од американскиот БДП. Така, со години и децении, Америка беше најголемата воена, економска и извозна сила, со економија што беше речиси самодоволна.
„Зголемувањето на надворешнотрговската размена доведе до зголемен дефицит на трговскиот биланс на Америка.
\Америка 1945–2025 (или Америка пред новиот економски поредок на Трамп)
Ајде повторно да се навратиме на Шумпетер, кој напиша: „Отворањето нови пазари, странски или домашни, и организацискиот развој – од занаетчиските работилници до компании како „Ју-Ес стил“ (U.S. Steel) – го илустрираат истиот процес на индустриска мутација – да ја искористам таа биолошка метафора – кој постојано ја револуционизира економската структура одвнатре, постојано го уништува старото и постојано создава ново. Овој процес на креативна деструкција е суштинскиот факт за капитализмот (стр. 83).“
Нашето скромно мислење е дека: Доналд Трамп го менува текот на историјата. Тој „креативно го уништува“ претходниот економски систем. Претходната доминантна претпоставка од аспект на Америка беше: „Ние сме богати и моќни, можеме да уживаме затоа што сиромашните (или посиромашните) ќе произведуваат за нас. Ние можеме да уживаме живеејќи во постиндустриското општество!“ Овој начин на размислување доведе до најголемиот буџетски дефицит и трговски дефицит во историјата!
Кај некои автори имаше одреден скептицизам околу долгорочната одржливост на постиндустриското општество изградено претежно врз услуги. Идејата дека можеме „ние да дизајнираме и пласираме, а другите да произведуваат“ изгледа суштински проблематична, ако не и неодржлива.
Сепак, најголемиот дел од американската економија се потпираше на услуги, и тоа е тренд во втората половина на XX и XXI век.
Промени во структурата на американскиот БДП – производство наспрема услуги (1950-2025)
Она што е уште полошо за Америка е фактот дека порастот на дефицитот во надворешната трговија беше придружен со континуирано зголемување на буџетскиот дефицит. Ова може да се илустрира преку следниот графикон:
Тренд на федералниот буџетски
дефицит на САД
Резултатите од тие дефицити се кумулативно зголемување на односот долг/БДП:
Тренд на националниот долг
Ова беше состојбата во 2024 година, кога претседателот Доналд Трамп го започна својот втор мандат. БДП беше на високо ниво, но другите аспекти не беа толку добри:
• Трговскиот дефицит растеше (а со тоа и американската зависност од странско производство);
• Буџетскиот дефицит растеше (а со тоа и американската зависност од приватно домашно и странско финансирање)!
Кина имаше позитивен трговски биланс со Соединетите Американски Држави, при што извозот го надмина увозот за 18 милијарди долари. Уште полошо – од американска перспектива – не само Кина туку и други земји, како на пример Германија, бележат огромен раст на извозот. „Во јануари 2025 година, Германија забележа трговски суфицит од 16,6 милијарди американски долари, наспроти 21,7 милијарди долари во декември 2024 година.“ Холандија, Република Ирска, Италија, Унгарија и Полска се исто така забележани како придонесувачи кон трговскиот суфицит на еврозоната.
Слично, САД имаат негативен биланс со Канада од 29 милијарди долари и со Мексико од 166,2 милијарди долари, со што Мексико се позиционира како еден од најголемите извори на американскиот трговски дефицит.
„Што би направилe вие доколку станевте претседател на САД? Дали би се обиделе да промените нешто или би ги оставиле работите да бидат статус кво?“ (Иако, се разбира, начинот на спроведување промени секогаш може да биде поинаков.)
Политички превирања
Претседателот Трамп го започна својот втор мандат со закани кон Кина. Навистина, сериозни царини беа воведени против Кина, која се сметаше за најзначаен противник на САД. Но, сведоци сме и на дејства насочени кон некои од најважните сојузници; ЕУ е една од нив.
Некои критикуваа одредени изјави на претседателот Трамп, како на пример оваа: „Ајде да бидеме искрени, Европската Унија беше формирана со цел да ги уништи Соединетите Американски Држави. Тоа е целта, и тие добро си ја завршија работата.“ Ваквата реторика некои ја сметаат за непотребно провокативна кон клучните сојузници на САД. Историски гледано, Европската Унија не е создадена за да ги поткопа Соединетите Американски Држави, туку за да поттикне мир и соработка во Европа, особено меѓу нациите како Франција и Германија, кои беа непријатели во повеќе војни за време на 20 век. Оттогаш ЕУ стана темел на стабилност и соработка на континентот, придонесувајќи за силно трансатлантско партнерство.
Вториот политички шок е односот кон Канада. Да се биде толку агресивен кон земја што низ историјата била најблизок сојузник на Америка е, едноставно кажано, неочекувано. Дополнително, критиката на придобивките што Канада и Мексико ги добиваат според USMCA е тешко да се оправда, ако се има предвид дека Соединетите Американски Држави доброволно го потпишаа договорот. Никој не ги присилил да се приклучат – тие свесно имаат избрано да бидат дел од овој трилатерален договор.
Новиот економски поредок на Трамп (Trump’s NEO)
Сите политики на американската администрација одразуваат јасно отстапување од рамката на глобализација и соработка воспоставена по Втората светска војна и насочување кон нова парадигма. Оваа нова рамка можеме да ја наречеме Нов економски поредок (NEO). Кои се неговите клучни карактеристики, според визијата на администрацијата на Трамп?
1) Глобално нарушување на трговијата:
Воведувањето царини предизвика масовни мерки на одмазда и сериозно ги наруши глобалните синџири на снабдување. Овие дејства придонесуваат за пазарна нестабилност, зголемени цени за потрошувачите и повисоки оперативни трошоци за компаниите, што на крајот доведува до затегнување на меѓународните трговски односи и економската стабилност.
2) Концептот на економската национална држава:
Новиот економски поредок (NEO) ја нагласува примарната улога на националната држава во економското креирање политики. Оваа промена е видлива преку повторното појавување на тарифни и нетарифни бариери како алатки на националниот интерес. Претседателот Трамп го започна овој тренд со агресивно таргетирање на Кина преку високи царини, претставувајќи ја како главен економски противник на САД. Но овој пристап се прошири и кон клучни сојузници, како Канада и Европската Унија, што укажува на пошироко повлекување од мултилатерализмот и повторно нагласување на националниот суверенитет во трговските односи.
3) Намалување на улогата на мултилатералните организации:
Ова е уште една клучна карактеристика на Новиот економски поредок. Соединетите Американски Држави се повлекоа од Светската здравствена организација (СЗО – WHO), што означува отстапување од глобалната институционална соработка. Истовремено, беше поткопан авторитетот на Светската трговска организација (СТО – WTO), преку еднострани трговски политики што ги игнорираат воспоставените правила и рамки на СТО, со што се намалува глобалното влијание на организацијата.
4) Враќање на производството во САД (reshoring):
Централна карактеристика на Новиот економски поредок е стратегиското насочување кон враќање на производството во Соединетите Американски Држави. Овој тренд ги одразува растечките грижи околу ранливоста во синџирите на снабдување, националната безбедност и економската самостојност. Со стимулирање на домашното производство и намалување на зависноста од странски производствени центри, особено во Кина, САД имаат цел да ја зајакнат својата индустриска база, да создадат работни места и да се обидат да ја вратат контролата врз критични сектори, како што се полупроводници, фармацевтски производи и технологии за чиста енергија.
Предизвици за враќањето на производството:
Овој процес бара значителна работна сила со пониски квалификации т.н. blue collar workers. Сепак, рестриктивните имиграциски политики, какви што застапува Трамп, создаваат јаз во понудата и побарувачката на работна сила. Интензивните акции на Агенцијата за имиграција (https://www.ice.gov/) влијаат на намалување на работната сила. Прашањето е: Дали ќе може јазот да се премости со автоматизација и користење роботи?
продолжува в понеделник
Автор: Марјан И. Бојаџиев
Авторот е универзитетски професор