Илустрација: „Нова Македонија“

Различните бугарски наративи за ликот и делото на Мисирков се потврда дека бугарската наука и историографија фингирајќи лажни и противречни историски наративи целосно го има изгубено компасот. А особено тогаш, кога сака да си ги присвои македонските национални особености. Во недостиг од аргументи, бугарската фабрика за историски фалсификати во јавноста пласира тези што самите си противречат, се анулираат и се ништат. Во една таква состојба на историска дезориентација на бугарската пропаганда, можеме да прочитаме дека Мисирков не само што е Бугарин (!?) туку истовремено е „бугарски патриот“, а и „бугарски предавник“. Со овие тези, дел од бугарските квазинаучници и историчари влегуваат самите во стравотни контрадикторности и прават деконструкција на сопствените шовинистички конструкции за македонскиот јазик или историја. А во последниов случај за нашиот Мисирков, пакет лаги три во едно: Бугарин – патриот – предавник!? Овој пат, кујните во Софија се надминаа себеси…

Како Софија ги конструира, па ги деконструира сопствените лажни историски конструкции

Повеќе од еден век името на Крсте Петков Мисирков предизвикува жолчни дискусии во бугарското општество меѓу тамошните академици, историчари и лингвисти. Тоа не треба да нѐ зачудува, затоа што мисирковизмот е чиста антитеза на великобугарските сфаќања за македонските национални особености. Од првото печатење на „За македонските работи“ во 1903 година, па сѐ до денес, Мисирков е сениште што ги прогонува бугарските националистички кругови, а една подлабока анализа укажува и на една бугарска превртливост кон ликот и делото на овој македонски великан. Во минатото неговите трудови беа прогласувани за „лудории од немакедонски фрази“, а бугарскиот академик Христо Христов пред околу четири децении напиша дека Мисирков е „проткаен со длабока омраза и одвратност кон бугарскиот народ“. Но пред околу две децении дојде до промена на оваа позиција и во официјалните публикации на Бугарската академија на науки и во бугарските учебници по историја Мисирков се третира како етнички Бугарин и истакнат славист, а неговото дело „За македонските работи“ се објаснува пред сѐ како студија за бугарски дијалекти во Османлиската Империја, а не како основа за нов македонски литературен јазик. Меѓутоа и оваа бугарска позиција одново се промени, особено забележливо во ставот на Спас Ташев од Институтот за истражување на населението и на човекот при Бугарската академија на науките (БАН), кој нагласи дека Мисирков е – „бугарски национален предавник“. Според нашите соговорници, кои се добро упатени во оваа проблематика, овие бугарски превртливости се должат на фактот дека Мисирков е незаменлива личност во македонската историја на македонската култура и образование, затоа што тој многу јасно го артикулира јазичното прашање како столб на македонската национална самосвесност.

Бугарската амбивалентност и превртливост за ликот и делото на Мисирков

Денес бугарската историографија го третира Мисирков како етнички Бугарин и истакнат лингвист, а во бугарскиот академски дискурс неговото дело „За македонските работи“ се класифицира како студија за локалните бугарски говори и како континуитет на бугарската лингвистичка школа. Исто така може да се забележат и одредени обиди за релативизирање на неговата дејност во смисла дека Мисирков јасно ја образложувал идејата за посебна македонска нација, но ова се толкува како краткотрајна стратешка позиција, а не како автентичен македонски национализам.
Меѓутоа денешните бугарски позиции многу се разликуваат од позициите на бугарското општество од пред еден век. Ова е особено забележливо по печатењето на книгата „За македонските работи“ во Софија, кога Мисирков се најде под силен притисок и критика. Во овој правец е и статијата „Нови кобни патишта и проломи“ објавена во списанието „Македонија“ во ноември 1903 година. Во споменатата статија меѓу другото се вели дека книгата „За македонските работи“ е лудории од немакедонски фрази, како и дека тоа не е прво такво истапување и многу пред работата на Мисирков, Младата македонска книжевна дружина преку страниците на „Лоза“ се залагала за истото тоа. Во споменатата статија исто така може да прочитаме дека идејата за која се залагале Мисирков и Младата македонска книжевна дружина била пропагирана во 1887 година од страна на рускиот реакционерен печат, како и дека Иван С. Аксаков ги советувал своите македонски ученици „да создадат македонски литературен јазик и да го зачудат светот со својата независност“.
Оваа позиција долго време беше доминантна во бугарското општество, а ова се потврдува и од академик Христо Христов, кој ја објави статијата „Македонизмот како политички концепт на крајот на 19 и почетокот на 20 век“ во бугарското списание „Историски преглед“. Во оваа статија, Христов меѓу другото го пишува и следното: „Како што може да се види, Кр. Мисирков е проткаен со длабока омраза и одвратност кон бугарскиот народ. Ова е разбирливо, со оглед на тоа што тој е штитеник на српската шовинистичка организација ’Свети Сава‘ и на српското Министерство за надворешни работи.“
Меѓутоа пред околу две децении, одредени бугарски историчари и академици се обидоа да ги бугаризираат ликот и делото на Мисирков, а меѓу нив е и бугарскиот историчар Цочо Билјарски, кој вели дека „во врска со Мисирков, би сакал да напоменам дека тој се рехабилитирал неколку години подоцна, а исто така и во последните децении, кога го откривме и објавивме неговиот дневник, каде што се појавува како бугарски патриот, сериозно ранет од првата национална катастрофа“. Во овој контекст се и искажувањата на бугарскиот автор Никола Григоров, кој меѓу другото вели дека „лично, отсекогаш сум мислел дека оваа книга е специјално создадена од ’лукав потомок‘ на српската пропагандна машина, намерно објавена за да се маскира како креација на Крсте Мисирков“. Споменатиот автор не застанува тука и вели дека Мисирков е „вистински бугарски патриот“, како и дека е „бугарски патриот од највисок степен – кој жали за своите бугарски браќа, тагува за ослободувањето на Македонија, за обединувањето на сите Бугари и страда исклучително многу за погромот на Бугарија во 1913 година“.

Покрај обидите за бугаризација на ликот и делото на Мисирков, во бугарското општество има и една друго гледиште, според кое, Мисирков јасно ја образложувал идејата за посебна македонска нација, но ова не е автентичен македонски национализам. Но бугарското ретуширање на историографијата, како во бунило, повторно пројавува една нова бугарска превртливост, особено забележливо во ставовите на Спас Ташев од Институтот за истражување на населението и на човекот при Бугарската академија на науките (БАН). Ташев неодамна нагласи дека Крсте Мисирков не е гениј, туку национален предавник, бидејќи неговата идеја не ја спасува трансформираната бугарштина, како и дека Иван Михајлов го видел ова предавство на Крсте Мисирков.
Една подлабока анализа ни потврдува дека бугарскиот став за ликот и делото на Мисирков во текот на околу 120 години неколкупати се променува, за него се вели дека е македонски национален сепаратист, човек со проткаена длабока омраза кон бугарскиот народ, бугарски лингвист што ги истражувал бугарските локални дијалекти, човек што од стратешки причини се залагал за македонска нација или бугарски национален предавник.
– Различните бугарски тези за ликот и делото на Мисирков се потврда дека бугарската наука и историографија талкаат и го имаат изгубено компасот за македонските национални особености. Во недостиг од аргументи, на бугарската и македонската поширока јавност ѝ се пласираат тези што самите си противречат и се анулираат. Затоа можеме да прочитаме дека Мисирков истовремено е бугарски патриот и бугарски предавник. Со овие тези, бугарските научници и историчари прават деконструкција на сопствени конструкции за македонскиот јазик или историја. Не може една личност да биде истовремено патриот и предавник, велат нашите соговорници.
Зошто Бугарите талкаат и немаат јасен став за ликот и делото на Мисирков?

Крсте Петков Мисирков е најмаркантната личност во поновата македонска историја. Како филолог, славист, историчар, етнограф, публицист и професор, Мисирков ги постави темелите за развојот на стандардниот македонски литературен јазик, но и јасно образложи дека македонскиот народ е одделно национално ткиво со сопствени обележја. Меѓутоа Мисирков не беше случајна појава, затоа Гане Тодоровски истакна дека за да се „сфати и протолкува целосно Мисирков, секако ќе треба да се укаже и на неговите претходници во Македонија. Меѓу нив секако би дошле Ѓорѓи Пулевски, Исаија Мажовски, Марко Мушевич и Темко Попов, во прв ред, како и Спиро Гулапчев, Евтим Спространов, Коста Шахов и Марко Цепенков на еден поширок и индиректен план. Делувањата на овие македонски дејци во добра мера го објаснуваат појавувањето на Мисирков и ја осветлуваат генезата на неговите идеи“.
Една подлабока анализа ни потврдува дека бугарските академици, историчари и лингвисти имаат проблем со Мисирковата јасна македонска национална свест, нешто што се потврдува во неколку негови статии и текстови. Во овој правец е и неговата статија „Македонскиот и бугарскиот национален идеал“ објавена во „Македонски глас“, 1914 година, во која забележал: „Мошне важно прашање за сите приврзаници на автономијата на Македонија, како и за нејзините противници, се јавува прашањето: кои се и што претставуваат Македонците што се борат за независноста на Македонија? Од кои луѓе се состои лагерот на приврзаниците на автономијата… Врз што тие ја засновуваат својата борба за македонскиот национален идеал? Кои се нивните непријатели во Македонија и на Балканот и дали движењето е национално или политичко?“

Анализирајќи ги овие прашања, Мисирков истакнува: „Единството и автономијата на Македонија – ете го идеалот на Б. Сарафов; зграбувањето на цела Македонија од Бугарија или барем нејзина поделба помеѓу Бугарија и Србија со присоединување на поголемиот дел од Македонија кон Бугарија – ете го идеалот на бугарските националисти“. За политиката на Бугарија кон Македонија, Мисирков истакнува: „Бугарските влади една по друга во коренот ја уништуваа можноста за создавање автономна Македонија… Софија не можеше и не сакаше да ги разбере интересите на Македонија. Во Софија мислеа за голема Бугарија, за Санстефанска Бугарија, без оглед на тоа какви земји ќе влезат во составот на таа Санстефанска Бугарија“.
Сличен став Мисирков искажува и во статијата „Македонски национализам“ во која вели: „Јас не се каам што уште пред 28 години се објавив за македонски сепаратизам. Последниов беше и си останува за мене единствениот излез, најдобриот пат по кој македонската интелигенција би го исполнила и ќе го исполни својот долг пред татковината и пред нашиот народ“.
– Јасни се националните позиции на Крсте Петков Мисирков, тој е Македонец и како Македонец гледа на нештата. За Мисирков македонскиот народ беше нешто одделно од соседни народи и затоа ја пропагираше идејата за целосно одделување на македонските интереси од бугарските, грчките или од српските – велат нашите соговорници.