Фото: Маја Јаневска-Илиева
УЧЕНИЦИТЕ ИМААТ ТЕШКО ЧИТЛИВ РАКОПИС

Студентите во Британија пишуваат ужасно на испити, а тоа било причина универзитетот „Кембриџ“ да размисли да стави крај на традицијата стара 800 години и да дозволи испити да се полагаат на лаптопи, наместо на хартија. Како што кажува тамошната академска фела, студентите не се способни да пишуваат со рака поради нивната зависност од таблети и лаптопи на предавањата, но и надвор од универзитетот. Сара Пирсал, професорка на Факултетот за историја на „Кембриџ“ вели дека пред 15 или 20 години, студентите рутински пишувале рачно неколку часа на ден, но сега практично не пишуваат со рака, освен на испитите.

И македонските ученици и студенти не ги одминува овој тренд. Нашите деца многу лошо пишуваат, а некако се чини дека сега е веќе доцна да се поправат работите. Професорите со кои поразговаравме се сомневаат дека враќањето на краснописот како дел од предметот македонски јазик, може да ги поправи работите.
Одделенските наставници со кои поразговаравме велат дека кога дома им ги прегледуваат наставните ливчиња или тестовите што им ги даваат на децата, едвај успеваат да прочитаат што напишале тие.

– Моите ученици сега се петто одделение. Тешко оди читањето, дешифрирам зборови, а на тоа губам многу време. Во споредба со порано, денешните ученици не пишуваат воопшто убаво, самите не можат да си прочитаат што напишале. Кога прегледувам тестови, гледам како некоја буква ја пишува на друго место, за да успеам да прочитам. Мешаат латиница и кирилица, печатно и ракописно. Има деца што не знаат воопшто да пишуваат ракописно, зашто тешко им е да научат – вели наставничка во едно скопско основно училиште.

Ја прашавме дали ако вежбаат убаво пишување ќе им се подобри ракописот, а таа рече дека за тоа едноставно се нема време.
– Верувајте, имаме премногу градиво за совладување. Едноставно времето нѐ гази и нема кога да се вежба. Имаме многу часови, голем е фондот, имаме премногу материјал и времето буквално нѐ гази, не можеме да се посветиме на решавање на проблемот. Латиница и кирилица мешаат најмногу поради тастатурите на кои пишуваат кога се пред компјутер – додава наставничката.
Проблемот станува уште посериозен бидејќи се однесува и на генерациите што подолго време се опфатени со образовниот процес. Сепак, некои од професорите имаат свое видување на состојбите.

– Децата ги подготвуваме за интеграција во некое ново е-општество, во кое целата комуникација со институциите оди по електронски пат. Реално, освен во училиште, детето нема можност надвор да пишува рачно. Децата растат со технологија. Комуникацијата со наставниците се одвива по електронска пошта, блогови. Цели проектни задачи изработуваат електронски. Процесот на пишување рачно изумира. Тестовите што ги решаваат се електронски подготвени, тие само заокружуваат или дополнуваат – вели д-р Тамара Ќупева, професорка по македонски јазик во гимназијата „Орце Николов“.

Според неа, нема мотивација и потреба за убаво пишување.
– Не можеме ние како професори да бараме од нив убаво да пишуваат, кога системот не го бара тоа. Акцентот едноставно, не е ставен на ракописот. Немаат мотивација да се трудат да пишуваат убаво. Тие мешаат печатно и ракописно, дури некои не ни знаат да пишуваат ракописно, па си пишуваат печатно. Но не можеме да очекуваме да пишуваат добро ако тоа не го бара образовниот систем. Сѐ што во средно ќе сработи ученикот како задача, оди електронски. И тука се многу повешти, дури знаат и естетски тоа да го средат затоа што информатички се многу писмени – додава д-р Ќупева.

Професорката смета дека во основното образование треба да се врати краснописот, како дел од предметот македонски јазик.
Професорот од Катедрата за македонски јазик и книжевност при филолошкиот факултет „Блаже Конески“ проф. д-р Људмил Спасов, вели дека за студентите убавото пишување е мачно, дека им одзема премногу време.

– Ho jас се повикувам на правописот, затоа што таму има за тоа како изгледаат напишаните букви и како се пишуваат правилно. Свесен сум дека писмото доживува еволуција и дека калиграфијата сега веќе е уметност наместо практика. Калиграфските букви некогаш беа потребни во историјата, кога луѓето се служеа со букви и со писма, кога требало да напишат писмо за да го испратат во администрација. Некогаш тоа било нормално, но со текот на времето се укина убавото пишување. Во практика, денеска луѓето ги мешаат буквите, се служат со некои решенија што им се попрактични – вели професорот.

Според него, користењето пишани букви, освен потреба е и умешност.
– Но користењето компјутери и други помошни средства, често доведува до тоа луѓето да заборават да пишуваат. Заради сето тоа, вистинска ексклузива и посебен гест е кога ќе добијам разгледница од колегите во Финска за Нова година, напишана рачно – додава Спасов.

Образовниот систем во Финска се смета за еден од најдобрите во светот, но многу реакции предизвика иницијативата, тамошните ученици да не учат веќе пишани, туку само печатени букви. Главното образложение за ова беше тоа дека децата едноставно, мораат да го задржат чекорот со дигиталната технологија.
Ваквата новина предизвика низа реакции на писатели и книжевници. Најостар беше босанскиот книжевник Џевад Карахасан, кој рече дека ова е само уште еден чекор кон идиотизација на човекот и негова преобразба во машина што им служи на други машини.

– Сé зависи од односот кон текстот, односно од природата на текстот што го пишувам. Јас можам да пишувам директно на машина, т.е. компјутер, но парче наративна проза, драма, есеј, сѐ што ми е важно, го пишувам рачно – изјави Карахасан.