Рецензија
Во следните рецензии ќе правам омаж на неколку класици што оставиле значаен печат во филмската историја. Првиот што ја има честа да ја отвори оваа селективна филмска класика несомнено ѝ припаѓа за сјајната мелодрама „Небото над Берлин“ (1987) на германскиот маестро Вим Вендерс.
Мал број модерни филмови молскавично се искачија кон класичниот филмски трон, а некои дури го сменија и оригиналниот наслов во „Крила на желбата“, првенствено мислам на Американците. Неговата приказна е лукава комбинација на формален експериментализам и отворен популарен романтизам.
Еминентното филмско списание „Премиер“ во својата анкета го приближи „Небото над Берлин“ рамо до рамо како втор најдобар филм по „Разјарениот бик“ (1980) на Мартин Скорсезе. Иако станува збор за артхаус филм, смелата стилска употреба (црно-бел филм), егзистенцијалната синхронизација е проследена со бавно темпо, но и отворената симболика како значајни компоненти, а не секој автор може да се пофали со слични квалитативни специфики. Би ги потенцирал меланхоличната инспирација на мистичниот поетски лелек на Рилке и постпанк-нихилизмот на трубадурскиот маг Ник Кејв. Одличното сценарио е составено со заемниот оптимизам на двоецот Вендерс и Хандке; временско и вечно, минато и иднина, и третата референца, а можеби и најзначајна; невидливите ангели Дамиел (Бруно Ганц) и Касиел (Ото Сандер) дебатираат за желбата на првиот да влезе во светската историја по многубројните надворешни набљудувања. Aнгелите не се само ангели чувари, туку се „доставени“ на Земјата за да се грижат за човечките суштества, набљудувајќи го временскиот вековен часовник.
Филмската магија на Вендерс кај секого буди различни емоции: некој запловува во светот на фантазмите, друг се втурнува во медитативните сеанси, додека кај трет проработува сенсот на елегичност. Минуциозното око на авторот не јуриша во наративната структура, туку трпеливо би брани своите ангели. Сугерира како би било да се види сѐ, но вие да не сте директен учесник. Оригиналната идеја на (ингениозните) согледувања е фрагментарно проследена во неколку круцијални сцени: првенствено мислам на морално есенцијалните дилеми – како егзистенцијалните мисли на патникот во трамвајот, грижливиот татко за судбината на синот со поголеми аспирации да стане рок-ѕвезда отколку факултетски образован. Тука се и луѓето од улицата на Потсдам, па дури и проститутката, која иднината за подобро утре ја гледа надвор од германската почва.
Зад камерата стои едно од најзначајните имиња, Хенри Алекан. Кога ја прикажува перспективата на ангелите, снима со монохром на гамски ултрамарин, а кога гледа низ призмата на човечките очи користи целосна палета. Неговата камерна еквилибристика ги надминува гравитациските модуси; лебди над градот или лизга на авионските крила; не се наметнува, таа едноставно опсервира. Во една од своите многубројни прошетки ангелите Дамиел и Касиел наидуваат на детективот Коломбо (Питер Фолк) пред сендвичарница. Тој не останува имун на присуството на ангелот, велејќи му: „Знам дека си тука, го чувствувам мирисот бидејќи и јас бев порано ангел“, на што Дамиел останува стаписан и помислува да не се преобразил во нешто друго. Но тоа е само охрабрувачки потег да го истражи непознатото, со што би започнал и нова авантура. Следниот ден одат во градскиот циркус, а Дамиел е восхитен од умешноста, но и убавината на трапезистката, која му станува опсесивна убавина.
Иако е восхитен од нејзината елеганција, не брза во своите намери; следните денови ја набљудува со самурајска трпеливост. Но и во деновите кога со осамена грутка во грлото се приближува кон приколката. Крупниот план од грбот на трапезистката Марион го толкува француската дива Солвег Домартен во собниот амбиент каде што од кјароскуро преминува во прекрасен микс на Еенгровски валер (од небесносина, преку цинобер, до бела боја), па имате впечаток како пред вас да изнурнал автентичен женски акт. Еротски татнеж кај него наидува кога сака да ја допре по голото рамо, а хроматските валери го започнуваат љубовното танго, како што тој посакува на страстен начин да се впие во нејзиното тело. Одлучниот трансформациски чин е поголем од кога било бидејќи сака да се оттргне од вековната сенка на ангелската бесмртност, а нетрпеливо посакува да го почувствува човечкиот мирис, но и соочувањето со новите животни предизвици.
Оттука филмот добива нов динамичен процес, кој дотогаш за мене беше незамислив и беше вистинска сензација. Летаргичното, монотоно сивило добива витална експресија, Дамиел почнува да чувствува ладовина на рацете, допирот од прстите, но е и сведок на болката. Дали филмот е сличен со музичките ноти и пејзажот? Секако, наоѓаме варијабли на чист простор во умот, каде што може да се согледаат и одговорите. Решен да го освои срцето на Марион, бидејќи не сака да ја повтори грешката на претходно пропуштена можност (кога замина циркусот), сега оди на концертот на Ник Кејв, каде што присуствува и таа, а срцето полека го пронаоѓа леглото од својата комора. Осоколен по концертот, тој ѝ приоѓа на Марион, а таа искусно заводнички го прашува за животниот аксиом, кој гласи: „Долго чекав, но веќе не можам да чекам, дали си подготвен да бидеш со мене“. На тоа тој самоуверено одговара: „Никогаш не сум бил поподготвен од сега“. Страсните усни се сплотуваат како сочни плодови и нивната бајка започнува да живее нов живот, а Дамиел повторува: „Сега знам нешто што ни еден друг ангел не го знае“ (мислејќи на љубовта). Секаде и најчесто љубовта е главната артерија на животниот елан што нѐ прави среќни, радосни и љубовни. Ова е време на најкреативниот елан од Вендерсовиот опус, кој само неколку години претходно го создаде ремек-делото „Париз Тексас“ (1984). Тука се закитува со „златната палма“ на фестивалот во Кан, а сега мораше да се задоволи со истата награда, но само за режија.
Како едно од моите најубави филмски искуства би ја издвоил и средбата со господинот Вендерс на мастеркласот на Филмскиот фестивал во Солун. За среќа, имав можност да поразговарам и да му честитам за моите омилени филмови од неговиот богат филмски опус. Соработката на Бруно Ганц со Вендерс не е прва, туку, напротив, нивната соработка е од поодамна, а датира од времето кога го создаде „Американски пријател“ (1977). Во Македонија среќата ја имаше Митко Панов, кој соработуваше на филмот „Сведок“ (2018), покрај една од најнадежните актерки на македонското платно Наташа Петровиќ. И така, сѐ има свој почеток и крај, а ние се наближивме до самиот крај… Секако би ја посочил констатацијата за „Небото над Берлин“ дека треба да е задолжителна филмска лектира за секого, но има и различни профилни хабитуси што не се согласуваат. Но, едно знам, а тоа е дека за мене е со непроменет рецепт; „Небото над Берлин“ сѐ уште ми е (нај)слатката „бајадера“ на скалилото на филмските класици што во иднина сметам дека ќе грее и голем број човечки срца.