Фото: Приватна архива

Долгометражниот анимиран филм „Светот на Биби“ е во фаза на развој, а премиерата ја планираме за 2027 година. Насловот е „Златната пеперутка“, и тоа ќе биде една авантура во амазонската џунгла полна со хумор, фантазија и еколошка порака. Може да се каже дека е нешто како Индијана Џонс за деца. Примарна целна група се децата од шест до девет години, но верувам дека ќе уживаат и родителите, вели Цветановски

ПРИЈАТЕЛИ НА ДЕЦАТА: ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ, РЕЖИСЕР

Денес разговараме со еден од нашите најпознати режисери – Гоце Цветановски. Тој, меѓу другото, е и автор на првиот долгометражен анимиран филм во Македонија. Штом ќе го поврземе неговото име со анимираната серија „Светот на Биби“, веднаш ќе ви стане јасно за кого станува збор. Во разговорот ќе дознаете што значи да се биде режисер и за создавањето на анимираните филмови, но и за тоа кога можете да го очекувате долгометражниот анимиран филм инспириран токму од вашите омилени ликови Биби и Боби.

Што значи да се создава анимиран филм за деца? Кои се разликите во пристапот?
– Да се создава каков било проект за деца значи да се носи голема одговорност. Децата се најискрена публика – веднаш чувствуваат дали нешто е вистинско или не. Потребна е едноставност, но не и поедноставување. Треба да си забавен, но и да ги предизвикаш да размислуваат. Пораките мора да бидат јасни, позитивни и вкоренети во вредности како пријателство, љубопитност и емпатија.

Какви се реакциите од претставувањето на проектот за долгометражниот анимиран филм за Биби во Берлин, Германија, и во Лас Вегас, САД?
– Реакциите беа многу позитивни и охрабрувачки. Во Берлин, на Еуропеан филм маркет (European Film Market), многу дистрибутери беа заинтересирани за потенцијалот на „Биби“ како бренд. Во Лас Вегас видовме вистински интерес за копродукција, особено поради тоа што „Светот на Биби“ веќе е докажан во нашиот регион. И на двете места најчесто слушавме: „Ова е подготвено за светски пазар“. Во моментов привршуваме со почетни договори со меѓународни партнери, а се надеваме на поддршка и од дома.

Освен во целиот регион, „Светот на Биби“ ќе се емитува и во Италија. На што се должи популарноста на „Светот на Биби“?
– Мислам дека тајната е во искреноста. Биби не се преправа дека е совршена – таа греши, учи, и секогаш го прави тоа со љубопитност и насмевка. Тоа ја прави блиска до децата. Секако дека и целата екипа е заслужна, се случи некоја магија кога се споивме за да работиме на овој проект.

Кога да го очекуваме долгометражниот анимиран филм „Светот на Биби“, што да очекуваме и за која детска возрасна категорија ќе биде наменет?
– Филмот е во фаза на развој, а премиерата ја планираме за 2027 година. Насловот е „Златната пеперутка“, и тоа ќе биде една авантура во амазонската џунгла полна со хумор, фантазија и еколошка порака. Може да се каже дека е нешто како Индијана Џонс за деца. Бидејќи е долгометражен формат, малку е поинаков од досегашниот пристап што го имавме во анимираната серија. Примарна целна група се децата од шест до девет години, но верувам дека ќе уживаат и родителите.

Кога станува збор за серијата, низ каков процес и низ какви филтри поминува секоја епизода на „Светот на Биби“?
– Секоја епизода минува низ неколку слоја: прво сценарио, кое го прегледуваат педагози и психолози. Потоа следуваат сторибордот, анимацијата, гласовите и музиката, кои ги евалуираме и креативно и продукциски. Сè мора да биде внимателно ускладено – не само визуелно туку и емоционално. На крајот, пред да ја финализираме и пуштиме во етерот, ја тестираме епизодата со деца и родители за да видиме како реагираат.

Каква е состојбата во Македонија во однос на филмската и телевизиската продукција за деца?
– Сè уште е скромна, но има огромен потенцијал. Со „Светот на Биби“ покажавме дека е можно да се создаде квалитетна домашна содржина, која ќе им конкурира на светските брендови. На „Бренд лиценцинг експо“ (Brand Licensing Expo) во Лондон бевме рамо до рамо со брендови како „Кока-Кола“, „Марвел“, „Пепа Пиг“, „Моето мало пони“. Серијата за „Зоки Поки“ исто така доживеа одличен успех. За Биби имаме долгорочна стратегија, но секогаш се потребни повеќе инвестиции, а најмногу – доверба во домашните креативци.

„Светот на Биби“ од книга, прерасна во телевизиска серија, а сега прераснува и во анимиран филм. Има ли книга за деца од македонското творештво што ви оставила силен впечаток и посакувате да ја прикажете и на филмското платно?
– Збирките на волшебни приказни од Марко Цепенков би сакал еден ден да ги видам адаптирани како модерна анимација или високобуџетна серија. Тоа национално богатство од фантазија и авантура заслужува да се презентира пред новите генерации на современ начин. Исто така имам листа на детски книги од современи македонски автори што сѐ уште не сум ги прочитал, па се надевам дека некоја приказна ќе ме допре до таа мера да посакам да ја филмувам.

Кој филм создаден според книга за деца ви е омилен и зошто?
– Преференциите се менувале со возраста. Кога бев дете, многу ги сакав „Петар Пан“, „Гуливеровите патувања“, „Алиса во земјата на чудата“, сите адаптации на романите на Жил Верн, „Последниот еднорог“, „Тројцата мускетари“, „Книга од џунглата “… Од поновите, „Како да го тренираш твојот змеј“. А последен што ме тресна од земја е „Дивиот робот“. Прекрасен филм полн со емоции, преубаво реализиран од сите аспекти. Како што забележувате, во детските жанрови најмногу ме привлекува кога има авантура и фантазија.

Зошто е важно една книга да доживее и своја екранизација?
– Затоа што филмот може да ја приближи книгата до деца што можеби инаку не би ја прочитале. А кога еднаш ќе ги допре приказната на емоционално ниво, големи се шансите потоа да посакаат да ја прочитаат и оригиналната книга.

Зошто е важно децата да читаат добри книги, а зошто е важно да гледаат добри филмови?
– Важно е затоа што преку книги и филмови децата учат како да размислуваат, да сонуваат и да сочувствуваат. Книгите го развиваат внатрешниот свет, а филмовите – визуелната имагинација. Би препорачал која било од книгите и филмовите за кои зборувавме погоре. Добрата книга и добриот филм немаат рок на траење.

Ако некој наш мал читател посака да биде режисер, што ќе го советувате?
– Би му рекол: биди љубопитен и немој да се плашиш да сонуваш. Да се биде режисер значи да научиш да гледаш и да слушаш, а потоа и да раскажуваш приказни преку слики и емоции. Треба да бидеш вреден, трпелив и, најважно, никогаш да не заборавиш како е да си дете.


Автор на првиот долгометражен анимиран филм во Македонија

Гоце Цветановски е македонски филмски и анимациски режисер, најпознат по првиот долгометражен анимиран филм во историјата на македонската кинематографија „Џон Вардар против Галаксијата“. Тој е кокреатор на популарната детска анимирана серија „Светот на Биби“, а неговиот дебитантски игран филм „Бизнисот на задоволството“ (2023 ) освои девет меѓународни награди. Гоце Цветановски студирал кинематографија во Париз, Франција, каде што добил основни академски и професионални знаења, кои ги применува во своите проекти. Тој е креативен директор во „Линкс студио“, најголемото 2Д-анимациско студио на Балканот. Работел на разни форми, како музички спотови, документарни, кратки филмови, па дури видеоигри.


Што е улогата на режисерот?

Режисер е уметничка, автороска професија во областите на изведувачките уметности, филмот, татарот, радиото и телевизијата. Тоа е личност што на авторски начин ги води, насочува, координира и контролира процесите на претпродукција (подготовка), продукција (реализација, изведба) и постпродукција (составување, уредување, монтажа), на адудиовизуелните или сценските дела. Работата што ја извршува режисерот се нарекува режија.