Фото: „Нова Македонија“

Државниот суверенитет на Македонија и националниот идентитет на Македонците се реалност

Денес, во 21 век и на средина од третата деценија на истиот тој, ја гледаме и слушаме, ама и се згрозуваме од основната теза на Бугарија и Грција во поглед на Република Македонија, која симплифицирано гласи: Македонија е географски концепт, а не етнички поим и државна творба. Како последица на тоа и ѝ го негираат името на нашата држава, а не ѝ ги признаваат идентитетот и јазикот. Тоа им е малку и како ненаситни грабливки ни чепкаат во идентитетот, историјата, јазикот и во сѐ што е македонско. Тоа значи нема македонска држава, а за суверенитет, идентитет на истата таа, не сакаат ни да чујат, ниту, пак, да дискутираат на рамноправна основа и со веродостојни аргументи и историски признаени и потврдени факти. Констатација: Бугарија и Грција не ги почитуваат уставниот, политичкиот и правниот поредок на Република Македонија, засновани на одредбите на Уставот на Република Македонија и потврдени со одредбите на меѓународното право, најконкретно со Повелбата на ООН и сите други меѓународни прописи на меѓународната заедница.
Затоа, за сите нив, кои патат од експанзионизам и агресивен шовинизам, една мала правна (поимовна), многу битна, објаснувачка ретроспектива во врска со правото на Македонија и Македонците на посебна, самостојна и независна држава, рамноправна членка на светската фамилија на држави обединети во Организацијата на Обединетите нации.
Идентитетот свој современите нации или етникуми го нашле или го наоѓаат како битно прашање за нивната опстојба, развој, еманципација. Идентификувањето недвосмислено е поврзано со суверенитетот. Суверенитетот е правна, односно меѓународноправна категорија, уште од Монтескје, Русо, Волтер, Хјум, Кант и другите правни и политички филозофи, категорија поврзана со државата. Тоа е категорија што претпоставува битни права на народите и државите, што некој треба да гарантира за да се остваруваат. Кој гарантира?
Се разбира, правните и политичките поредоци и, секако, меѓународноправниот поредок. Во тој контекст народите се слободни и независни, а нивната слобода и независност треба да ја почитуваат другите народи. Народите треба да ги почитуваат договорите и преземените обврски. А не како Грција да игра мајтап со нас и со меѓународната заедница и судот во Хаг на ООН. Истото тоа се однесува и на Бугарија, која тоа негирање го прави во рамките (и под покровителство) на Европската Унија.
Народите се еднакви и се странки во спогодбите што ги обврзуваат. За Грција и Бугарија тоа не важи. Првата ќе потпише Привремена спогодба со Македонија, ќе прифати обврски и ниту една нема да испочитува. Безмалку сите ќе ги прекрши. Факт констатиран со пресудата на Меѓународниот суд во Хаг. Втората ќе потпише Спогодба за добрососедство со Македонија и наместо да ја користи за развој на добрососедски односи, таа врши анахрони притисоци врз Македонија и става вето за отпочнување на преговорите на Македонија со Европската Унија.
Но да се вратиме на меѓународното јавно право. Значи, заедниците имаат свој идентитет и суверенитет. Идентитетот може да биде етнички, национален, локален, регионален, религиски, јазички, социјално-групен. Во случајот „Македонија“, идентитетот низ годините и декадите се унапредуваше и значително се развиваше внатрешно: школство на својот јазик, наука, култура, уметност, академии на науките, национална црква, универзитети, национални институции, театри, музеи и слично. Нашите соседи сето ова го негираат. Дури и се договараат кој што да негира, кога и на кој начин, а ако се може, нешто и да се присвои. Низ историјата гледано, тоа најпрвин го правеа Грција и Србија, потоа Бугарија и Грција, па Албанија и Бугарија и на крајот сите заедно.

Македонскиот идентитет секојдневно го живееме

Идентитетот е право што произлегува од личното чувство на поединците, групите и колективитетите, според тоа кој како се чувствува. И, што е најважно: немаат обврска да докажуваат зошто така се идентификуваат или чувствуваат. Идентитетот е еден вид симбиоза на културата, традицијата, историјата со етницитетот. Поединци, групи, држави, сојузи или кој било друг субјект нема право да гиба во идентитетот, јазикот, името и културата на државните ентитети, па во тој контекст и на Република Македонија.
Идентитетот многу зависи од зреењето на историската свест на нацијата. Македонскиот национален идентитет веќе е оформен, многу одамна, и тоа до рамниште на ИСТОРИСКА СВЕСТ. И, исто така битно, до ниво на меѓународно признавање. Да се повтори уште еднаш, не пречи: Доколку една заедница се стекнала со идентитет, таа го има правото да биде народ, а народот го има правото на суверенитет и државност. Овој државотворен концепт важи за секоја држава без исклучок.

Нашиот државен суверенитет е очигледен и опстојува

Што се однесува, пак, до суверенитетот, тој е и државен, но е дефиниран и како право на народите и заедниците суверено да учествуваат, на праведен и правичен начин, во разрешувањето и решавањето на својата судбина и интереси, во решавањето за политички решенија, но во рамките на јавната политичка култура и уставна демократија. Затоа и правно поставената рамка на суверенитетот е меѓународна, национална, регионална, локална. Суверенитетот како што е дефиниран во Повелбата на ОН има двоен карактер: првиот е надворешен, кој ги обезбедува независноста и неприкосновеноста на интегритетот, како и немешањето однадвор во нивните внатрешни работи; и вториот, кој е внатрешен суверенитет, им дава целосна слобода на обликување на внатрешниот политички поредок, законодавството, статусот на граѓаните. Надворешниот суверенитет апсолутно важи. Внатрешниот суверенитет, исто така.
Сега за врската меѓу идентитетот и суверенитетот. Кога една држава меѓународноправно се зачленува во ООН, идентитетот на земјата или нацијата се претвора во суверенитет односно државност, меѓународноправно признаена. Соседните држави Бугарија и Грција можат да уценуваат колку сакаат, ама меѓународното право е на страната на Република Македонија. А и правдата за вистината во поглед на македонското име, јазик, идентитет, култура и правото на Македонија за самобитност и независен и самостоен државен ентитет е повеќе од неспорна, јасна и секако, на страната на Македонија.
И сега: за јазикот македонски само едно: јазикот и писменоста се народот и нацијата. За нацијата македонска: Македонец, пред сѐ е етнографоним, име на народ, на етничка група, а се разбира и графоним, име добиено според името на географска област.
За државата Македонија: држава создадена во согласност со традицијата на Крушевската Република, одлуките на АСНОМ и одлуките на референдумот од 8 септември 1991 година. Конституирана како Република Македонија, како самостојна и суверена држава. Негирањето на овие наши македонски светилници, всушност се примордијални и морбидни негации на македонските суштини, направени под влијание на прекумерна доза своеволно земена дрога на нихилизмот. Нив најдобро ќе ги сузбиеме со нашите преродбеници, кои сите на глас тврделе дека не се ниту Срби, уште помалку Грци, најмалку, пак, Бугари: Со Кирил Пејчиновиќ и неговиот запис на камен од почетокот на 19 век,: „Да се знае, да се знаит!“; Со Григор Прличев: „Спознај се себе си!“, „Чувај се себе си!“ – многу јаки пораки за наше самоспознавање и национално освестување; И секако, со Константин Миладинов: Свесен за својата етничка припадност, која се разликувала од бугарската, грчката и српската, преку своето творештво, работи на термините: Македонец – за себе; македонски – за своите песни; и Македонци – за своите сонародници.

Правото на независна и самостојна држава Македонија е остварено

На сите во овој свет на первертирани вредности им го укажуваме евидентното и несоборливо во врска со Македонија: а тоа е доколку една заедница се стекнала со идентитет (македонски идентитет), таа го има правото да биде народ (македонски народ), а народот го има правото на суверенитет (внатрешен и надворешен) и државност (да биде државен ентитет – независна, самостојна и суверена држава). Истиот тој се агрументира со членот 1 од Повелбата на ООН: „Сите народи имаат право на самоопределување“. Толку и точка. Ова право од членот 1 на повелбата, Комисијата за меѓународно право на ООН го дообјаснува: правото на самоопределување е универзален принцип и начелото е универзално употребливо
Првото, значи дека правото важи за сите народи. Второто, пак, дека сите можат да го употребат. Меѓународна потврда и верификација на оваа јус когенс норма даде Бадентеровата комисија, во својот заклучок, кој е јасен и дециден: Република Македонија ги исполнува условите за самостојна држава, содржани во Резолуцијата на ЕЗ за поранешна Југославија. И толку. Море има уште. Впрочем, 141 држава ја признаа Македонија под уставното име – Република Македонија. Тоа ти се вика јус когенс на дело, во практика. Така прават државите што знаат што е меѓународно јавно право и кои во меѓународните односи стапуваат со респект кон субјектите на меѓународното јавно право и меѓународните политички односи. Затоа предавството на претходната власт со насилната промена на уставното име е политичкоправен хомокретенизам, за кој треба да се одговара.
Треба ли и кому, уште да докажуваме. Не! За нас и според заветот на Мисирков, и според пораките на мудрозборците во нашиот културен простор, од Пејчиновиќ, Крчовски и Зографски, преку Димитар и Константин Миладиновци, Пулевски, Прличев, Џинот, Жинзифов, до Рацин и Конески, нацијата и јазикот се синоними, а јазикот и татковината единство без кое не се може.
Сѐ е јасно. Македонски јазик, македонска нација, македонска држава – постојат. И да се знае: јазикот македонски е на првото место при националната идентификација. До него се етногенезата, т.е. потеклото на македонскиот народ/нација. И, секако, личното чувство за припадност на секој Македонец посебно и на сите заедно. Ама да се знае и ова: јазикот македонски и писменоста на населението се народот македонски и нацијата македонска.

Сотир Костов