Хидроенергијата е државен приоритет – со свои средства, со своја визија

Хидроенергијата е предвидлива, стабилна и овозможува складирање. „Чебрен“, „Галиште“, „Градец“ – тоа не се само енергетски објекти. Тоа се национални инвестиции во водата, развојот на регионите и во системот за балансирање на нестабилната енергија од ветер и сонце. Водата не е само извор на енергија туку и гаранција за земјоделство, туризам и заштита од суши. Не можеме и не смееме да очекуваме приватниот сектор да ја изгради хидроенергетската иднина на Македонија. Водата и хидроенергијата мора да останат под државна контрола. „Чебрен“ не е само брана – тоа е симбол на суверена енергетска политика

Кога размислуваме за суверенитет и одржлив развој на Македонија… (3)

Кога Владата (ЕСМ) ќе реши да ги зголеми сопствените капацитети со сончеви централи, корисно е да размисли и да го зголеми двојно (или повеќе) капиталот за инвестирање, преку „партнерски однос“ со просјумерите. Новиот закон го дозволува тоа и со формирање енергетски задруги, а и со индивидуално учество на потрошувачите, кои стануваат активни потрошувачи т.е. просјумери. За таа цел, потребно е што поскоро да се освежи Правилникот за производство на електрична енергија од обновливи извори и преку РКЕ да се усогласи начинот на пресметка на испорачаната енергија од просјумерите. Што значи ова: Владата предвидува да инвестира 50 милиони евра во сопствени сончеви централи. Им нуди на граѓаните и на малите и средни компании партнерство во оваа инвестиција. Приватните инвеститори вложуваат 50 отсто од инвестицијата за поставување ФВ-колектори на сопствениот покрив, а 50 отсто вложува државата. Дел од произведената енергија се користи за сопствени потреби на просјумерот (максимум 25-30 отсто без батерии, а со батерии 45-60 отсто), а преостанатата енергија му се продава на ЕСМ со однапред дефинирана цена. ЕСМ ја продава оваа енергија на берза или ги исполнува обврските кон универзалниот снабдувач со електрична енергија (сега тоа е „ЕВН хоум“).
Наместо сончеви централи од 50 милиони евра, се создава дисперзирано производство на енергија со инвестиција од 100 милиони евра. Смалена е потребата за увоз/купување електрична енергија (сопствено користење на просјумерите), на располагање е енергија за клиентите во Македонија. Дополнителна придобивка е што не мора да се размислува за преносен систем за дополнителни 100 или повеќе гигават-часа (GWh) произведена енергија (зависи колку колектори ќе се купат за 100 милиони евра), затоа што дисперзираното производство ќе ја користи дистрибутивната мрежа. Нормално дека и таа ќе треба да се освежи, а и крајно време е!

Слика бр. 5 Графичко преставување на на двата система со брани „пониска“ 140 и „повисока“ 190 метри

„Чебрен“, „Галиште“ и „Градец“ не се само енергетски објекти тоа се национални инвестиции

Хидроенергијата е предвидлива, стабилна и овозможува складирање. „Чебрен“, „Галиште“, „Градец“ – тоа не се само енергетски објекти. Тоа се национални инвестиции во водата, развојот на регионите и во системот за балансирање на нестабилната енергија од ветер и сонце. Водата не е само извор на енергија туку и гаранција за земјоделство, туризам и заштита од суши.
Сведоци сме дека имаме:
• Когенеративни постројки – приватен инвеститор („Казанџик“).
• Ветерни паркови – приватни инвеститори („ТХОР импекс“, ПЕРУН, „Алкараз енерџи“).
• Фотоволтаици – приватни инвеститори (800+ мегавати пуштени, уште 600+ мегавати во најава).
Тоа е добро (прифатливо при ограничени можности за сопствено инвестирање). Но за да го балансираме системот, да акумулираме енергија и да обезбедиме сопствено производство во критични моменти – потребни се државни инвестиции во хидроенергетски објекти.
Искористувањето на хидропотенцијалот на Македонија треба да остане во суверено владеење на Македонија. Водата е незаменлив ресурс, чија вредност само ќе се зголемува. Акумулационите брани на реките Вардар и Црна Река ќе ја задржат водата во Македонија, да не истекува без да биде максимално искористена како енергија, а особено како материјал.
Реверзибилната хидроцентрала „Чебрен“ може да складира вишок енергија од ветер и сонце и да ја враќа во системот кога е најпотребна. Тоа е батерија на национално ниво. Со брана од 190 метри, „Чебрен“ може да обезбеди 330 мегавати и да стане еден од енергетски столбови на Македонија. Ќе се формира езеро што ќе го заживее Мариовскиот Регион, ќе обезбеди вода за Тиквешко Поле и ќе се спротивстави на сушите, кои стануваат реалност.

„Чебрен“: проект на оваа генерација за следните генерации и стабилност

Време е да изградиме сопствен хидроенергетски објект. Мислам на браната „Чебрен“, фигуративно чебренско езеро. Стратегијата предвидува изградба на над 700 мегавати нови хидроенергетски постројки. Пред 10 години во книгата „Декарбонизација на производството на електрична енергија – Визија 2050“, поскромно, конзервативно сум „препорачал“ државата да изгради капацитет од 600 мегавати. До денес не е ништо реализирано во оваа насока. Хидропотенцијалот е подрачје што треба да обезбеди континуирано, базно производство на енергија на проточните ХЕЦ на реката Вардар. Акумулациските ХЕЦ/РХЕЦ (Р значи реверзибилна) покрај базното производство, обезбедуваат енергија за балансирање на системот, а во определени моменти и врвна критична енергија.
Сончевите и ветерните централи многу придонесуваат за обезбедување евтина електрична енергија, но се делумно непредвидливи. За да се искористи нивниот вистински потенцијал МОРА дополнително да се инвестира во системи за акумулирање на вишокот произведена енергија. Батериските системи делумно помагаат на дневно ниво, но сезонското решение е преку изградбата на РХЕЦ.
„Чебрен“ е проект за иднината. Базна електроцентрала, со предвидлив капацитет на производство и може да се користи за балансирање на системот. Вградени се машини со голема инерција што поволно влијае на одржувањето на фреквенцијата во системот. Се создава езеро што обезбедува стопанско и туристичко заживување на Мариовскиот Регион. Обезбедува вода за напојување на Тиквешко Поле и во најсушни неколкугодишни последователни периоди, што при овие климатски промени е за очекување.
Повеќе предности има проектот со брана со висина од 190 метри (+ брани Орлов Камен и Галиште) во споредба со брана од 140 метри (плус брани Скочивир, Орлов Камен и Галиште) графички прикажани на сликата бр. 5, за да се разбере суштината.
Разликата се состои во тоа што наместо да се гради ХЕЦ „Скочивир“ со ниска брана од 50 метри таа ѝ се „додава“ на 140-метарската брана. Огледалото на езерото е на исто ниво со предвиденото со браната „Скочивир“. Тоа значи дека регионот Пелагонија го има на располагање пристапот до овој резервоар на вода идентично во двата предлога.
Со повисоката брана се овозможува складирање сончева или ветерна енергија секој час по 330 мегават-часа, наместо 110. Вградениот капацитет на турбините е 330 мегавати, наместо 110, што е особено потребно и вредно при брзи промени на оптоварувањето на електроенергетскиот систем. И најважното: со браната од 190 метри се овозможува складирање на 900 милиони метри кубни вода (наместо 300) што овозможува безбедносно снабдување со вода на Тиквешко Поле во пет-шест најсушни години една зад друга. Се создава езеро од 18 хектари, потенцијал за развој и заживување на Мариовскиот Регион.

Заклучок

Приватниот капитал доаѓа каде што има интерес и профит – ветерот и сонцето веќе го привлекоа. Овој влез на приватен капитал ни овозможува да исполниме дел од преземените обврски поврзани со климатските промени, но и да го насочиме сопствениот инвестициски потенцијал во изградба на сопствен, стратегиски многу важен, комплексен хидроенергетски водостопански систем.
Не можеме и не смееме да очекуваме приватниот сектор да ја изгради хидроенергетската иднина на Македонија. Водата и хидроенергијата мора да останат под државна контрола. „Чебрен“ не е само брана – тоа е симбол на суверена енергетска политика. Можеме. Имаме стручњаци, проекти и мотивација. Време е да почнеме. Хидроенергијата не смее да чека.

(Kрaj)