Европската комисија (ЕК) веќе разгледува воспоставување систем за споделување на водните ресурси како дел од политиките за меѓународна соработка, во услови на растечка криза на ниво на Европската Унија (ЕУ). Едноставно кажано, започна битката за најважниот ресурс, без кој животот е апсолутно незамислив.
Затоа е повеќе од клучно Македонија како држава да поведе сметка за управувањето со водните ресурси што земјава ги има, но поради неодговорниот однос на сите, тие забрзано се трошат. Поради тие причини, во неколку продолженија ќе се осврнеме на сите чекори што може да се направат во насока на зачувување на сето водно богатство со кое располага земјава, за да може нејзините граѓани нормално да функционираат во услови на сѐ поголеми климатски закани
Ниту нафтата, ниту гасот, ниту литиумот ќе бидат важни ако исчезне главниот ресурс на планетата (1)
„Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе пишува за нужната потреба од зачувување на водата како стратешки ресурс и нејзино рационално управување, со предлози за долгорочна стратегија и мерки што би го осигуриле водоснабдувањето во земјава, од што зависат и земјоделството, енергетиката, индустријата, туризмот, како и секојдневните потреби на населението, во услови кога светот се соочува со недостиг од главниот природен ресурс поради несоодветно трошење и во услови на сѐ поголеми климатски закани
Клучната борба од која ќе зависи иднината на планетата е обезбедувањето пивка вода за населението, но и воопшто вода за сите други потреби, почнувајќи од земјоделството, индустријата, енергетиката, туризмот…
Водните богатства стануваат клучни за секоја земја, а нивното нерационално трошење и уништување само дополнително ќе ги засилат процесите на еколошки катастрофи, осиромашување на граѓаните, колапс на економиите и неминовна миграција на населението кон области со вода.
Затоа е повеќе од клучно Македонија како држава да поведе сметка за управувањето со водните ресурси што земјава ги има, но поради неодговорниот однос на сите, тие забрзано се трошат. Поради тие причини, во неколку продолженија ќе се осврнеме на сите чекори што може да се направат во насока на зачувување на сето водно богатство со кое располага земјава, за да може нејзините граѓани нормално да функционираат во услови на сѐ поголеми климатски закани.
Водата се троши безобѕирно
Најдобра потврда дека и Македонија не е имуна на глобалните процеси поврзани со намалената штедрост на изворите се рестрикциите на вода, кои со години ги има во повеќе делови на земјава, а летово тоа го почувствуваа и жителите на повисоките зони во главниот град.
Надлежните проблемите ги гледаат во енормната потрошувачка на вода, особено во летните месеци, но и во големите загуби низ системот, дивите приклучоци, наводнувањето земјоделски површини, граѓанската недисциплина и слично.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации минатата година покажа дека Македонија годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење од годишно произведените 245 милиони кубни метри вода. Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба се губи во Скопје – дури 63 милиони кубни метри годишно, што е 43 отсто од целата загубена вода во земјата. Следуваат Гостивар, Тетово и Кичево. Речиси половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај најголем дел од нив и загубата на вода е поголема од 40 отсто.
И анализата на добротворната организација „Вотервајз“ (Waterwise) и британското тело за стандарди за производи БСИ покажа дека Македонија ќе има проблем да обезбеди квалитетна вода во иднина доколку продолжи неконтролирано да ја троши и да не ги спречува огромните загуби. Овие податоци јасно потврдуваат дека воопшто не се води сметка за водните капацитети, било да станува збор за природни, било за вештачки.
Имено, македонската јавност е сведок на еколошката катастрофа со која се соочува Преспанско Езеро, но освен декларативна заложба за спас на езерото, во практика нема никакви реални чекори во насока на видливо подобрување на состојбата. Ако до пред некое време Дојранско Езеро беше безбедно, сега и тоа повторно се соочува со еколошка катастрофа поради неодржување на системот за водоснабдување Ѓавото, поради што нивото на езерото почна да се намалува. Ова е пример за класична институционална негрижа за проект што беше пример како може да се спаси едно езеро од исчезнување и кој можеше да се примени и за спас на Преспанско Езеро. Од друга страна, Охридско Езеро засега е стабилно благодарение на истекувањето на Преспанско, но прашање е што ќе се случи и со ова езеро кога нема да има доволно дотеци под Галичица.
Ништо подобра не е состојбата ниту со вештачките езера и акумулациите, кои неконтролирано се празнат поради производство на електрична енергија, но и поради застарената технологија на наводнување на земјоделските површини. И водостоите на реките се во незавидна положба, Вардар, Треска, Бабуна, Лепенец, Брегалница, Радика и другите реки се со видливо намалено ниво од она што било карактеристично за нив во овој период од годината пред повеќе децении.
Последиците од климатските промени се видливи со години, врнежите од дожд во текот на пролетта и есента стануваат сѐ поретки, снег речиси веќе и нема на планините или, дури и да падне, се топи премногу брзо и водата наместо да се складира во подземните базени преку бавно топење, таа низ брзаците неповратно се губи предизвикувајќи поплави. Дополнително, топлинските бранови со температури над 40 степени траат сѐ подолго и на тој начин го забрзуваат и испарувањето на површинските води, сето тоа дополнето со нерационалното користење на водите од градските водоводи за полевање дворови и бавчи и за полнење базени.
Кога ќе се земе предвид сето ова, тогаш Македонија, без оглед што има пристојни водни ресурси според тврдењата на хидролозите, во релативно краток временски период би можела да се најде во незавидна позиција ако неконтролирано се црпат сите резерви, надземни и подземни. Поради тие причини е потребна стратегија за тоа како да се зачуваат водните ресурси, бидејќи освен водата, земјава нема други важни богатства на располагање.
ЕУ веќе подготвува планови за распределба на водата
Проблемите во снабдувањето на градовите, но и генерално на земјите со пивка вода стануваат реалност, а дека е тоа така потврдуваат и итните планови на кои работи Европската комисија, со цел да се осмисли распределба на водата во рамките на Унијата за да се избегне колапс на големите градови и региони.
Имено, Европскиот комитет на регионите (EКР) откри дека Европската комисија (ЕК) веќе разгледува воспоставување систем за споделување на водните ресурси како дел од политиките за меѓународна соработка, во услови на растечка криза на ниво на Европската Унија (ЕУ). Едноставно кажано, започна битката за најважниот ресурс, без кој животот на просечниот човек е апсолутно незамислив.
Во документот на ЕКР се наведува дека драгоцената течност игра клучна улога во зачувувањето на здравјето на луѓето, производството на храна, зачувувањето на екосистемот и регулирањето на климата, но е исто така загрозена од голем број предизвици, вклучувајќи хемикалии од различно потекло, загадување со пластика, па дури и сериозните последици од климатските промени.
Во врска со мерките за заштеда на вода, ЕК бара од земјите членки да применуваат соодветни цени за користење на водата, за да се поттикне нејзино рационално користење. Исто така, се бара да се воведат казни за одвраќање од нелегални, нерегистрирани и неодобрени црпења и испуштања вода.
EКР изрази загриженост за огромното влијание на климатските промени врз регионалните економии на ЕУ и врз земјоделското производство, особено во контекст на екстремен „воден стрес“ предизвикан од отсуство или вишок на врнежи од дожд, што доведува до недостиг од вода. Организацијата верува дека е потребно да се спроведат европски програми и практики што би овозможиле меѓусебно поврзување на регионите со вишок и дефицит од вода, што би ги решило постојните диспропорции.
Според нив, фокусот мора да биде на намалување на потрошувачката на вода, зачувување на слатководните екосистеми, но и зачувување на земјоделската продуктивност без непотребни ограничувања на користењето на водата. А за да се постигне тоа, како еден пример, EКР наведува наоѓање иновативни решенија што „го оптимизираат управувањето со водите и ја зголемуваат отпорноста на предизвиците со водата, заедно со модернизација на инфраструктурата“.
Кабул може да биде првиот главен град во светот што ќе остане без вода
Според неодамнешниот извештај на невладината организација „Мерси корпс“, Кабул, главниот град на Авганистан, би можел да стане првиот модерен главен град во светот што ќе пресуши. Таквото сценарио, како што предупредуваат тие, би можело да предизвика целосен економски колапс.
Експертите велат дека неконтролираниот раст на населението, климатската криза и децениите прекумерно пумпање ги исцрпија резервите од подземни води до критична точка. Речиси половина од бунарите во градот веќе пресушиле.
– Ова не е само проблем со водата, Ова е здравствена, економска и хуманитарна криза во едно – предупредува Маријана фон Зан, директорка на програмата на „Мерси корпс“ за Авганистан.
Само пред три децении Кабул имаше население од помалку од два милиона. По падот на талибанскиот режим во 2001 година, градот доживеа брз прилив на луѓе привлечени од ветувањата за безбедност и подобри економски можности. Како што растеше населението така растеше и побарувачката за вода.
Градот речиси целосно се потпира на подземните води, кои природно се дополнуваат со топење на снегот и глечерите од блискиот планински венец Хиндукуш. Но годините лошо управување и прекумерна употреба предизвикаа нивото на подземните води да се намали дури за 30 метри во изминатата деценија, според „Мерси корпс“. Кабул сега користи 44 милиони кубни метри повеќе вода секоја година отколку што природата може да дополни – зачудувачка нерамнотежа што ги исцрпува и резервите на градот и паричниците на неговите жители.
Според „Мерси корпс“, дури 80 отсто од подземните води во Кабул се загадени, што е последица на широката употреба на септички јами и загадувањето од индустриските постројки. Дијарејата и повраќањето станаа дел од секојдневниот живот.
– Постојано се разболуваме поради загадена вода, без разлика дали ја пиеме во нечија куќа, во ресторан или дури само ги миеме забите со вода од бунар – вели Сајед Хамед (36), државен службеник што живее со сопругата, трите деца и двајцата постари родители.
Кризата е дополнително продлабочена од ранливоста на Кабул на климатските промени.
– Имаме сè повеќе дожд, но сè помалку снег. Снегот беше клучен за нас да ги обновиме подземните води, а сега го има сè помалку. Дождот, од друга страна, предизвикува ненадејни поплави бидејќи градот нема инфраструктура да го собере – објаснува Наџибулах Садид, експерт за управување со водните ресурси.
Доколку овие трендови продолжат, УНИЦЕФ предвидува дека Кабул би можел да остане без подземни води веќе во 2030 година.
(продолжува)