Кон 70. издание на „Стериино позорје“ во Нови Сад, Србија
Согледувајќи ги генерално концептуалните движења во театарот, повторно ми се наметнува мислата на големиот ирски драматичар Оскар Вајлд, која вели: „Ја сакам актерската игра. Таа е толку многу повеќе од вистинскиот живот“. Колку и да звучи контрадикторно, овој книжевен и театарски циник токму со оваа мисла отвора суштествени дилеми околу импактноста на театарот како уметност во историските, а пред тоа и во општествените и социјални движења. Овде ги исклучувам политичките затоа што политиката има недостојна релација со вистината, а вистината е исклучително потребна во тесните интерпретации на историскиот момент. Ана Тасиќ, селекторката на годинашното јубилејно „Стериино позорје“ направи селекција што ја нарече „Создавање на историјата, менување на иднината“, особено интригантен наслов што наведе кон конгломерат од претстави со дијаметрално различен однос кон тектониката на историските движења, а и кон согледбата на ововременските интерпретации на она што значи solutium et momentum во време што многу тешко се препознава во човекот како креатор на својата смисла. Во оваа селекција во натпреварувачкиот сегмент се вклучени претставите: „Свети Ѓорѓи го убива аждерот“ на Душан Ковачевиќ, во режија на Милан Нешковиќ (Југословенски драмски театар, Белград), „Белградско трио“ на Горан Марковиќ во режија на Матјаж Бергер (театар „Антун Подбевшек“ од Ново Место и „Цанкарјев дом“ од Љубљана, Словенија), „Јазикот на копачката“ на Иван Ергиќ и Филип Груиќ, во режија на Борут Шепаровиќ (Загрепски театар на младите од Загреб, Хрватска), „Народен пратеник“ на Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин (Македонски народен театар, Скопје, Македонија), „Изоставени“, на Ѓорѓе Петровиќ, во режија на Миа Кнежевиќ (Народен театар од Сомбор), „На српската младина, Димитрие Туцовиќ“ на Златко Паковиќ, во негова режија (театар „Пулс“, Лазаревац), „Никој не е заборавен и не се сеќаваме на ништо“ на Мирјана Дрљевиќ во драматизација на Слободан Обрадовиќ, во режија на Бојана Лазиќ („Ателје 212“, Белград), „Искупување“, според романот на Бранимир Шќепановиќ, во драматизација на Слободан Обрадовиќ, во режија на Вељко Миќуновиќ (Српски народен театар од Нови Сад) и „Наличје“ на Борис Лијешевиќ во негова режија (Црногорски народен театар од Подгорица, Црна Гора), додека во селекцијата „Кругови“, која е надвор од компетиција, беа вклучени претставите: „Дрвени птици“ на Лидија Дедуш, во режија на Иван Плазибат (Хрватски народен театар од Вараждин, Хрватска), „Битка на гркланот“, според новелата на Прежихов Воранц, во режија на Јернеј Лоренци (Прешернов театар од Крањ, Словенија) и „Таткото, ќерката и светиот дух“ на Мате Матишиќ, во режија на Јануш Кица (сатиричен театар „Кремпух“, Загреб, Хрватска).
Помислувајќи на различноста на режисерските видувања, сепак се наметнува една генерална насоченост кон блиската историја на југословенскиот социјализам каде што се отвораат раните на нејзините контроверзии, но и кон фаталноста на социјалните и општествени болести на дваесет и првиот век. Овие две театарски поларизации ни донесоа концепти што повремено се приближуваа до раскажувачкиот театар („Белградски трио“, „Искупување“, „Изоставени“, „На српската младина“, „Димитрие Туцовиќ“), а повремено се навраќаа кон конвенционалниот театар со суптилни радикалности во режисерското видување („Народен пратеник“, „Свети Ѓорѓи го убива аждерот“), а некаде меѓу овие општи театарски струења беа и претставите што се обидуваа да ги зачуваат и двата начина на промислување („Наличје“, „Јазикот на копачката“) што е, на некој начин, естетска контроверзија што треба да го постави прашањето: колку раскажувачкиот театар е одржлив и во кои општествени рамки. Кога сме веќе кај тој вид различност, би споменале дека конвенционалниот театар, сам по себе, со себе фрла поголем акцент врз актерската индивидуалност, па така, ова „Стериино позорје“ одбележа и неколку значајни актерски бравури како што е улогата на Таткото на Ракан Рушаидат и улогата на Прангија на Уго Корани во „Јазикот на копачката“, улогата на Свето на Тони Михајловски во „Народен пратеник“, улогата на Ненад Пеќинар во „Искупување“, улогата на Тертка Славка на Анѓелика Симиќ, како и улогите на Дарја Рајхман во „Битка на гркланот“ и на Клара Виолиќ во „Дрвени птици“. Сочноста на актерскиот инструментализам ја одредува театарската суштественост, која, секако дека останува како најсилен впечаток не само кај публиката туку и кај критиката, но режисерските видувања и во ова издание се гласот на среќата или несреќата во политичките и социјални текови. Затоа, се чини дека раскажувачкиот театар во неколкуте претстави имаше голем импакт и во естетска, а и во значенска смисла. Во овој избор Ана Тасиќ ни понуди конгломерат на претстави што го соочуваа минатото со иднината во еден исклучително предупредувачки манир ставајќи нè во мисла дали историските грешки и недоразбирања го одредиле нашето, умислено или наметнато општествено недоразбирање. „Белградски трио“, говорејќи за измислениот скандал на големиот британски автор Лоренс Дарел, и „Искупување“, особено контроверзна приказна на Бранимир Шќепановиќ, се двата краја на сомнабулноста на една историја, која и по три децении сè уште се открива себеси и бесмислата на своите дисторзии. Колку овие мотиви и несреќни констелации, наметнати или креирани го условиле ововременскиот галиматијас како рецидив на времето во кое се развивале, се раскршувале и исчезнале некакви политички и општествени инсталации? Претпоставувам дека овде, во ова прашање лежат анализите на режисерските видувања и воопшто на театарските продукции, чија суровост како да нѐ предупредува дека некоја непосакувана политичка бура е веќе на прагот.
Актуелноста на ововременските социјални канцери како што се трговијата со бебиња на претставата „Изоставени“, погубноста на спортскиот бизнис на претставата „Јазикот на копачката“, никогаш неразјаснетите исчезнувања на „Никој не е заборавен и не се сеќаваме на ништо“, се другата страна на една иднина, која е непосакувана, но стои врз нас како епидемија на духовна дисторзија целосно независна од минатото, од историјата, но многу застрашувачка во креирањето на една неизвесна иднина.
Жирито на 70-то „Стериино позорје“ сепак се одлучи за раскажувачкиот театар и словенечката претстава со особено прецизна режисерска тактика и актерски многу издржана експресија „Белградското трио“, која беше годинашен лауреат. Овде ми се наметнува една мисла на големиот драматичар Артур Милер, која гласи: „Театарот е бескрајно фасцинантен затоа што е многу случаен. Тоа многу наликува на животот“. Тука некаде во оваа контроверзија би можеле да ја пронајдеме суштественоста на ова јубилејно, извонредно богато со настани „Стериино позорје“, кое и во ова издание ни покажа дека театарското видување на времето е од огромна важност, но дека дилемите и предизвиците остануваат.
Сашо Огненовски