Виктор Бивел

Со Бивел разговаравме за проблемите со кои се соочува македонската дијаспора, но и за тоа како Македонците од Австралија гледаат на низата предизвици од политички, економски, безбедносен и друг карактер што ја засегаат Македонија, како македонската заедница размислува за начините за надминување на актуелните предизвици и каква би била нејзината поддршка

Интервју со Виктор Бивел – македонски новинар и публицист од Австралија

Виктор Бивел е Македонец од Австралија, неговото име и дело се добро познати меѓу македонската дијаспора во Австралија, како и меѓу македонските иселеници низ светот. Бивел е познат новинар, издавач, уредник и публицист. Неговиот портал „Политекон публикации“ ги афирмира македонските национални особености, но и борбата за човекови права на Македонците во Грција. Со неговите активности се поврзани неколку проекти, меѓу нив е и онлајн препечатувањето на првиот македонскиот весник „Македонска искра“ што се печатеше во Австралија од 1946 до 1957 година. Во 2004 година го објави делото „Македонските заедници низ целиот свет“, што е прва компилација на голем број имиња што можеше да ги најде за градовите и селата низ целиот свет каде што има македонски населби. Со Бивел разговаравме за проблемите со кои се соочува македонската дијаспора, но и за тоа како Македонците од Австралија гледаат на низата предизвици од политички, економски, безбедносен и друг карактер што ја засегаат Македонија, како македонската заедница размислува за начините за надминување на актуелните предизвици и каква би била нивната поддршка.
Какво е значењето на Илинден за Вас?
Одбележувањето на празникот Илинден е за сите Македонци насекаде во светот, бидејќи духот зад Илинденското востание треба да биде силен денес како што беше во 1903 година под Османлиите. Тој дух е силната потреба за лична и колективна слобода, желбата да се отстрани долгогодишното политичко угнетување, потребата да се создава безбеден и просперитетен дом и татковина за семејството и пријателите и желбата слободно да се развива и изразува македонската култура.
Речиси насекаде каде што ќе погледнеме, Македонците уште се под политички притисок. Републиката е под притисок од Бугарија, Грција, ЕУ и нивниот соучесник во етничкото негирање и културниот геноцид, Франција. Таа е под внатрешен притисок од делови од албанското малцинство, кои никогаш нема да бидат политички задоволни. Македонците во Грција и Бугарија продолжуваат да бидат жртви на сурово етничко негирање и културен геноцид. Потребен е поголем напредок во Албанија. Македонската дијаспора во многу западни земји долго време страда од омаловажување и дискриминација. А етничкото негирање и омаловажување се раширени на социјалните медиуми.

Значи, духот на Илинден – на самопочитување, пркос и слобода – е сè уште многу потребен денес, и Македонците насекаде имаат среќа што имаат инспиративно наследство во Илинден на кое сите можеме да бидеме горди и од кое можеме да учиме.
Како реагира Македонија сега при соочувањето со предизвици од овој домен?
Новата македонска влада е големо подобрување и јавно зборува добро за одбраната на македонскиот идентитет, јазик и култура. Но Македонија се справува со угнетувачи што размислуваат долгорочно и Владата треба да размислува и да планира еднакво долгорочно.
Мислам дека Владата не треба да се плаши јавно да ги нарече геноцид случувањата поврзани со Балканските војни од 1912-1913 година. (Извештајот Карнеги го нарече тоа „истребување“ – н.з.) Не треба да се плаши јавно да ги нарече културен геноцид уништувањето и омаловажувањето на македонската култура. Не треба да се плаши јавно да го нарече етничко негирање непризнавањето на Македонците во Грција и Бугарија. Не треба да се плаши јавно да го осуди и да го открие угнетувачкото однесување на Франција и другите западни земји, кои им помагаат на Грција и Бугарија да ги угнетуваат Македонците. Нашата најдобра одбрана се вистината и храброста, па да ги употребиме.
Што работите во овој момент?
Во „Политекон публикации“ воведов нова страница за „Македонскиот геноцид“. Таа собира книги, извештаи и други докази за различните фази на геноцидот, културниот геноцид, злосторствата против човештвото и воените злосторства против Македонците. Овие фази вклучуваат: Илинденското востание; грчкиот, бугарскиот и српскиот тероризам од 1903 до 1912 година; Првата и Втората балканска војна; колонизацијата на Егејска Македонија; Втората светска војна и Република Македонија; борбата за македонска автономија или независност во Грчката граѓанска војна; и продолжувањето на негирањето на македонскиот етнички идентитет.
Во 2023 година, академското списание „Студии за геноцид и превенција: Меѓународен журнал“ го објави мојот труд: „Осврт на книгата: Деца од Грчката граѓанска војна“. Ова е одлична книга од професорот Лоринг М. Данфорт и вонредниот професор Рики ван Боесчотен. Мојот осврт дискутира за тоа како книгата содржи докази дека за време на Граѓанската војна во Грција, грчката влада, која ги водела сиропиталиштата на кралицата Фредерика, го прекршила членот II (е) од Конвенцијата за геноцид на Обединетите нации – „Насилно префрлање деца од групата во друга група“.
Ни требаат повеќе академици и истражувачи за да истражуваат и да пишуваат за многуте други аспекти на македонскиот геноцид. И треба да ги преведеме тие книги и трудови на англиски јазик. Го славиме Илинден еден ден од годината. Но треба да го живееме духот на Илинден секој ден од годината. Можеме да го направиме тоа и со храброст да зборуваме и да ја браниме вистината. Д.Ст.