Во овој серијал текстови ги разгледуваме и презентираме ставовите од издание на весникот „Автономна Македонија“ од 1903 година за конститутивниот носител на националниот, политичкиот и религиозниот живот во слободна автономна Македонија и неговaта артикулација во контекст на идентитетот на Македонците како оформен ентитет
Идејата за овој наш прилог произлезе од воведната статија на весникот „Автономна Македонија“ бр. 21 од 13.11.1903 година. Во неа, откако се наведени границите на Македонија, се вели дека таа: „брои 2.500.000 жители, од кои 1.500 000 се Славјани, 500.000 Турци, а останатите – Власи, Грци, Евреи и други; така што, во една слободна автономна Македонија во политички, национален и религиозен однос, главната улога во социјално-политичкиот живот во земјата ќе му припадне на славјанскиот елемент во којшто засега, за голема жал, се поддржува една поделба од гледна точка на националност и религиозни групи на патријаршисти и егзархисти…“. Веќе во следниот пасус стои: „Во иднина славјанското македонско население треба да се соедини во една компактна маса, за да не биде предадена судбината на Македонија во рацете на нејзините непријатели“.
Понатаму во текстот е нагласено дека Македонците поради незадоволството од турската управа: „создадоа една Внатрешна организација којашто херојски се бори за да извојува една автономија на Македонија за Македонците, предвидена и гарантирана од големите европски сили“. Подолу во текстот е прецизирано „Македонците ја сакаат автономијата за себеси и тие се борат за подобрување на нивната тешка положба, а не за присоединување кон било која земја“.
Таквите експлицитни ставови во контекст на македонскиот словенски елемент, односно Македонците како главен (конститутивен) носител на политичкиот, националниот и религиозниот живот во една автономна и независна Македонија, кога во земјата сè уште силно се чувствувал мирисот на згурата, ни наложија да се осврнеме поконкретно кон весникот „Автономна Македонија“.
Во воведната статија во првиот број „Автономна Македонија“ (каде што вообичаено се поместени програмските определби) се вели: „положбата во Македонија е жалосна. Тамошните жители веќе не можат да ги трпат турските свирепости, нивниот живот е неподнослив, (затоа, б.н.) се кренале со пушки, бомби и динамит да се борат очајно со нивниот вековен угнетувач. Весникот ’Автономна Македонија‘ ќе се стреми на еден рационален начин да се постигне подобрување на положбата во Македонија. За да го исполни чесно и одговорно својот долг весникот ’Автономна Македонија‘ ќе се труди да доставува најверни сведенија за положбата на мачениците во Македонија. Исто така, весникот ’Автономна Македонија‘ ќе се занимава и со сите други политички и социјални прашања, кои особено можат да ја интересираат публиката, и без да биде партизански, секогаш ќе се јавува како заштитник на правдата и законитоста. Поради тоа, веруваме дека ќе најдеме добар одглас и нужна поткрепа од сите“.
Изнесеното во воведникот е толку воопштено, би рекле непретенциозно и скромно, што на прв поглед не провоцира особено внимание, меѓутоа со посериозен пристап кон содржините во весникот, првичната перцепција брзо се менува.
Во потрагата по информации за весникот „Автономна Македонија“ во книгата „Български периодичен печат 1844-1944“, во одредницата за споменатиов весник се наведени само елементарни информации: весникот излегува еднаш неделно (сабота) во Софија; одговорен редактор е Ив. К. Марков; името на печатницата; адресата; цената; времето на излегување (од 5 јули до 21 декември 1903 година), како и дека се објавени вкупно 25 броја. Меѓу другото, во оваа кратка одредница весникот е квалификуван како „македонски весник, близок до врховистите“. Имајќи ја предвид содржинската концепција на весникот, ние се согласуваме со првата констатација дека станува збор за „македонски весник“, меѓутоа тоа не можеме да го кажеме за втората констатација, дека весникот е близок до врховистите.
Во книгата „Преглед на македонскиот печат (1885-1992)“ во одредницата за весникот „Автономна Македонија“, освен елементарните информации, стои дека е продолжение на весникот „Балкан“. Меѓутоа, во истата книга, во одредницата за в. „Балкан“ стои дека истиот продолжил да излегува под името „Куриер“. Поаѓајќи од оваа противречност и имајќи ги предвид редакцијата и уредништвото на двата весника, тогаш очигледно „Автономна Македонија“ не може да се третира како продолжение на в. „Балкан“. Нешто повеќе информации околу карактерот и содржините на предметниот весник се понудени во книгата на Б. Мокров „Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 год)“12. Во овој осврт, меѓу другото, пишува дека од луѓето коишто играле главна улога за време на востанието во Македонија, весникот „му се восхитувал на Борис Сарафов“13. Оваа констатација, според нас, можеби не е неоснована, но е пресилна. Во име на објективноста, овде ќе укажеме дека во првиот број на „Автономна Македонија“, на страница 4, е поместен знаменитиот портрет на Гоце Делчев, притоа се поместени и четири песни од Александар Кипров посветени на веќе покојниот Делчев.
Истовремено, редакцијата најавува во еден од следните броеви ќе „испечатиме една убава биографија за дејноста на Гоце Делчев“. Додека во бр. 3 илустрирано е претставено убиството на Делчев во Баница. Најавената биографија за Делчев не се појавила на страниците на весникот. Претпоставуваме дека тоа е поради динамиката на настаните во Македонија поради отпочнувањето на востанието, кои весникот настојува да ги следи. Истакнувањето на овие инсерти за Делчев беше нужно, за да укажеме дека Б. Сарафов не е единствениот лик на кој навидум се „восхитува“ весникот, иако можеби последниот имал некакво влијание, или релации со весникот, но и уште еднаш да укажеме дека не стои ниту констатацијата за блискоста на весникот со врховистите, туку дека весникот ја застапува македонската кауза.
Заклучокот на Б. Мокров за весникот „Автономна Македонија“ е дека тој „е на мошне ниско ниво, со мал број на проблеми за третирање, или уште подобро речено, со повторување на еден ист проблем во разни варијанти“. Ова констатација, според нас, е паушална, особено ако се има предвид македонската ориентација на весникот, кој покрај тоа што ја протежира идејата за политичка автономија на Македонија за Македонците, истовремено артикулира извесна македонска национална идеологија, која не е дефинирана, туку едноставно се манифестира низ разни сегменти (јазични, културни, историско-идентитетски и политички).
Во прилог кон погоре кажаното ќе истакнеме дека почнувајќи од првиот, па до дванаесеттиот број весникот „Автономна Македонија“ ја објавува драмата „Мајстори“ од Војдан Чернодрински, при што категорично е нагласено дека е на „македонски говор“. Веќе од наредниот 13-ти, па до последниот 25-ти број, весникот, исто така, на „македонски говор“ ја објавува драмата „Црне војвода“ од Марко Цепенков. Според тоа, очигледно е дека почнувајќи од првиот до последниот број, весникот „Автономна Македонија“ континуирано го афирмира културното творештво на македонските автори – емигранти во Бугарија, при што нагласува дека тоа е на македонски говор. Имајќи предвид дека творештвото на Чернодрински е на дебарски, а на Цепенков на прилепски дијалект, очигледно, весникот овие дијалекти ги третира како „македонски говор“, што од современа перспектива, всушност, претставува синоним за македонски јазик којшто во конкретното време не бил кодифициран.
Кога веќе сме кај културата, ќе истакнеме дека „Автономна Македонија“ редовно ги најавува, а потоа и ги коментира настапите на „Македонската театарска група“ на Војдан Чернодрински, од кои приходите биле наменети за помагање на македонските бегалци во Бугарија. Особен впечаток остава описот за спектаклот што го приредила „Македонската театарска група“ во преполниот салон на трговската кафена, кога, според весникот, била изведена првата македонска опера. Настапот бил во три дела. Во првиот, концертен дел, настапил хор под диригентство на Хр. Канев, притоа, при изведбата на „Divina“, сценски бил претставен ранет востаник кому еден ангел му полага венец на главата, а во заднина бил претставен убаво насликан портрет на Гоце Делчев.
Во вториот дел била претставена едноактната пиеса „Зло за зло“. Особен интерес и ентузијазам кај публиката предизвикал третиот дел, при изведбата на „првата македонска опера – Средба“. Притоа публиката со громогласен аплауз ги поздравила актерите – учесници во „првата македонска оперетка“, како и нејзиниот автор В. Чернодрински. Во најавата за изведбата на „Македонска крвава свадба“ во цирк-театарот „Б’лгарија“, весникот изразува очекување дека покрај жителите на Софија, претставата особено ќе биде посетена од Македонците. Набрзо потоа, весникот информира дека и покрај тоа што споменатава пиеса во Софија била изведувана најмалку 10-12 пати, театарот буквално бил преполн, поради што многумина што сакале да ја гледаат претставата се вратиле поради немање место, зашто полицијата ја забранила продажбата на билети за да не се сруши театарот, кој бил од штици. Оттука весникот заклучува дека „овој наплив на публика, покажува дека Бугаринот, особено Македонецот, сака театарска уметност…“.
Автор: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев
продолжува