По повод Илинден
Литературните, а посебно фолклористичките истражувања укажуваат дека македонските песни се пееле уште со почетоците на живеењето на македонските Словени на Балканот. Нивниот број не бил голем сѐ до покорувањето на нашиот народ од Отоманската Империја. Периодот од пет и пол века под турско ропство, не само што бил тежок за живеење туку бил и време на војни и крвопролевања. Македонскиот народ повеќепати се обидувал да се спротивстави на посилниот поробувач. И покрај ваквите услови на живеење, нашиот човек секогаш бил со убедување дека еден ден ќе биде слободен. Тоа особено се согледува и преку многубројните песни што ги создал во текот на овој долг временски и тежок за живот – период. Народните песни што се создавале и пееле во домовите, на нива, в планина, при битките со непријателот се со различни мотиви. Името на земјата – Македонија, зазема значајно место во македонското народно творештво. Убеден сум дека Македонија во светски рамки е најопеана во народните песни. Тоа го покажуваат и потврдуваат не само песните што за нашата земја се запишани и објавени во многубројните зборници туку тоа го потврдува и денешницата – нема песна што се пее, а во која не се спомнува родната и убава Македонија. Така, забележуваме дека собраните песни и објавени во мноштвото книги, снимени на аудио и видеоленти и записите во кои се опејува Македонија укажуваат на тоа дека за оваа сакана земја се пеело во еден долг период. А главна цел и голема желба на сите Македонци била – таа да биде слободна. Така им сакале срцето и душата, таков бил нивниот возблик.
Во мојата 52-годишна новинарско–публицистичка, пред сѐ, истражувачка иницијатива за разоткривање и афирмација на македонското народно творештво, а посебно на народните песни и умотворби, забележав стотина искази и согледби за богатството, односно за собирањето на бисерите од македонската фолклористика. Во тој поглед ги регистрирав како во мојот нотес така и преку многубројните телевизиски емисии при Македонската телевизија – Образовна програма, а тоа го сторив и во неколкуте публикации. Во тој поглед доминира книгата – монографија „Современи собирачи на народни умотворби“ (Аз-буки, Скопје 2008), во која се забележани активностите на дваесетина македонски собирачи на народните фолклорни бисери, а во тие рамки и на придонесот на неуморната вљубеничка во македонскиот фолклор – Данкинката Бирте Треруп. Моја главна преокупација во тој активен новинарско-публицистички период беше од обичните жители, главно постари, да ги забележам сѐ уште незабележаните, снимени или објавени песни, и тоа од сите краишта на Република Македонија, од Пиринска и Егејска Македонија, како и од реонот во Албанија каде што живее македонско население. Се разбира, ми остави впечаток сознанието дека во сите тие краишта најмногу се пее за саканата земја Македонија, но и за нејзините синови – револуционери и борци што се борат за слобода на македонскиот народ. Па така, како во ТВ-емисиите така и во монографиите доминираа забележаните, снимани или публикувани песни посветени на македонските револуционери Гоце Делчев, Јане Сандански, Питу Гули, Даме Груев, Никола Карев, Јордан Пиперката, Ѓорѓи Сугаре, Сирма Војвода, Румена Војвода и некои други, кои се бореле за слобода на својот народ за време на Отоманското Царство.
Исто така, присутни во споменатите ТВ-емисии и монографии се и забележаните песни за борците од Народноослободителната војна на Македонија, како што се, на пример, Таки Даскалот, Мите Богоевски, Кузман Јосифовски–Питу, Мирче Ацев, Мирка Гинова, Лазо Трповски, Елпида Караманди, Вера Јоциќ, Невена Георѓиева-Дуња, песната за стреланите младинци од Ваташа, Кавадаречко, и за многу други борци што го жртвуваа својот живот за својата сакана Македонија. Не само во моите ТВ-емисии и монографии туку и во педесетината, а можеби и стотината, специјални книги и монографии со содржини од македонското народно творештво, со акцент на народните песни, бележиме и од многу фолклористи, научни работници, новинари, па и писатели. Песни со мотивот Македонија среќаваме и кај многу значајните фолклористи од редот на Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Браќата Миладиновци, Кочо Рацин, па потоа од научните истражувачи на македонското творештво, како што се Кирил Пенушлиски, Блаже Ристовски, Томе Саздов, Ѓорѓи Поп Атанасов, Томислав Тодоровски, Танас Вражиновски, Марко Китевски, Лазо Каровски, Васил Хаџиманов, Душко Хр. Константинов, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Илија Алушевски, Иван Котев, Димитар Узунски, плејада научни работници – автори од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје и од многу други собирачи. Сите тие стручно и опстојно го истакнуваа значењето на македонското народно творештво, а посебно на мотивот во песните посветени за саканата земја Македонија.
Сите споменати собирачи, запишувачи и научни работници со своите активности во областа на зачувување на македонското народно творештво, посебно на народната песна, истакнуваат дека во периодот пред, за време и по Илинденското востание на 2 август 1903 година, кое беше настан и сигнал за вечната борба и желба за конечна слобода на македонскиот народ – се испеани најмногу песни, и тоа со револуционерна содржина. Највпечатливи и најмногубројни се песните испеани за саканата земја Македонија и за нејзините револуционери: Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански, Јордан Пиперката, Никола Карев, но и за многу други помалку познати и непознати револуционери. Значајно е тоа што тие песни се пееле низ сите краишта низ етничка Македонија. Исто така, народните песни за нашите револуционери, а со мотив за нашата земја – Македонија, имаат повеќе варијанти. Интересно е тоа што народот ги приспособувал песните и ги пеел како тие да се создадени за својот роден крај и неговата околина. „Анализата на овој план констатира, пишува академик Блаже Ристовски во предговорот на книгата ’Македонски револуционерни народни песни‘ (Издание на Институтот за фолклор ’Марко Цепенков‘, Скопје 1974) – дека во песните за Г. Делчев само дваесетина мотиви имаат по две до 24 варијанти, за Ј. Пиперката такви се 12 мотиви (по 2 до 20 варијанти), а за П. Гули – 5 мотиви (со по 2 до 6 варијанти), односно дека за Делчев се забележани 60 различни мотиви, за Пиперката околу 20, а за Гули нешто помалку…“.
Многу важно е да се истакне дека сите македонски народни песни со мотив Македонија и многу од нив посветени за револуционерите, но и за маката и работата на нашиот страдален човек, и што за наша среќа и гордост се зачувани и објавени во многубројните архиви, монографии и снимени на видео и аудиоленти, се создадени од нашиот обичен човек. Сите тие го отсликуваат неговиот вековен живот што бил постојано под туѓи јареми и влијанија. И во секоја од песните се пее за маките и страданијата, но и за отпорот кон непријателите, туѓинците и многуте експлоататори што ја користеле и пљачкосувале нивната сакана Македонија. Но, и покрај сите тие страданија, нашиот човек знаел да пее по нивите, за време на жетвата на житото, бербата на богатото земјоделско производство, за време на одгледувањето на стоката и во многу други пригоди. Токму на овие простори, но и при обредите во црквата, Македонците си го користеле својот вековен мајчин македонски јазик. Тука окупаторите не можеле да ги „контролираат“ и казнуваат, да им ги затнат устите на Македонците, кои постојано, понекогаш од мака, понекогаш од радост, ги пееле песните на македонски јазик што самите низ вековите ги создавале. И благодарејќи на песните и верските обичаи и традиции, македонскиот јазик до денес опстојува и со него се служиме во сите сфери од општествениот живот. И не само на домашно тло туку во сите средини од светот каде што живеат Македонците.
Ќе бидам неправеден ако во тој запис на темата „Македонија опеана во народните песни“ не забележам некои од народните песни со мотив Македонија што најмногу се пеат и се застапени во зборниците. Од времето на ајдутството, комитството, борбите за време на Илинденското востание во Крушево и неговата околина ги посочуваме песните „Македонче братче мило“, „Викна се Јана провикна“, „Пушки пукајат куршуми врчат“, „Ајде Македонијо, земјо поробена“, „Многу крвје многу солзи, земја натопија“, „Македонијо, земја мила“, „Бојот започна“ и „Црна се чума зададе“. Меѓутоа, на македонските народни песни со такви мотиви и наслови им нема крај. Нив ги има илјадници. Иако најголем број песни со мотив Македонија се забележани за време на Илинденското востание од 1903 година, не е безначаен и фондот на песни создадени за време на Народноослободителната војна од 1941-1945 година, како и по ослободувањето на нашата земја Македонија. Тоа е време на партизанската песна, време кога нашите борци се бореле против фашизмот и крвните непријатели. А народот ги пеел песните за личностите, за борците што за нив во тие моменти и времиња значеле надеж, значеле слобода. Се пеело и за ослободување на Македонија. Ќе набројам некои од таквите песни што се создадени и се пееле за време на НОБ и по ослободувањето на нашата земја. Такви се, на пример, песните „Македонијо, ти мајко мила“, „Стар бел дедо с кавал свири“, „Моми и ергени“, „Ај кажи, Витоша планино“, „Дебарца песна запеа“, „Од Ботуна до Пресека крвав бој ми Ѓуро водит“ и „Ај што ми е мило ем драго ле“. Нема сомнение дека тоа се само еден мал – минијатурен број од многубројните народни песни што се создадени и што се пееле за време на борбата за слобода на Македонија во текот на Втората светска војна (1941-1945).
Овој запис со голема љубов и ентузијазам го посветувам за Македонија и Македонците, а го објавувам во почитуваниот и сакан весник „Нова Македонија“.
„Гласот на Македонците“
Слушни го гласот Европо,
гласот на мачениците,
од сите страни на Балканот,
гласот на Македонците.
И ние сме чеда твои,
од голем славјански сој,
слушни го сега гласот Европо,
гласот на Македонците.
Егејски чеда, Пирински,
делени чеда парчени,
од сите страни крадени,
сакаме права човечки.
И ние сме чеда твои,
од голем славјански слој,
слушни го сега гласот Европо,
гласот на Македонците.
Иван Глигоровски