Павлос Воскопулос Филипов

Интервју со Павлос Воскопулос Филипов – борец за човековите права на Македонците во Република Грција

Павлос Воскопулос Филипов е роден во Лерин, Грција, на 25 ноември 1964 година. Тој беше основач на Македонското движење за балкански просперитет во 1992 година, член на Политичкиот секретаријат на Европската слободна алијанса – Виножито (политичка партија на македонското малцинство во Грција) во 1994 година и член на Домот на македонската култура. Во 1998 година, заедно со 24 активисти за човекови права, учествуваше во пишувањето на книгата „Порака за човекови права“, печатена од Министерството за надворешни работи на Шведска, по повод 50-годишнината од Универзалната декларација за човекови права на ООН. Павлос Воскопулос Филипов успешно ја предводеше иницијативата партијата Виножито да стане полноправна членка на Европската слободна алијанса-европска политичка партија (ЕФА-ЕПП) и на Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Во 2007 година е избран за член на бирото на Европската слободна алијанса-европска политичка партија. Во многу наврати тој ја претставуваше партијата и го отвори прашањето за статусот на македонското малцинство во Грција на различни меѓународни форуми за правата на малцинствата, вклучувајќи ги и оние на Обединетите нации и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Европскиот парламент и Советот на Европа.
Какви се Вашите впечатоци за Илинден?
– Да кажеме уште на почетокот дека има разлика во зависност од календарот. За Македонците тука Илинден е 20 јули, што во суштина е верски празник. Секое село си има свој празник во зависност од верскиот календар. Македонскиот државен празник 2 август има важност и е поврзан со македонската национална свест. Каква е свеста, така и се интерпретира и се има соодветни чувства за големиот национален празник што се идентификува со верскиот во македонската држава. За да се биде свесен Македонец тука во Грција, мора да се чита и да се знае за овој ден. Но тука кај нас, голем дел од Македонците се инфериорни бидејќи националната свест е на ниско ниво. Мал дел свесни Македонци тука во Грција имаат исти чувства како и секој Македонец кај вас или во земјите каде што емигрирале, слично и кај македонската дијаспора во прекуокеанските земји. Разликата помеѓу македонските емигранти и оние од нашиот крај е во тоа што првите се многу посвесни. Тука асимилацијата дава резултати, а македонштината во Австралија или Канада е жива, македонскиот јазик таму сѐ уште е фамилијарен, а тука сега сѐ уште се чувствува дискриминацијата на грчката држава од минатите години, особено по Граѓанската војна во Грција. Ова е објективната слика за Македонците и празникот.
Кога Македонците како народ се соочуваат со многу искушенија што треба да направат?
– Не сум граѓанин на Македонија и соодветно не можам да кажувам што и како. Најчесто коментирам кога темата е поврзана со македонските работи, бидејќи ова е заедничка тема за сите Македонци, без разлика дали се грчки, бугарски или албански граѓани. На оваа тема треба да се разговара добронамерно со идеи, предлози и слично. За македонштината генерално сметам дека Македонецот не треба да се врти во магичен круг и сета енергија да ја троши во бранење на македонскиот идентитет. Нема никаква потреба. Целата планета ги признава и ги почитува македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет. Проблем имаат Бугарија и Грција. Јас тука лично, кога некој Грк го оспорува македонскиот идентитет, не го бранам туку одам во контранапад. Условно речено го провоцирам Гркот за да ми објасни за грчкиот современ идентитет. Современите национални идентитети се поврзани селективно со славно минато. Државата сади свест колективно, но свеста може и самостојно да се изгради. Индивидуата може да ја прифати онаа свест што ја гради националната држава, минатото и историјата по потреба.

Му докажувам на Грк сограѓанин дека не може да поврзува современ национален идентитет со потекло на кој било човек. Колку подалеку одиш толку повеќе се оспорува. Дополнително настојувам идентитетот да се поврзува со народната култура и јазик. Му докажувам дека Грција се одликува со мешавина на народи, култури, јазици и традиција. Кога, пак, Гркот настојува на славјанството му одговарам дека најголемите херои во грчката национална историја се Албанци што овој грчки јазик го познавале. Го запрашувам, како е можно Албанец и воопшто некој што е мешавина да биде Грк и да има грчка национална свест, а во Македонија да не може кој било да има македонски национален идентитет.
Современите национални идентитети не се поврзани со славно минато туку со свеста, а свеста може самостојно да се изгради, но и да се прифати онаа што ја гради националната држава преку историјата. Преку овој метод настојувам Гркот да го разбере сопствениот идентитет и на крајот да го признае мојот и да ја почитува македонштината. Ова е метод на Сократ и во филозофијата во суштина ги користи аргументите на соговорникот, неговите идеолошки алатки за да стигне до ќор-сокак, без разлика дали прифаќа или не прифаќа, сепак има само две решенија. Или ќе ме почитува или ќе бега од разговорот. Со други зборови значи е поразен.
Која порака сакате да ја испратите до нашите читатели?
– Во оваа пригода сакам да пренесам и еден мој разговор со Каталонец, пратеник во Европскиот парламент од пролета 1994 година. Кога младата македонска држава чекореше кон иднината и првите нејзини чекори. Јас како свесен Македонец го прашав што мисли за Македонија. Знаете ли што ми рече, зашто тогаш ме зачуди одговорот. Ми вели, за да напредува младата македонска држава, најважно е да има независно судство. Бев зачуден, мислев дека ќе говори за економијата, за инвестициите, за гордоста и слично. Мајката си велам! Независно судство! Како минува секоја година, секоја деценија, сѐ повеќе разбирам колку во право беше Каталонецот, кој потекнува од позната буржоаска фамилија во Шпанија. Каталонците знаеле како да дејствуваат во оваа кралска држава. Просперитетна македонската држава може да биде и правда за македонската национална гордост за сите Македонци. Д.Ст.