Кога немаа сили да ја завршат трката, се случуваше некои атлетичари наместо кон целта да се упатат под трибините, во соблекувалната. Од возбуда, спринтерот Младеновиќ остана без нокт
Од атлетската историја (6)
Имаше многу згоди и незгоди во животот на атлетичарите на Работнички. Впрочем, не само кај дебармаалци, слични случување имаше насекаде, речиси во сите клубови. Секој на свој начин имаше некои доживувања, кои останаа во меморијата и често се прераскажуваа. Кога се зборува за нешто весело, а често и невообичаено, секогаш е интересно да се слушне тоа.
Затоа, јас како еден од авторите на брошурата посветена на АК Работнички, издадена по повод 25-годишнината на клубот во 1970 година, ќе го искористам моментот и ќе препишам нешто од она што некогаш со Славко Матовски, Чедо Шаревски, Милан Младеновиќ и со Бане Чадиковски сме го напишале. Па, еве што одделив од многуте доживувања за рубриката „Весела патека“. А дека насловот беше навистина погоден, ќе го потврдат и следниве редови.
Секој со свои „фалби“
Интересно е оти кога во 1945 година АК Работнички првпат требаше да настапи на екипното првенство на Југославија во Загреб, некои од членовите на клубот првпат се запознале кога се собрале на Железничката станица во Скопје. Но, што е интересно, некои од нив си имале приказна за себе како да се „големи“ атлетичари.
На пример, имало и такви што без да ја знаат вредноста на резултатот велеле оти 100 метри претрчале за 9,6 секунди. Други оти се побрзи и од пионерското вовче, чија пруга врвеше низ паркот, потоа покрај Вардар до населбата Хром во Ѓорче Петров, а потоа и кон Сарај. Трети, меѓу кои беше и Благоја Боцевски, кој подоцна стана познат одбојкарски работник и судија, тврдел дека пред војната на соколските кросови секогаш победувал. Така, и овој пат се фалел оти ќе биде прв на 200 метри. Но, наместо тоа, се случило спротивното. Имено, по првите 100 метри, на излезот од свијокот на целната рамнина Боце бил далеку зад другите тркачи и наместо кон целта, кога видел оти ќе биде последен „влетал“ во поттрибинскиот простор на стадионот и се упатил кон соблекувалната.
Нешто слично се случило и на државното првенство во крос во Осиек во 1948 година. Таму, меѓу стотината тркачи на стартот се појавил и Мемо Сулејманов. На делницата од 10 километри Мемо веднаш по стартот избил на чело и им побегнал на другите тркачи. Но што се случило подоцна? Веројатно да биде интересен и да се зборува за него, кога стигнал на брегот од реката Драва го соблекол дресот и се фрлил во студената вода. Откако се разладил малку повторно излегол од водата, го навлекол дресот и продолжил да трча. Гледачите биле изненадени и не знаеле што всушност се случува. Така, секогаш интересниот Мемо си направи ќеиф за себе, се разлади во Драва и продолжи да трча. На крајот во конкуренција на повеќе од 100 атлетичари, и покрај загубеното време поради капењето, сепак, во конечниот пласман бил на 68-то место.
Мемо заменет со олимпискиот шампион
Мемо Сулејманов беше таква личност што секогаш и насекаде привлекуваше внимание. Тој беше весел човек, полн со ведрина и штосови, а често знаеше да го земе и фотоапаратот и да ги фотографира своите другари. Интересно е оти тој го правеше тоа со љубов, како да е професионален фоторепортер. Колку фотографијата го обзеде и се врза за неа говори и податокот што до крајот на животот не се оддели од фотографскиот апарат. Мислам оти и денес во многу домови, особено на атлетските другари, се наоѓаат негови фотографии. Толку беше опседнат со снимањето што дури и оние што добро го познаваа мислеа оти Мемо е вработен како фотограф во Комитетот за физичка култура на Македонија, кој беше формиран, пак, по иницијатива на првиот негов тренер Славко Матовски. Инаку, Мемо таму ја извршуваше курирската работа доставувајќи материјали на членовите на комитетот и нам новинарите. Првите информации за активностите во оваа институција ги добивавме токму од него.
Кога веќе и овој пат го споменав неизбежниот Славко, да кажам оти тој се грижеше за своите атлетски пулени. Дека е ова така говори и примерот со Љубиша Трбоевски, кој остана без работа, бидејќи АК Работнички немаше средства да го плаќа како професионален тренер, Славко го вработи кај него, во комитетот. Тој всушност дојде на местото на Мемо, кој отиде во пензија.
Ова го кажувам за да се види оти има вистина во она што го пишував за дебармаалскиот клуб во минатите текстови, оти тој е едно големо спортско семејство. И овие примери со Мемо и Љубиша го потврдуваат тоа, зашто кога им беше најпотребно не беа оставени на улица.
Се оддалечив малку од темата за Мемо, а сега повторно се враќам на него и ќе кажам за уште една случка, кога тој беше „заменет“ со олимпискиот победник во маратонската трка, Французинот Ален Мимун. На еден пролетен крос, кога се појавил на стартот, многумина почнале да „шушкаат“ и да се прашуваат дали тој е Французинот Ален Мимун? Потоа, кога поминал прв низ целта, мислејќи оти е тоа славниот Мимун, со громогласен аплауз го поздравиле победникот.
Не сум овчар, јас сум студент
Имаше една интересна случка и на гостувањето на АК Работнички во Бугарија, на дуелот со Мињор во Димитрово. Во текот на загревањето, еден од домашните натпреварувачи дошол кај нашиот претставник во скок со стап Свето Петровиќ и го прашал:
– Момче и ти ли си овчар…?
– Што, овчар. Не… не… јас сум студент на архитектура.
Дури подоцна на Свето му станало јасно зошто го прашале дали е овчар. Бугарите скокот со стап го нарекуваат скок со овчарски стап.
И за крај од многуте пријатни и непријатни доживувања на атлетичарите на Работнички, во годините по формирањето на клубот, еве и една по малку невообичаена случка.
На поединечното првенство на Југославија за младинци во 1957 година во Белград, боите на Работнички на 100 и на 200 метри ги бранеше младиот спринтер Миле Младеновиќ, кој подоцна стана врвен атлетичар и повеќекратен македонски сениорски првак на најкратките патеки. Но, во тоа време, кога првпат требаше да се појави во сојузна конкуренција, нормално и возбудата била поприсутна, па во полуфиналната трка на 100 метри Младеновиќ престапил, па стартерот според правилата повторно ги вратил учесниците на почетните позиции.
Меѓутоа, овој пат меѓу нив го немало Миле. Клупските другари што ја следеле трката од трибините на стадионот на ЈНА, зачудено се прашувале зошто го нема Миле. Што всушност се случило? Миле, пак, од возбуда, со шајката од спринтерката во моментот на стартот нагазил и го продупчил палецот на левата рака. Откако ја видел крвта, тренерот Чедо Шаревски дотрчал до него и веднаш сакал да го одведе на ВМА за да ја добие соодветната серумска терапија. Но Миле кој дотогаш не примил ниту една инјекција и покрај настојувањето на Чедо одбил да оди во болница и му рекол: „Чедо, да го истрчам утре финалето на 300 метри, па потоа води ме каде што сакаш“.
Така Миле одбил да прими серум, а во трката на 300 метри утредента поставил младински рекорд на Македонија. Дури потоа на Хируршката клиника во Белград му го извадиле ноктот од палецот, и тоа без никаква опојка.
Има уште многу доживувања од времето кога се калеше АК Работнички. Можеби еден ден сето тоа ќе се најде во некоја книга посветена токму на популарниот атлетски клуб. Но за тоа нека се погрижат денешните генерации, а јас мислам оти низ шесте текста објавени минатите понеделници во „Нова Македонија“ колку-толку ги заживеав спомените за атлетскиот клуб Работнички, чии бои пред шеесетина години ги бранев и јас.