Фото: Дом на култура „Иван Мазов Климе“
Театарот при домот на културата „Иван Мазов Климе“ од Кавадарци на Меѓународниот фестивал „Фестивал на фестивалите“ кој се одржа по 68-ми пат во Требиље, Босна и Херцеговина, со претставата „Жена ми се вика Борис“ во режија на Диме Боцев, ја доби наградата „Златна маска“ за најдобра колективна игра и специјална Фестивалска диплома за режисерски и актерски придонес на Диме Боцев. Ваква диплома доделува стручното жиро доколку процени дека  поединци или колектив постигнале забележителен уметничко постигнување во категорија која не е предвидена за „Златна маска“. Исто така врз основа на одлуката на жиритo од публиката за актер на шестата фестивалска вечер, кога настапи кавадаречкиот театар, Видан Станове беше прогласен за најдобар актер за улогата на Ѓорѓи.
Претставата „Жена ми се вика Борис“ по големиот успех што го постигна на домашната сцена со рекордно брза продажба на билетите само го наговести овој голем успех на кавадаречките актери аматери за кои наградите ќе претставуваат дополнителен поттик за уште поголеми заложби и заслужени успеси.
– Со оваа претстава е потврдено дека од Македонија доаѓаат врвни театарски остварувања. Навистина беа фантастични. Направена е прекрасна поделба на ликовите. Претставата е на прагот комедија дел арте, тоа е таа линија, важно е да се направи забава и тогаш преку уличниот театар дојде до тоа да имаме вакво оставaрување во нашиот регион. Големите имиња кои се спомнуваат и во претставата се светло кон кое одат и им посакувам и понатаму да ја носат таа убавина. Само напред!- им порача театрологот Милован Здравковиќ на прес-конференцијата по доделувањето на наградите.
– Видовме динамична претстава на силно разигран ансамбл. Режисерот Диме Боцев фантастично го надградил текстот, а елементите на комедија и забуна му овозможиле  да го разигра актерскиот ансамбл низ низа комични ситуации. Некаде тие личеа скоро на бурлеска, но тоа беше добро, бидејќи таа бурлеска повлекува малку побрза и појака комика. Со стилизирана игра патем се допреа прашањата на моралниот кодекс со леснотија на  хумористично играње. Играта беше убава, лесна, чиста, без некакви потешкотии. Во претстава со полно пресврти, замена на идентитети и неочекувани ситуации, глумачката брзина преигрување подвлекува водвиљски текст полн со интриги. Тоа навистина така и беше. Аматерите од Кавадарци тоа толку вешто го играа, преигруваа и имаа една брзина, но во неа не се губеше водвиљската нишка која се провлечуваше цело време, без разлика на брзината и начинот на интерпретација. Целиот ансамбл беше многу добар и подреден на идејата за добра претстава. Геговите беа многу одмерени, во склад со можностите на ансамблот но ефектно беа пласирани. Претставата беше со изедначен ритам и се одвиваше во склад со декорот кој беше во нејзина фунција. Костимите потполно одговараа на ликовите. Режисерски одлично осмислена  со значајни актерски остварувања претставата ја насмеа публиката , а јас вака не сум се смеел последните две години. Баш силно ме насмееаја – изјави режисерот Слободан Радовиќ.
Весна Буројевиќ, директорка на Музејот на театарската уметност на Србија, им честите на актерите за извонредната игра.
– Видов дека ансамблот ужива на сцената, а таа искреност на нивното уживање во она што го работат  премина на публиката, тоа е таа театарска интеракција. Јазична бариера немаше , што е многу важно. Одлично одиграна претстава, глумата  и емоциите  во целост ја избришаа таа бариера. Големо задоволство беше да се гледа комедијата, бидејќи смеењето дене е драгоцена категорија – рече Бујоревиќ.