ЕТНОГРАФСКИ ФЕСТИВАЛ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“
Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ во Битола ја потврди силата на документарното снимање, до тој степен што ја оспори историската супериорност на фикцијата над другите жанрови. Дали ова треба да се гледа како знак на времето? Дали реалноста во нашиот свет ја надминува фикцијата? Вкупно 31 документарен филм што ги претстави фестивалот во изминатите седум дена, кој годинава го прослави своето четврто издание, беа доволни за да ја нарушат перцепцијата дури и на најискусните љубители на филмот. Дали гледавме искусни актери (иако непознати на киноблагајните и боксофисот) како ги отелотворуваат своите улоги на филмски сет преполн со опрема и персонал посветен на сите обележја на седмата уметност? Или овие ликови беа навистина реални, исто како и местото во кое се развиваат, нивните неволји и ова чувство, заедничко за неколку документарци во официјалната селекција, дека сите тие навистина осцилираат на кревка нишка растегната помеѓу суровоста на светот и надежта за бегство од него или, побрутално, помеѓу животот и смртта?
Филмовите се проектираа во две киносали – малата сала на НУ Центар за култура и киното „Манаки“ на Широк сокак и јасно ја изразуваат својата цел – преку етнографските филмови до поголемо знаење за народите и различните култури во светот.
Дали знаете како се живее во селото Шљивова во Србија, со љубовта кон родната земја и работливите селани наспроти бучниот живот во градот, дали знаете дека фанданго е традиционален шпански танц, дали знаете дека Ненетите со многу маки ги собираат дрвата за огрев под две метри снег, ги собираат и со многу упорност и смелост покрај строгите закони на природата што ги спречуваат, дали знаете зошто се вели „ветрот нема опашка“ и првото заминување на училиште во далечниот Сибир, кога првачето цела школска година ќе ја помине далеку од своите родители и ирвасите?
„Луѓе, богови и други суштества“ е наслов на еден од филмовите што беа прикажани. Филмот зборува за ритуалот на Масаите од Кенија за преминување од статусот на воин во статус на старешина, кој се одржува на секои 14 години, како и за обичаите за дозвола за женење во номадските племиња во Етиопија, кога младите пастири мора да ги прескокнат говедата без да паднат, во спротивно нивните женски членови на семејството ќе бидат камшикувани за да платат за тоа што тој ги заштитувал, додека кога ќе успеат, за една жена треба да заменат 200 грла добиток, а имаат право да се женат со пет жени. Во Боливија, пак, и децата мораат да работат во рудниците за сребро по цена на нивниот живот, откако татковците ги голта планината, а тешките метали им ја загадуваат вечно водата. Беа прикажани и филмови за колоните во Скопје и тројца протагонисти на холандскиот документарист што читаат античка поезија со сите поделби во Македонија, потоа за новата архитектура во Скопје, за практиката на менструалниот период кај жените во планините во Непал…
Традицијата на еден народ се состои во сето знаење што се пренесува од генерација на генерација. Се смета дека усното пренесување во рамките на едно семејство е највредното, но денешната динамика и култура на живеење не го овозможува премногу тоа. Оттука, светот високо ги вреднува и се труди да произведе т.н. етнографски филмови.
Богатството на етнографските филмови лежи главно во неколку аспекти: импресивниот пристап, кој го потопува гледачот во срцето на снимените заедници, нудејќи искуство блиско до реалноста што ја живеат проучуваните луѓе; културна документација, која ги доловува практиките, ритуалите, јазиците, знаењето и начините на живот што често се малку познати или загрозени, со што придонесуваат за нивно зачувување; човечка перспектива – наместо да се ограничуваат на апстрактна анализа, овие филмови им даваат глас на членовите на заедницата, откривајќи ги нивните емоции, приказни и гледни точки; разновидност на форми на етнографските филмови, кои можат да се движат од класични документарци до поекспериментални форми, овозможувајќи голема креативност во раскажувањето приказни. Тие се алатка за рефлексија што нè кани да ги преиспитаме сопствените култури и предрасуди, соочувајќи го гледачот со различни реалности. Накратко, богатството на етнографските филмови е истовремено уметничко, научно и човечко, што ги прави непроценливи за меѓукултурното разбирање.
Фолклорниот дел на фестивалот почнува со традиционалното дефиле
„Денес за утре“ е слоган и мото на најновото издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола, како аманет што потсетува и поттикнува на собирање и пренесување знаење за сопствениот народ и неговата култура во секој нејзин сегмент и облик. Годинава се навршуваат 55 години од постоењето на фестивалот по кој се препознава Битола. Фестивалот а важен дел од атмосферата што ги спојува локалното и глобалното. Но фестивалот не е само сцена, тој е и простор за истражување, критичко мислење и наука. На програмата има повеќе од 70 фестивалски настани, со над 1.300 учесници, 30 ансамбли од Македонија, како и гости од Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска и Хрватска. Фестивалот вклучува промоции, изложби, семинари, карвани, улични настапи и концерти.
– „Илинденски денови“ не е само сценско-музичка презентација на ора и песни туку е место каде што новите генерации може да ги видат и научат автентичните ора, песни, игри, обичаи, такви какви што се поставени пред векови. Фестивалот е жив доказ дека традицијата не е носталгија, туку динамичен културен процес. „Илинденски денови“ успеа да стане дел од светското семејство на фестивали CIOFF токму преку овој пристап, со поглед кон науката за фолклорот, сцената како простор, но и визијата кон иднината – нагласи Валентин Соклевски, уметнички раководител на фестивалот.
Тони Гламчевски