На страниците на „Нова Македонија“ објавуваме ексклузивна летна рубрика посветена на здравјето и безбедноста во најжешкиот период од годината. Преку совети од лекари и стручни лица, читателите ќе добијат практични информации за заштита од високи температури, правилна хидратација, избор на здрава и безбедна исхрана, безбедност при патувања и престој на плажи, како и за превенција од сезонски ризици и инфекции
Здраво и безбедно на високите температури: Летен серијал во „Нова Македонија“
Истражувањата покажуваат дека топлото и влажно време и жешкото сонце имаат влијание врз регулирањето на нивоата на гликоза во крвта, вклучувајќи го и механизмот на дејствување на инсулинот и другите лекови, што може да доведе до здравствени проблеми кај луѓето со дијабетес.
Зошто лицата со дијабетес се поосетливи на топло време?
Лицата со дијабетес тип 1 и тип 2 се многу поосетливи на топлотна исцрпеност и топлотен удар во однос на лицата што немаат дијабетес. Тоа се должи на можноста на дијабетесот да ги оштети крвните садови и периферните нерви, вклучувајќи ги и нервите во потните жлезди, кои се клучен сегмент во механизмот за регулирање на телесната температура преку процесот на потење, со што постои можност телото да не може да се излади ефикасно онолку колку што е потребно.
Лицата со дијабетес побрзо дехидрираат (губат премногу течности од нивните тела) при изложеност на висока температура. Недоволното пиење течности може да ја зголеми вредноста на гликозата во крвта, а високата гликоза во крвта доведува до почесто мокрење, предизвикувајќи дехидрација. Лицата со дијабетес треба да го зголемат внесувањето течности со редовно пиење вода во текот на денот, компензирајќи го она што се губи додека телото се обидува да се олади преку потење.
Со кои здравствени ризици се соочуваат лицата со дијабетес?
Една од главните грижи во врска со дијабетесот и топлото време е ризикот од нагло намалување или нагло зголемување на нивото на шеќер во крвта, при што се јавува состојба на хипогликемија или хипергликемија.
Топлото време може да го зголеми ризикот од хипогликемија кај лицата што земаат лекови за намалување на гликозата во крвта, како што е инсулинот. Метаболизмот на телото е побрз во топло и влажно време, поради вазодилатација на крвните садови, што доведува до зголемена апсорпција на инсулинот, кое последователно ќе доведе до нагло намалување на вредноста на шеќерот во крвта или состојба на хипогликемија.Хипогликемијата може малку потешко да се препознае во услови на топло време. Симптоми на хипогликемија што не треба да се занемаруваат се следните: конфузија или необично однесување, како што е неможноста за извршување рутински задачи, губење на координацијата, нејасен говор, заматен вид или тунелски вид, чувство на вртоглавица, чувство на глад, промена на расположението, чувство на потење, треперење, тешкотија во концентрацијата.
Прва помош при состојба на хипогликемија
Доколку лице со дијабетес има хипогликемија и е во свесна состојба, веднаш треба да се преземат мерки за третман на оваа состојба, која се третира со внесување на 15-20 грама брзодејствувачка слатка храна или пијалак, како што се: 5 таблети глукоза, 150-200 милилитри газиран пијалак со шеќер, 4-5 коцки шеќер или лажички шеќер, 150-200 милилитри овошен сок.
Приоритет е што побрзо да се вратат во нормала нивоата на гликоза во крвта.
Доколку лице со дијабетес има хипогликемија и е во состојба на бессознание, веднаш треба да се стави во странична положба (положба за закрепнување) и да се повика итна медицинска помош.
За да се спречи појава на хипогликемија кај лицата до дијабетес, потребно е почесто мерење на гликемијата, особено доколку се врши физичка активност во услови на топло време. Задолжително треба да се носи со себе извор на брзодејствувачки јаглехидрати, како што се таблети гликоза или сладок пијалак.
Доколку има потреба, може да се приспособат нивоата на инсулин што се пропишани во консултација со доктор.
Препознавањето на раните симптоми на хипергликемија може да помогне веднаш да се препознае оваа состојба и да се третира, а тие се: често мокрење, зголемена жед, заматен вид, чувство на слабост или невообичаено замор. Како доцни симптоми се јавуваат: здив со овошен мирис, сува уста, болка во стомакот, гадење и повраќање, отежнато дишење, конфузија, губење на свеста. Оваа состојба бара консултација со лекар и медицински третман.
Како да го регулирате дијабетесот и да бидете безбедни
• Внесувајте доволно вода: Пиењето многу вода може да помогне да се хидрирате.
• Избегнувајте кофеин и пијалаци засладени со шеќер, кои може да го зголемат нивото на шеќерот во крвта, но исто така не ве хидрираат правилно и можат да придонесат за дехидрација.
• Облечете се соодветно: Лесната, лабава облека ќе го намали потењето, особено ако планирате да поминете време надвор.
• Избегнувајте или ограничете го внесувањето алкохол: Алкохолот има диуретично дејство, па затоа пиењето алкохолни пијалаци може да предизвика почесто мокрење и дополнително губење течности.
• Следете го редовно нивото на шеќер во крвта: Топлото време може да предизвика нивоата на гликоза во крвта да варираат дури и повеќе отколку што мислите, особено пред или по физичка активност.
• Избегнувајте директно изложување на јако сонце поради можност од појава на изгореници од сонце: Изгорениците од сонце можат да бидат непријатни за вашата кожа, а исто така можат да влијаат и на нивото на шеќер во крвта. Задолжително нанесувајте крем за сончање и користете шапка за сонце, чадор или друга заштита од сонце кога е можно.
.• Внимателно прочитајте ги сите упатства за вашите лекови (инсулин, инсулински пумпи и други уреди за дијабетес) за да бидете сигурни дека соодветно ги чувате и внимавате на изложеност на директен извор на светлина и висока температура.
Автор: д-р Емилија Христовска, специјалистка по медицина на труд во „Прима-мед“ при „Ре-медика“