Емануел Макрон е решен да ја признае државата Палестина во услови на дипломатски ќор-сокак и хуманитарна катастрофа во Газа. А в понеделник министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро ќе биде задолжен да го формализира претседателското ветување на подиумот на ОН, за време на конференцијата насочена кон промовирање на решението за две држави, чии копретседатели се Франција и Саудиска Арабија. Париз ќе го искористи овој меѓународен самит за да се обиде да ги обедини другите центри на моќ и сојузници на Париз околу својата кауза и да изврши притисок врз Израел за да го принуди итно да достави хуманитарна помош во Газа
Во писмо до претседателот на палестинската самоуправа, францускиот претседател вети дека во септември Франција ќе направи чекор за целосно признавање на Палестина како држава
Континуираниот неуспех на индиректните преговори за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел – неуспех признаен јавно деновиве и од страна на специјалниот претставник на САД Стив Виткоф (кој се врати со празни раце од Доха), Париз го протолкува како дека „треба да преземе некакви чекори“ со кои ќе смета дека „ќе направи свој исчекор во насока на мирот на Блискиот Исток“. Но, според низа аналитичари, Франција нема ниту капацитет ниту мировен потенцијал ниту, пак, моќ да биде релевантен медијатор за мир на Блискиот Исток.
Според соговорниците, Елисејската палата има само свој интерес и некакви намери да се прикаже како засегната, но „релевантна сила чии намери поплочуваат пат кон мирот – нема!“
Франција смета дека може да даде одлучувачки придонес за мирот на Блискиот Исток
Шефот на француската држава нагласува дека Махмуд Абас ги осудил нападите од 7 октомври, ветил дека ќе го обнови управувањето со Палестинската самоуправа и ќе го демилитаризира Хамас. Тој се надева дека ќе го следат и други земји во септември, за време на официјалното соопштение на признавањето на говорницата на ОН.
Францускиот генерален конзул во Ерусалим, Николас Касијанидес, во четвртокот го предаде писмото до Махмуд Абас. На снимката од средбата ништо не беше видливо на лицето на 89-годишниот лидер – ниту страдањето што го претрпеа неговите луѓе во Газа, ниту олеснувањето што тоа ја поттикнува Франција да дејствува. Во своето писмо до претседателот на Палестинската самоуправа, Емануел Макрон вети: Во септември „Франција ќе продолжи со целосно признавање на Палестина како држава“.
Францускиот претседател треба да присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк на тој датум. „Правејќи го тоа“, напиша тој, „Франција ќе се обиде да даде одлучувачки придонес за мирот на Блискиот Исток“. Овој симболичен и политички гест доаѓа како одговор на писмото што Махмуд Абас го испрати на 10 јуни до Емануел Макрон и Мохамед бин Салман, престолонаследникот на Саудиска Арабија. Во него, палестинскиот лидер го осуди масакрот извршен од Хамас на 7 октомври 2023 година, се залагаше за негова демилитаризација и вети дека ќе го обнови управувањето со Палестинската самоуправа.
„Во светлината на овие обврски“, напиша францускиот шеф на државата, Париз ќе ја признае Палестина. Всушност, други настани ја натераа Елисејската палата, која се двоумеше со месеци, да дејствува. Уште на 23 јули, Кеј д’Орсеј го крена гласот, наведувајќи дека „ризикот од глад“ во Газа е „резултат на израелската блокада“.
„Суверена одлука“ на Макрон
Во четвртокот советниците за Блискиот Исток во Елисејската палата изнесоа во јавноста информација дека е донесена „суверена“ одлука на претседателот на Франција.
– Времето за одложување, насочено кон избегнување навреда на еврејската држава и САД, заврши. В понеделник, 28 јули, министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро ќе биде задолжен да го формализира претседателското ветување на подиумот на ОН, за време на конференцијата насочена кон промовирање на решението за две држави, чии копретседатели се Франција и Саудиска Арабија. Париз ќе го искористи овој меѓународен самит за да се обиде да ги обедини другите центри на моќ и сојузници на Париз околу својата кауза и да изврши притисок врз Израел за да го принуди итно да достави хуманитарна помош во Газа. Признавањето на Палестина мора да помогне во прекинувањето на смртоносниот модел – инсистира Кеј д’Орсеј.
Засега, Израел е бесен. Оваа одлука „наградува терор“ и претставува егзистенцијална закана, нудејќи „лансирна рампа за уништување“ на еврејската држава, веднаш со свој одговор протестираше премиерот Бенјамин Нетанјаху.
– Да бидеме јасни, Палестинците не се стремат да создадат држава покрај Израел, тие се стремат да создадат држава на местото на Израел – изјави Нетанјаху.
Од друга страна, потпретседателот на Палестинската самоуправа, Хусеин ал-Шеик, спротивно на изјавата на Нетанјаху, рече дека „оваа иницијатива ја одразува посветеноста на Франција кон меѓународното право и нејзината поддршка за правата на палестинскиот народ на самоопределување и создавање наша независна држава“.
Од трета страна, иницијативата на Макрон од страна на Хамас беше опишана како „позитивен чекор“!
Одгласи во јавноста за иницијативата на Макрон за признавање на палестинската држава
Свесен за ефектите што оваа одлука – осудувана од француската десница и аплаудирана од француската левица – може да ги има врз француската јавност растргната од израелско-палестинскиот конфликт, шефот на државата Макрон упати повици и пораки кон голем број личности од француската општествена јавност, од кои доби и јавен/отворен одговор.
Имено, Јонатан Арфи, претседател на Претставничкиот совет на еврејските институции на Франција (ЦРИФ), зборува за „морален пропуст“ извршен од Емануел Макрон и е загрижен што гледа дека „најрадикалните активисти на палестинската кауза се галванизирани“ од ова признание, за кое верува дека доаѓа во несоодветен момент.
– Постои просторно-временски јаз помеѓу Франција и Израел. Во нивните умови, Израелците не се во мај 2025 година, туку во октомври 2023 година, додека претседателот на Републиката не е во мај 2025 година, туку планира мир за една година, две години, можеби пет години- анализира претседателот на ЦРИФ.
Натаму, одреден број дипломати во Франција, кои јавно се изјаснија, наведуваат дека „зборовите на Емануел Макрон во врска со Палестина се – разјаснување“. Имено, тие во оваа пригода потсетуваат на зборовите на шефот на Елисејската палата од 8 април годинава. Тој ден, во авионот „ербас А330“ што го враќаше од Египет, Макрон изјави: „Мораме да се движиме кон признавање (…), и во наредните месеци ќе го сториме тоа“. Претседателот на Франција изгледаше потресено од она што го видел во Ел-Ариш, покрај креветите на палестинските жени и деца осакатени од израелските напади. „Некои имаа погледи што одразуваа… подалеку од болката“, објасни тој од салонот на претседателскиот авион.
– Ретко сум го видел толку погоден. Веројатно првпат ја доживеал траумата од Газа – коментираше Рим Момтаз, главен уредник на блогот „Стратешка Европа“ на Карнегиевата фондација за меѓународен мир, кој го придружуваше претседателот во делегацијата.
Париз уверен дека гестот на признавање на палестинската држава би бил „доволно силен!“ Но прашање е за што?!
Официјален Париз смета дека „дури и ако Франција во септември биде единствената што ќе ја признае државата Палестина, по двегодишна војна, нејзиниот гест ќе биде доволно силен“, како што веруваат во Париз, „за да изврши притисок врз Израел“
Сто четириесет и осум држави ја признаваат палестинската држава. Но Емануел Макрон не сакаше Франција да стане само 149-та држава што ќе се фрли на овој чекор. Макрон секако сакаше тоа признавање да биде „корисно“: дека во замена ќе извлече обврска од арапските и муслиманските земји да се движат кон нормализирање на нивните односи.
Сепак, идејата дека Франција може да ги наведе другите земји да ја признаат Палестина сѐ уште наидува на неподготвеност кај партнерите и сојузниците. А со преземањето на овој чекор, Емануел Макрон верува дека сè уште има шанса да поттикне дипломатски моментум. За обележување е дека Саудиска Арабија во петокот, јавно поздравувајќи ја „историската“ одлука на Франција, ги покани другите земји да преземат „слични позитивни мерки“.
Официјален Париз смета дека „дури и ако Франција, во септември биде единствената што ќе ја признае државата Палестина, по двегодишна војна, нејзиниот гест ќе биде доволно силен“, како што веруваат во Париз, „за да изврши притисок врз Израел“.
Вистина е дека Шпанија ја призна Палестина во мај 2024 година, без оваа одлука да ја промени ситуацијата. Но Франција е постојана членка на Советот за безбедност на ОН, истакнува еден дипломат. Ова признавање би можело да „промени“ некои работи, тврдат во Париз.
По израелските напади врз Иран ноќта меѓу 12 и 13 јуни, францускиот претседател и неговиот министер за надворешни работи постојано ја повторуваа својата „решеност“ да ја признаат Палестина, зборувајќи за „морална должност“. Но недостасуваше акција.
– Со Палестина, има што да им се каже на народите во светот. Признавањето на Палестина е принцип. Принципот не е предмет на преговори – извика поранешниот министер за надворешни работи Доминик де Вилпен уште во јуни годинава.
Тони Гламчевски, постојан дописник на „Нова Македонија“ од Франција