Од Брисел пропагираат слобода на медиумите, а очигледно практикуваат сосема спротивно
Европа како никогаш досега се соочува со силни критики поради строгата контрола врз медиумите, било да станува збор за оние класичните или за социјалните медиуми, при што не остава ниту минимален простор да се најде каква било критика на актуелните европски политики.
Американскиот Стејт департмент пред некој ден ја обвини Европа за кршење на слободата на говорот, велејќи дека регулативите за социјалните медиуми и дигиталните платформи претставуваат „орвеловска“ цензура. Во објава на социјалните медиуми, Стејт департментот, без да наведува конкретни примери, изјави дека илјадници луѓе се гонети поради критикување на сопствените влади, што е во согласност со претходните изјави на потпретседателот Џ.Д. Венс дадени на Минхенската безбедносна конференција, кога ги обвини европските влади дека напуштаат некои од нивните најважни вредности, објави Политико.
– Оваа орвеловска порака нема да ги измами Соединетите Американски Држави. Цензурата не е слобода – се наведува во објавата.
Во продолжение на објавата Стејт департментот алудираше на Законот за дигитални услуги (ДСА), клучен пропис на Европската Унија што ја регулира работата на технолошките и социјалните мрежи, со тврдењето дека „ДСА ги штити само европските лидери од сопствениот народ“.
Неколку американски технолошки компании, вклучувајќи ги „Мета“ и „Икс“, беа нападнати од европските власти поради непочитување на одредбите од ДСА, кој стапи во сила во 2022 година.
Пораката следува по претходните критики на администрацијата на Трамп кон европските правила за модерирање содржини. Претседателот на Федералната комисија за комуникации на САД, Брендан Кар, на Светскиот конгрес за мобилни телефони во март во Барселона предупреди дека европските регулативи ја загрозуваат слободата на изразување.
Некои од европските аналитичари се согласуваат со американските констатации дека Европа станува премногу ригидна околу изјавите што не ѝ се допаѓаат.
– Сето она што е контра актуелните европски политики се поврзува со некакви лажни вести, финансирања од Русија или Кина, едноставно не се дозволува поинакво мислење. Тоа не е онаа вистинска демократска Европа што дозволуваше спротивставување на идеи, концепти, мислења и слично. Сега се оди директно – или сте за нашите политики или сте наш непријател. Тоа е дел од оние непринципиелни европски политики. Од една страна истата таа Европа притиска и бара слобода на медиумите, од друга страна самата ги цензурира – коментираат некои европски аналитичари. С.Т.