Изградбата на најголемата хидроенергетска брана во светот започна на 19 јули, при што кинескиот премиер Ли Чијанг ја нарече „проект на векот“. Но не станува збор само за проект за електрична енергија и економски придобивки туку влоговите се многу поголеми, бидејќи од него зависат регионалната безбедност, еколошката стабилност и иднината на една од големите реки во Азија
Кина ја почна изградбата на најголемата хидроенергетска брана во светот
На источниот раб на Тибетската Висорамнина, Кина замислува иднина напојувана од бучните води на реката Јарлунг Зангбо, позната и како Брамапутра. На реката ќе биде подигната мегабрана, најамбициозна во светот досега, која ветува дека ќе донесе чиста енергија, работни места, инфраструктура и просперитет во регионот.
Изградбата на најголемата хидроенергетска брана во светот започна на 19 јули, при што кинескиот премиер Ли Чијанг ја нарече „проект на векот“. Но не станува збор само за проект за електрична енергија и економски придобивки туку влоговите се многу поголеми, бидејќи од него зависат регионалната безбедност, еколошката стабилност и иднината на една од големите реки во Азија.
Колку е голема мегабраната?
Браната ќе биде лоцирана во долниот тек на Јарлунг Зангбо, каде што еден дел се спушта 2.000 метри на делница од 50 километри, создавајќи огромен хидроенергетски потенцијал. Браната се наоѓа во Медог, оддалечен округ во градот Њингчи во автономниот регион Тибет.
Кога ќе биде завршен, проектот ќе ја престигне браната Три Клисури како најголема хидроцентрала во светот. Ќе може да генерира трипати повеќе енергија со пет каскадни хидроцентрали – со проценет годишен капацитет од 300 милијарди киловат-часа (кв/ч.) електрична енергија, што е повеќе од вкупното годишно производство на енергија на Велика Британија.
Се проценува дека браната ќе чини околу 167 милијарди американски долари, засенувајќи многу од најголемите инфраструктурни зафати во модерната историја, со околу пет пати поголема цена од браната Три Клисури, а дури и поскапа од Меѓународната вселенска станица.
Зошто е важен проектот?
Проектот првпат беше најавен во 2020 година во рамките на петгодишниот план на Кина како дел од поширока стратегија за искористување на хидроенергетскиот потенцијал на Тибетската Висорамнина, со студии за изводливост што датираат од 1980-тите. Пекинг ја одобри изградбата на браната во декември 2024 година.
Кина е водечки светски производител на хидроенергија, но бара нови реки за изградба на брани, што го прави Јарлунг Цангпо „последна граница“ за проширување во голем обем, според „Тривиум Кина“, истражувачка фирма фокусирана на Кина. Кинеската влада го гледа проектот како национална стратегија со големо значење за развојот на Тибет и за целите на Кина за чиста енергија.
Со искористување на огромниот хидроенергетски потенцијал на реката и интегрирање на околните сончеви и ветерни ресурси, Кина има цел да воспостави центар за чиста енергија во регионот, стабилизирајќи ја мрежата, а истовремено намалувајќи ја зависноста од јаглен. Тоа е во согласност со целите на Пекинг за зелена енергија и целите за јаглеродна неутралност до 2060 година, според државните медиуми.
Се очекува проектот да ги унапреди и локалното вработување, инфраструктурата и егзистенцијата во Тибет, а наедно да ѝ даде приоритет на еколошката заштита преку ригорозни геолошки истражувања и мониторинг на животната средина, според официјалните медиуми.
Кина тврди дека проектот поминал низ ригорозна научна евалуација и нема да влијае негативно на еколошката средина, геолошката стабилност или на водните ресурси. Напротив, проектот би можел да помогне во напорите за спречување и ублажување на катастрофите и да ја поддржи адаптацијата на климатските промени во низводните региони, според кинеското Министерство за надворешни работи.