55. „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“ – БИТОЛА

Детската ликовна работилница на годинашните „Илинденски денови“ се одржува под мотото „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво“. Таа во изминатите години се наметна како една од придружните манифестации на фестивалот. Младите учесници работат на изработка на фотоколажи, стрипови, цртежи во духот на културата и традицијата. Ателјеата се анимирани од неколку уметници: Весна Дунимаглоска, Димитри Балојани и копаничарите Весели и Васко Поповски. Во рамките на 55. издание на фестивалот „Илинденски денови“ во Завод и музеј – Битола беше промовирана истоимената едукативна боенка. Боенката е наменета за најмладите и претставува визуелна и креативна алатка за запознавање со македонската традиција, преку цртежи и илустрации инспирирани од народната уметност, културното наследство и обичаите. Целта е да се поттикнат интересот и љубовта кон фолклорот уште од најрана возраст.
Настанот беше збогатен со присуство на голем број деца, родители и наставници, кои со големо внимание ја проследија презентацијата, а дел од учениците имаа можност да ги видат и своите цртежи во боенката, вклучени како резултат од претходно одржани работилници. Со овој проект, фестивалот го потврдува својот опфат кон едукативниот сегмент, негувајќи ги вредностите на континуитет, креативност и пренос на културното наследство на новите генерации, велат од фестивалот. Младите учесници на работилницата, околу стотина, имаа можност да присуствуваат и на проекциите на етнографскиот филмски фестивал – „Илинденски денови“, со специфично избрана програма, преку која се запознаа и со не многу лесниот живот на нивните врсници на другата страна на планетата.

Под пелистерското ѕвездено небо, членовите на КУД „Илинден“, пак, ја маѓепсаа публиката со својот целовечерен концерт на кој го презентираа музичко-сценскиот проект „Да затрусаме“ – ора и песни од сите делови на Македонија. Игроорците, во автентична традиционална облека, ја оживеаја традицијата, мелодиите на традиционалните инструменти одекнуваа низ ноќта, плетејќи магична атмосфера. Публиката беше пренесена за миг во минатото, каде што суштината на фолклорот во регионот беше начин на живот. Настапот предизвика аплаузи и овации, а и заедничко чувство на гордост за културното наследство на Македонија. Оваа извонредна вечер беше доказ за трајната моќ на народните традиции да обединуваат и да инспирираат. Како што продолжува фестивалот, споменот на прекрасниот настап на КУД „Илинден“, кое одбележува 70 години од своето основање, ќе остави белег, потсетувајќи нѐ сите нас на убавината и важноста на зачувувањето на нашите културни корени.
Битолската публика и гостите од странство беа почестени и со целовечерен концерт на ансамблот за народни песни игри и песни „Танец“ – Скопје, насловен „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, кој ги слави пулсот на народот, чекорот на предците и убавината на различноста во македонското фолклорно наследство.

Тони Гламчевски