Хана Подјед, добитничка на стипендијата „Ацо Шопов“
Македонско-словенечките врски во поезијата од средината на дваесеттиот век се централната тема на магистерскиот труд на Хана Подјед, студентка на Универзитетот во Љубљана, која едногласно беше одбрана од стручното жири на стипендијата „Ацо Шопов“ за 2025 година, во чиј состав се Маја Бојаџиевска и Весна Мојсова-Чепишевска, професорки на УКИМ, Ивица Баковиќ, доцент на Универзитетот во Загреб, и Јасмина Шоповa, потпретседателка на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, која по вторпат ја доделува оваа стипендија. Мисијата на фондацијата за стипендирање истражувања во полето на хуманистиката, кои во својот пристап ги инкорпорираат вредностите со кои се одликува творештвото на Ацо Шопов продолжува и преку странските македонисти.
Магистерското истражување на Хана Подјед има цел да ги осветли интимизмот и причините за неговата појава во словенечката и македонската поезија, и да предложи пристапи за подлабока книжевна анализа на интимизмот како насока. Во фокус се Ацо Шопов и Иван Минати, како канонски автори што силно ги одбележале словенечката и македонската книжевност. Претставувањето на нивните меѓусебни контакти и поетики ќе ја осветли меѓу другото и големината на двајцата автори, како и нивното значење за пријателството меѓу двете книжевности, односно меѓу двата народа.
Според Намита Субиото, која заедно со Андраж Јеж е менторка на магистерскиот труд „Свртувањето кон интимното во македонските и словенечките повоени лирски дела: Шопов и Минати (1945–1965)“, „оригиналниот придонес на Хана Подјед се состои во тоа што поетиката на двајцата еминентни автори ја разгледува низ фазите на објавување на нивните поетски збирки, и тоа на компаративен начин, со детална анализа на избраните песни. Посебен придонес во овој амбициозен труд е осветлување на кореспонденцијата меѓу поетите Ацо Шопов и Иван Минати“.
– Во трудот ја истражувам поетиката на Ацо Шопов, со желба таа да биде подобро претставена и во словенечкиот академски и книжевен простор. Наедно, преку магистерската работа се стремам кон поголемо разбирање на силното пријателство и блискост меѓу словенечката и македонската книжевна сцена. Настојувам да ги разберам комплексните околности во кои се создаваше оваа величествена, монументална поезија што инспирираше многу нови генерации – вели Подјед.
Хана Подјед се истакнува и како талентирана преведувачка на книжевни текстови од македонски на словенечки јазик. Неколку нејзини преводи се вклучени во антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“, насловена според антологиската песна на Шопов „Раѓање на зборот“. Антологијата беше објавена на македонски во 2023 година, а двојазично (словенечки – македонски) во 2024 година. Хана Подјед учествувала на летните и на зимски школи по македонски јазик, книжевност и култура на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. В.Д.