Кон потресната претстава со длабоко сигнификантен наслов „Нив веќе ги нема“, која настанала како плод на долгогодишното истражување на режисерот Андреј Носов

Рецензија

Бертолт Брехт во една од своите песни ќе каже: „Кога злосторствата почнуваат да се натрупуваат, тие стануваат невидливи. Кога страдањата стануваат неподносливи, плачот повеќе не се слуша. Плачот, исто така, паѓа како дожд во лето“. Потресната претстава со длабоко сигнификантен наслов „Нив веќе ги нема“ настанала како плод на долгогодишното истражување на режисерот Андреј Носов, кое по наградениот концепт на оваа претстава со престижната награда „Ибзен скоуп“ се артикулира во драмски текст на талентираната драматичарка Дорунтина Баша. Текстот говори за геноцидот во Сребреница, за ехото на жртвите, за една од најтемните дамки во поновата цивилизациска мрачна историја на насилство и погубување, но говори низ една болна архаика, која Дорунтина Баша ја преточила во длабока интимна драма на Садика, жената што потонува во животот што го замислила и оној што ја довел до неподносливата самотија како резултат од тој геноцид. Садика живее во вителот на гласовите од семејството што веќе го нема, говори со горчливиот глас на сеќавањето и се придружува на вокалите на нејзината недофатлива припадност. Семејството во порите на нејзините достаги е само копнеж, но и дистанца, оддалечување од една траурност, која во нејзиниот искинат живот е амбис над кој секој ден стои, прашувајќи се потајно: има ли животот смисла понатаму? Режиски конципирана во многу едноставни рамки, оваа претстава има бергмановски вкус и низ натуралистичката контекстаулизираност отвора многу прашања за заборавот, за сеќавањето, за можноста да се живее со болката, за она невозможното „животот оди понатаму“, за темните коридори на несфатеноста и крвавото недоразбирање. Андреј Носов низ таа едноставност ни понуди знаковен реквием што го чувствуваме внатре, in the guts, нè потсети на поетиката на болката што не стивнува, но само се претвора во еден друг живот, кој го прифаќаме затоа што другата опција е смрт и траен заборав. Потресна до последниот атом, „Нив веќе ги нема“ буи со извонредна актерска енергија. Кога го велам тоа, мислам на ингениозната Мирјана Карановиќ чија интерпретација е неизмерно впечатлива. Во нејзината интерпретација, Садика е дел од нејзината метаболитичка структура, нејзиниот вулкан од талент ни донесе лик што е исткаен од болка, лик што одбива да се соочи со својата зрелост и реалитет. Мирјана Карановиќ гради улога што е безвременска, од нејзините емоции блика осудата на тој страшен настан, од нејзината говорна партитура се одвојуваат сите крикови на оние што „веќе ги нема“, како симулакрум на оние што ѝ се вовлекле во сеќавањето и се обидуваат да ја натераат да ја најде својата улога во семејството што веќе го нема. Оваа грандиозна актерка зборува со достагата на една трагедија, со изблиците на непомирливоста и неверувањето што ја одвоило од стварноста на која никогаш веќе нема да ѝ се врати. Сенката на нејзиниот погубен сопруг, еден од оние што го отелотворува и се обидува да не го заборави, го одигрува Светозар Цветковиќ со една мекост и суптилност, која плени и импресионира. Овој исклучителен актер со својата тивка емотивност одлично го визуализира сопругот на Садика, жената што треба до крајот на животот да остане во виорот на своите сеќавања. Овде е и Албан Укај, кој многу рационално ја одигрува улогата на Мартин, медицинско лице во холандскиот старечки дом, кој се грижи за состојбата и за олеснувањето на старечките денови на неутешната Садика. Споменот на овие стравотни настани е предупредување. Мислам дека една од координатите на овој прекрасен драмски текст на Дорунтина Баша е токму таа. Роденденот на Садика ги собира сите оние што ги нема, а ги нема баш сите. И сите што понатаму ги немало секаде низ светот, по ужасот во Сребреница повторно се една од ненаучените лекции на крволочната природа на човекот.

Дорунтина Баша напишала текст што не е само предупредување, туку е и еден вид драмски манифест за страдањето и неговиот заборав, текст што отворајќи го прашањето колку споменот ќе го запре понатамошното страдање, ги отвора сите рани на неумоливоста и ирационалноста на човековата природа. Визуелниот момент на претставата, сценографијата на Зорана Петров и костимографијата на Селена Орб се дел токму од таа нејзина натуралистичка нишка и баш животворноста и „приземноста“ на овој сегмент на претставата нè поттикнува на размислување каде живееле сите тие гласови кога биле стварност и кога ја воодушевувале, сега раскинатата од болка, Садика, во деновите кога се чинело дека ништо не може да ги уништи соживотот и меѓусебното разбирање. Овде ќе ја споменеме и музиката на Драшко Аџиќ, која исто така понесува и нѐ потсетува на времето што било сè, само не заборав. „Нив веќе ги нема“, секако зборува за сите што ги немало и сите што, за жал, со сегашните војни, повторно ќе ги нема. Нив и нас, сите ќе нè има во едно сеќавање, кое, ако остане да тлее во нашите духовни животи, повторно ќе го заврти кругот на осаменоста и отуѓеноста, на непостојаноста, на бесмислата и деструкцијата. Во интимусот на оваа трогателна претстава се крие некакво согледување, кое човекот многу тешко си го дава самиот на себе, а тоа е дека војната нема лице, а брише лица, но и едно ветување што уште потешко може да си го даде себеси: дека отелотворувањето на војната е обезличување на човекот.