Фото - Микоа

„Свети Герман“ е средновековна црква во селото Герман, Преспанско, Егејска Македонија. Влегува во состав на Леринско-преспанско-еордејската епархија на Цариградската патријаршија. Изворно ѝ припаѓала на Охридската патријаршија

Герман“ најверојатно е градена на крајот од 10 или почетокот на 11 век. Се верува дека црквата и селото се наречени во чест на охридскиот патријарх Герман, поглавар на македонската црква за време на цар Самуил кон крајот на 10 век. Во 1743 г. грчкото свештенство поставило натпис дека таа е посветена на цариградскиот патријарх Герман Први од 8 век, но стручњаците тврдат дека тие ги помешале личностите или, пак, се работи за намерно подметнување. Во 1888 г. во црквата е пронајден надгробниот натпис на родителите и на братот на Цар Самуил.
Црквата е крстовиден куполен храм со три апсиди во обликот „впишан крст“ од провинцијален тип, без предапсиден простор со припрата. Има коморни димензии од 9 × 14 м. Куполата е висока 11 м и има облик на цилиндричен барабан носен на четири столба. Денес во храмот се влегува преку два влеза. Изворно влезот бил од западната страна, која водела од припратата на храмот кон новата црква. Имало и друг влез, кој е заѕидан во 1743 г., и наместо него е пробиен мал втор влез, исто така од југ. Прозорците се тесни и високи – два на челата на трансептот, еден на средишната апсида и четири во куполниот барабан, насочени кон страните на светот. Храмот низ вековите претрпел многу ремонти и правени се поситни преправки како затворањето на првобитниот влез и менувањето на положбата на владичкиот престол, изградбата на ѓаконик, промените во надворешните ѕидови на храмот и промените во подот.
Градежот е мешовит, од камен и тула, но наместа не е правилен. Камењата се наизменично наредени со појаси од тула и групи просеани меѓупросторни тули во вертикални фуги, а отворите се украсно врамени со тулен материјал наедно со конструктивна функција.

Фрески во куполата и околниот простор

Во куполниот барабан украсите се од фриз од тули од типот „волчји заби“, а камено-тулната ѕидарија на барабанот е многу прецизна и живописна. Каменот е крупен и грубо обработен. Ѕидовите завршуваат со пластичен тулен корниз. Овие елементи, откриени во целост по реставрацијата во 1998 г. заедно со храмот, како и обликот на куполата го потврдуваат датумот на изградба во 11 век, во периодот на владеењето на цар Самуил.
Натписот на грчки од 1743 г. вели дека храмот е зографисуван двапати – еднаш во 1006 г., наскоро по неговата изградба (откриени се некои фрески во наосот и олтарот), и во 1743 г. кога храмот е целосно насликан, но има и меѓувремено живописување од почетокот на 13 век од кога датира иконата на Св. Герман над денес заѕиданата јужна врата. При зографисувањето се направени натписи на грчки, кој бил сосила наметнат како службен јазик на Охридската архиепископија. На последните фрески се гледаат мотиви од 14 и 16 век, но и стилските зафати својствени за оваа област во 17 век. Колку и што останало од првото живописување не е наполно јасно, бидејќи тие места се пресликувани во времето на преродбата. Во Леринскиот археолошки музеј се изложени олтарните двери од 16 век. На десниот предапсиден столб свртен кон верниците има претстава на Климент Охридски, речиси скриена од денешниот дрвен иконостас.
Во 1882 г. е изградена голема нова црква, слепена со западниот ѕид на средновековниот храм. Резбите во неа се дело на смилевскиот копаничар Гино Чуранов. Во северниот дел на крстот, зад североисточниот столб што држи купола стојат моштите (раката) на патријархот Герман во дрвен ковчег покриен со црвено кадифе. Истражувањата даваат повод да се смета дека храмот можеби служел како епископска црква на Преспа по напуштањето на базиликата на островот Свети Ахил. При ископувањата на подот вршени во 1997 г. се откриени скромни гробови во припратата и наосот, каде што веројатно се положени свештени лица што служеле во црквата во последните векови на османлиското владеење.
При ремонтно-градежните работи кај олтарот на старата црква во 1888 г. е откриен значајниот Самуилов натпис од 993 г. – мермерна спомен-плоча поставена од цар Самуил со натпис посветен на неговите родители и браќа. Гробот врз кој стоела плочата не е откриен. Во 1962 г. црквата е прогласена за споменик на културата. Д.Ст.

Фреска на Рождеството Христово, 1743 г