Урсула фон дер Лајен

Полн со скриени мини, спротивставени барања и препирки од Лисабон до Летонија, беше јасно дека нема да треба многу за прашањето за буџетот да ѝ се обие од глава на Фон дер Лајен. Повеќето влади не сакаат да ѝ дадат на ЕУ ниту евро повеќе отколку што веќе даваат, но Европскиот парламент го бара спротивното. Конфликтот во Украина предизвика брза потреба од инвестиции во одбраната, но ЕУ одзема пари од земјоделците на свој ризик

Внатрешните критики кон претседателката на Европската комисија дојдоа до точка на вриење поради неуредниот, збунувачки и таен план за трошење што ги истакна поделбите и откри политички кревкости. Кога Урсула фон дер Лајен го почна вториот мандат како претседателка на Европската комисија кон крајот на минатата година, нејзините советници го идентификуваа реформирањето на следниот долгорочен буџет на ЕУ како една од нејзините најтешки мисии.
Полн со скриени мини, спротивставени барања и препирки од Лисабон до Летонија, беше јасно дека нема да треба многу за прашањето за буџетот да ѝ се обие од глава на Фон дер Лајен. Повеќето влади не сакаат да ѝ дадат на ЕУ ниту евро повеќе отколку што веќе даваат, но Европскиот парламент го бара спротивното. Конфликтот во Украина предизвика брза потреба од инвестиции во одбраната, но ЕУ одзема пари од земјоделците на свој ризик.
Иако ваквите тензии не се нови, блокот е пополаризиран од кога било. И покрај враќањето на власт што повеќе личеше на крунисување отколку на избор, политичката поддршка на Фон дер Лајен е кревка и изгледа сè поизлитена. Не помогна нејасниот и нетранспарентен начин на кој буџетот за седумгодишниот период од 2028 година, па наваму беше објавен во средата.

Спор околу бројките

Планирањето започна рано. Очекувајќи брутални преговори, Фон дер Лајен и шефот на нејзиниот кабинет, Бјерн Зајберт, започнаа разговори со земјите членки уште пред 18 месеци, пред таа дури и да знае дека ќе има втор мандат на функцијата, според официјален претставник на ЕУ. Идејата беше да се соберат мислења, да се избегне хаотична борба во иднина и да може да се презентира буџет што има значително прифаќање од членките на ЕУ. Само врз основа на доказите од неделава, таа стратегија изгледа несигурна.
Напладне во средата, кога комесарот за буџет Пјотр Серафин требаше да го презентира планот пред Европскиот парламент, службениците сè уште се расправаа околу конечните бројки. Тие расправаа на полноќ во вторникот навечер, при што високите претставници од тимовите на 27-те комесари разговараа во Берлемонт (седиштето на Комисијата во Брисел) до 2 часот по полноќ во средата, продолжувајќи во 8 часот следното утро.
Потоа самите комесари, чиј неделен состанок има тенденција да биде вежба за потврдување, се состанаа во среда за време на ручек и се вклучија во политичка борба што траеше речиси сè додека Серафин конечно не се појави на промоцијата.
По одредено досадување на европратениците и парламентарните службеници, Серафин пристигна четири часа подоцна. Презентацијата беше исполнета со конфузија околу тоа што точно значат бројките и како ќе бидат пресметани. Пратениците беа огорчени што не ги добиле бројките однапред.
– Се надеваме дека донесовте и некаков документ со вас, бидејќи овој почитуван дом не е информиран – се обрати кон Серафин пратеникот Зигфрид Мурешан, кој потекнува од истата централнодесничарска група.
Всушност, дури и тимот на комесари на Фон дер Лајен не бил запознаен со сите бројки до неколку часа претходно. Објаснувајќи го матниот процес, еден функционер близок до комесарот Серафин рече: „Фон дер Лајен ни кажа колку ќе скрати од нашата програма, но ние не знаевме колку ќе скрати од оние на нашите колеги“. За сите, освен малата тесно поврзана група на која претседателката ѝ се доверува, тоа ја направи целокупната политика исклучително тешка за разбирање.

Распаднат сојуз

Критиките кон Фон дер Лајен и нејзиното централизирано донесување одлуки се зголемија во последните месеци, но ова беше првпат внатрешната опозиција да излезе на површина. Комесарите, главно оние од различни политички табори, ја принудија да се повлече. Големата идеја на Фон дер Лајен беше да спои различни буџетски џебови во плановите за секоја земја, кои би се исплатиле само кога владите ќе спроведат реформи. Според неа, системот би ги охрабрил непослушните земји да се подобрат, зголемувајќи ја моќта што Брисел ја има врз главните градови на земјите членки.
Но, како што минуваа неделите, разрушениот сојуз на земјоделци, региони и пратеници се здружи за да се спротивстави на нејзината голема визија. Внатре во комисијата, неочекуван сојуз меѓу романски социјалист, италијански десничар и луксембуршки умерен политичар, чиј брат е земјоделец, побара големи отстапки.
– Сите успеаја да го спасат угледот – рече функционер на комисијата близок до дискусијата. Друг рече дека „се бореле напорно и направиле сè што можеле за да ги заштитат своите политики“.
Соочен со закани за големи намалувања на гигантскиот буџет за земјоделство на ЕУ, комесарот за земјоделство Кристоф Хансен успеа да заштити 300 милијарди евра што одат директно во џебовите на земјоделците.
– Тоа не е револуција, туку еволуција – им рече Хансен на новинарите за заедничката земјоделска политика, во обид да ги смири лутите земјоделци што протестираа на улиците на Брисел во средата.
На Фон дер Лајен ѝ се спротивстави и комесарката за социјални права Роксана Минзату, која водеше борба за зачувување на Европскиот социјален фонд (Фондот ја поддржува обуката на невработените и другите ранливи групи). Иако не успеа да обезбеди точен износ за ЕСФ, Минзату издејствува обврска, според која, 14 проценти од вкупниот буџет мора да одат на социјални трошоци.
Во меѓувреме, комесарот за кохезија и реформи Рафаеле Фито се спротивстави на планот за проширување на моќта на националните влади на штета на регионите. Таквиот проект се закануваше да ја еродира моќта на Фито во комисијата и да ја поткопа регионалната политика на ЕУ, која тој ја надгледува.
Всушност, овој план се појави како едно од најгорливите прашања за време на двата дена последователни состаноци меѓу шефовите на кабинетите на комесарите. На состаноците меѓу тимот на Фито и Зајберт „сè се вршеше околу ова“, рече еден официјален претставник. Фито на крајот обезбеди обврска за директно ограничување на 218 милијарди евра за помалку развиените региони.
Фон дер Лајен имаше тежок почеток на својот втор мандат како претседателка на комисијата. Таа се соочи со гласање за недоверба во Европскиот парламент и беше предупредена дека тоа е нејзината „апсолутна последна шанса“. Таа е обвинета дека се здружила со крајно десничарските пратеници за да го протурка законодавството, игнорирајќи ги центристичките групи, кои ѝ помогнаа да обезбеди втор мандат. И таа ја загуби судската пресуда во аферата „Фајзергејт“ поради нејзината размена на текстуални пораки со производител на вакцини против ковид-19.
Следните две години преговори за буџетот на ЕУ никогаш немаше да бидат лесни. Но начинот на кој започнаа ја направи тешката работа уште потешка.