Филмот „Набљудувачот“ на младата американска режисерка Клои Окано од 2022 година беше еден од оние филмови што со својата суптилна едноставност, но и застрашувачка реалистичност успеа да се вгнезди меѓу најстрашните филмови што не се официјално означени со префиксот хорор. Овој визуелно елегантен и софистициран психолошки трилер на Окано е еден од најомилените филмови на филмските фанови во годините што се зад нас. „Набљудувачот“ е квалитетен и стилски психолошки трилер во старовремски стил, како што ретко може да се најде во денешниот избор на филмови. Мрачниот амбиент на некои делови од магичниот Букурешт, во комбинација со исклучително добрата глума на главната актерка Маика Монро, која ја глуми параноичната Џулија, извонредниот избор на костими и крајно софистицираната кинематографија, му даваат на овој филм тежина како на класично дело

Видеотека – рецензија на деби-остварувањето на Клои Окано од 2022 година

Во светот на филмот постои една поткатегорија што филмските љубители ја нарекуваат „најстрашните филмови што не се хорор“. Тука спаѓаат филмови од категории како, на пример, психолошки трилери, тешки драми, но често и црни комедии. Во оваа поткатегорија, чувството на страв не зависи од количеството крв што е пролеано, ниту се потребни натприродни сили за да ја разбудат фантазијата на гледачот. Во овие филмови најважен сегмент за страв е всушност атмосферата.
„Реквием за еден сон“, „Мулхоланд драјв“, „Машинист“, „Пеколниот портокал“, „Седум“, „Скалилата на Јаков“ и многу други се само дел од оваа плејада на филмски остварувања, кои на суптилен начин, без експлицитни хорор-сцени, успеале да предизвикаат силен страв и да внесат длабок немир кај гледачот. Љубителите на хорор-жанрот, кои се познати по адреналинската зависност, многу често, наместо понекој „слешер“, знаат да посегнат по еден од овие филмови.
Филмот „Набљудувачот“ на младата американска режисерка Клои Окано од 2022 година беше еден од оние филмови што со својата суптилна едноставност, но и застрашувачка реалистичност успеа да се вгнезди меѓу најстрашните филмови што не се официјално означени со префиксот хорор. Овој визуелно елегантен и софистициран психолошки трилер на Окано е еден од најомилените филмови на филмските фанови во годините што се зад нас. Во манир на модернизиран Хичкок, „Набљудувачот“ наместо сцени на бруталност, насилство и крв, плени со голема доза на речиси задушлива неизвесност, која силно потсетува на големите ремек-дела „Психо“, „Ребека“, „Вертиго“ на Хичкок, но и на „Станарот“ и „Бебето на Розмари“ на Роман Полански, со тоа оддавајќи им почит.
За Клои Окано може да се каже дека имаше краток пат до ѕвездите. Тотално непозната за филмската јавност (претходно имаше сработени неколку кратки филма и со свој сегмент беше дел од хорор-франшизата В/Х/С 94), буквално се лансираше во орбитата со својот прв долгометражен филм.
Филмот ја следи приказната на Џулија (Маика Монро, позната по улогите во „Гостинот“ и хорор-хитот „Тие не следат“, која подоцна блесна во улогата на агентот Ли Харкер во „Лонглегс“ од 2024 година), млада Американка што со својот сопруг Франсис (Карл Гласман) се сели во Букурешт. Таа почнува параноично да се сомнева дека странецот што ја следи од спротивната зграда е всушност сериски убиец (Бурн Горман).
„Набљудувачот“ е квалитетен и стилски психолошки трилер во старовремски стил, како што ретко може да се најде во денешниот избор на филмови. Мрачниот амбиент на некои делови од магичниот Букурешт, во комбинација со исклучително добрата глума на главната актерка (Маика Монро), која ја глуми параноичната Џулија, извонредниот избор на костими и крајно софистицираната кинематографија, му даваат на овој филм тежина како на класично дело.

Дали Џулија е навистина следена од сериски убиец или е само параноична? Сцените што ѝ се случуваат се толку чести за да бидат случајни. Но тука е и нејзиниот сопруг, кој сѐ почесто ја убедува дека серискиот убиец постои само во нејзините мисли. Сепак, набљудувачот, кој сѐ почесто се појавува на чудни места, како на пример осамената подземна железничка станица или темната улица помеѓу блоковите, ја доведува Џулија до хистерија, а тензијата расте од миг на миг. Приказната е изградена на начин на кој гледачите едноставно горат за да го дочекаат расплетот.
Овој деби-филм на Клои Онако нуди едноставна приказна. Но „Набљудувачот“ исто така си игра со познат концепт, кој несомнено функционира. Сегментот на неизвесност е употребен во крајно контролирана доза, доволно да ги разгори страстите и да предизвика љубопитност – но и страв од одговорот. Оваа премиса можеби најмногу може да се воочи во „Задниот прозорец“ на Алфред Хичкок.
„Набљудувачот“ е вид филм што ги почитува правилата во однос на тоа дали стравовите и параноите на протагонистот се легитимни или се производ на нешто друго, но режисерката Клое Окано интелигентно го прикажува тоа позиционирајќи ја публиката заедно со Џулија – додека ја гледаме како тоне во својата изолација, ние сме изолирани покрај неа – и токму поради ова нејзините стравови се покажуваат како убедливи и релевантни, и покрај скептицизмот на нејзиниот сопруг. Сценариото е суптилно и паметно обработено, а има неколку клучни моменти, кои се исто толку важни за гледачот, како и за протагонистот; сценариото е повеќеслојно на начин што ја тера публиката да се прашува не што гледа, туку напротив, на што укажува тоа. Џулија не го познава романскиот јазик, и тоа уште повеќе ја напнува атмосферата на неразбирливост, а мрачната, дождлива арт деко архитектура на градот засилен со соцреализам и минимализам, само го засилува чувството на непријатност. Кинематограферот Бенџамин Кирк Нилсен користи продолжени кадри за да пренесе чувство на параноја.
Секако, ништо од ова не би функционирало без убедлива главна улога, а Маика Монро го игра овој лик многу ефикасно. Берн Горман е исто така исклучително ефикасен како мистериозниот прогонувач, кој е на граница на сериски убиец и човек што се наоѓа на чудни места во чудно време. Финалето на филмот, иако напнато, сепак многумина би го сметале за мошне имплозивно, но нуди доволно сатисфакција за да биде незаборавно и шокантно. На крајот, иако „Набљудувачот“ не е нужно откритие, тој е добро изработена, нервозна интерпретација на добро истрошена концепција. Постојат некои извонредни моменти во овој филм што го прават вреден за гледање за секој љубител на жанрот. Овој филм е еден од оние филмови во кои лесно и искрено се заљубувате.