Илустрација: „Нова Македонија“

Различни толкувања за водењето на надворешната политика на САД од страна на американскиот претседател во врска со Украина

Деновиве мошне актуелни беа анализите во кои се најавуваше конечно у-завртување на политиките на Трамп и приклонување кон Украина со доделување високософистициран контингент американско оружје за Украина. Имено, до скоро европските аналитичари го ставаа Трамп во редот на русофили
тврдејќи дека неговата идеологија (трампизам), а со тоа и надворешната политика, која е дијаметрално спротивна на либералната (на Европската комисија), е многу поблиска до политиките на Кремљ и дури дека на највисоко ниво тие два центра на моќ се синхронизираат на дневна основа. Во еден таков контекст, „Нова Македонија“ преку обемна анализа, во консултација со дипломатски извори, денес ќе претстави две толкувања/ракурси на истата фактичка состојба за украинскиот конфликт. Во тие различни ракурси, а со тоа и наративи во светските медиуми, во врска со политиките на Трамп за Украина (односно односите на САД кон ЕУ и кон Русија) се согледува и двополаризацијата, или уште повеќе, процесот на глобалната мултиполарност и распадот на системот на досегашната опсервација на светските трендови, вклучително и во медиумите. Во конкретниов случај, пренесуваме два антиподни става во врска со толкувањето на политиките на Трамп кон Украина, кои метафорично и многу пластично ги претставуваат двете страни на медалот. На една страна, размислувањето дека Трамп конечно се завртел на страната на своите европски сојузници, па почнува со здушна помош за Украина бидејќи ѝ се налутил на Русија, а на другата страна на медалот дека Трамп има договор зад кулисите и ѝ дава на Русија дополнително време за остварување на руските воени цели, како и дека поддршката за Украина ја нема тежината што официјално се претставува. На крајот на краиштата, за обете верзии, заеднички именител, што одговара на градењето на имиџот на Трамп, е дека тој ќе се претстави како силен лидер што решава тешки предизвици и не попушта пред Путин, со што ќе добие одобрување и од домашната и од светската јавност…

Прва диоптрија: Значителна промена на политиката на Доналд Трамп со силен отклон кон Киев и Брисел

Заканата кон Русија за воведување екстремно високи царински тарифи и најавата за обнова на испораката на американско оружје за Украина, навидум означуваат значителна промена на политиката на Доналд Трамп кон Кремљ, откако претходно се сметаше дека американскиот претседател има благ став кон руските власти во обид да издејствува траен мир во Украина. Западните медиуми го објаснуваат заострувањето на ставот на Трамп кон официјална Москва како резултат на неговото незадоволство поради неуспешните преговори за ставање крај на војната. Навидум промената отвори длабоки прашања во светската јавност, со што се јавија различни наративи за пресвртницата во политиката на Трамп.

Пресврт на Трамп, се подобрува позицијата на Украина…

Аналитичарите на сите камбани бијат дека деновиве е повеќе од очигледно дека „Трамп не му попушти на својот поранешен пријател, на рускиот претседател Владимир Путин“. Натаму, дека Трамп „НЕ ја напушти Европа среде најголемиот копнен оружен конфликт на континентот од Втората светска војна“, како и дека Трамп има и „потопол однос кон НАТО отколку претходно“. Иако Украина сè уште ризикува да изгуби територија во летната офанзива на Русија и да претрпи дополнителни цивилни жртви, но, дипломатски, сега таа е во подобра позиција со администрацијата на Трамп отколку што се надеваше, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски беше понижен во Овалната соба при средбата со Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во февруари. Според западните медиуми, на овој начин се подобрува позицијата на Украина.
Непријателството на Трамп кон Киев и скептицизмот во врска со понатамошната американска помош можеби се делумно мотивирани од разочарувањето што Путин ги отфрли неговите мировни предлози, кои беа значително поповолни за Кремљ. Но се чини дека Трамп конечно ја напушти илузијата дека може да го „скрши“ Путин само врз основа на сопствената личност. Неговата најава дека ќе испрати системи „патриот“ во Украина и неговата подготвеност да поддржи нов пакет санкции против Русија во Конгресот му даваат нов кредибилитет во мировните напори. Обидот да се принуди Путин да преговара можеби нема да функционира. Но барем засега изгледа оти Трамп не се откажува од Украина.

Новата реалност и поддршката на Трамп за НАТО, ЕУ и Украина…
дали е тоа навистина „голата реалност“?

Промената на политиката на Трамп им овозможува на сите страни да се приспособат на новите околности. Членките на НАТО сега имаат шанса да ја зголемат сопствената важност во неговите очи, особено по успешниот самит на Алијансата. Зеленски можеби ќе се обиде да изгради подобар личен однос со Трамп за да влијае на идните мировни договори.
Промената на насоката на Трамп носи тежина, се истакнува во анализата на западните пролиберални медиуми. Со ветувањето итно да ѝ испрати на Украина „најнапредното оружје“, тој направи голем чекор. Системите за воздушна одбрана „патриот“ би можеле да спасат многу животи, но со тоа, Трамп се изложува и на политички ризик, затоа што го напушта скептичниот став кон Украина што го делат многумина негови гласачи. Трамп, исто така, покажа поголема отвореност кон санкциите. Трговијата меѓу САД и Русија е минимална во секој случај, па затоа билатералните мерки ќе имаат мал ефект. Но ако тој воведе секундарни санкции врз земјите што купуваат руска енергија, тоа би можело да ги задуши руската економија и воената машинерија. Прашање е дали ќе се осмели да воведе санкции кон Индија и Кина, двете земји што купуваат најмногу руски стоки. Правејќи го тоа, би ги ризикувале односите со глобалните суперсили и би донеле непредвидливост во светската економија.
Признавањето на важноста на НАТО од страна на Трамп доаѓа по самитот на НАТО. Пресвртот се припишува на тивката дипломатија на британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, кои работеа и со Трамп и со Зеленски во последните месеци. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, организираше самит во Холандија што донесе политичка победа за Трамп. Договорот дека земјите членки треба да трошат пет проценти од БДП за одбрана до 2035 година му овозможи на Трамп да се фали со тоа како ја принудил Европа да преземе поголема одговорност.
НАТО сега е и практичен канал за испраќање оружје во Украина, што му дава на Трамп да биде победник, како сива еминенција. Европските членки испраќаат батерии „патриот“, а американските сојузници во НАТО купуваат замени од САД. Овој модел му овозможува на Трамп да ѝ помогне на Украина, избегнувајќи директни критики додека продава оружје, кое може да го претстави како деловен успех.
Сепак, за издвојување е дека не е баш јасно дали офанзивното оружје ќе стигне до Украина по истиот пат. И веројатно нема да бидат огромните пакети за помош што Конгресот ги одобри за време на мандатот на Бајден. Но се смета и дека Украинците нема да можат соодветно да ги искористат системите „патриот“, бидејќи немаат доволно време за обука, за да можат да ракуваат со нив.


За првото сценарио/диоптрија треба да се земат предвид и промените во Конгресот на САД

Атмосферата во Конгресот исто така се менува. Иницијативата за воведување построги санкции врз Русија веќе има двопартиска поддршка во Сенатот, а Трамп покажа дека може да обезбеди мнозинство во Претставничкиот дом. Сенаторката Линдзи Греам и демократот Ричард Блументал рекоа дека нивниот закон ќе биде „вистински чекан на извршната власт“ против Русија. Но предлогот би можел да предизвика раскол во Републиканската партија. Сенаторот Џош Холи од Мисури, противник на помошта за Украина, рече дека законодавството не е итно бидејќи Трамп веќе се закани со санкции. Затоа дури и американската внатрешна политика во врска со Украина сè уште не е целосно дефинирана. Па дури ни глобална.
Трамп го заостри својот став кон Путин, но промената не е гарантирана. Обемот на идната помош на САД за Украина останува непознат, иако Киев сега е во подобра позиција отколку во кое било време откако Трамп ја презеде функцијата. Европските членки на НАТО можеби чувствуваат олеснување, но заканите за трговска војна со САД предизвикаа длабок трансатлантски јаз. Сето ова значи дека клучната пресметка на Путин за издржување на воените напори на Русија подолго во однос на Западот, засега останува непроменета. Р.С.


Доналд Трамп / Фото: ЕПА

Втора диоптрија: Москва доби од Трамп уште 50 дена за да си ја заврши работата во Украина

Во продолжение е вториот ракурс/диоптрија на светските медиуми, кои со недоверба гледаат на констатациите дека американскиот претседател Трамп направил у-свртување на своите политики кон Украина и ЕУ. Напротив, со овој втор наратив, се образложува дека американскиот претседател Доналд Трамп му дава на рускиот колега Владимир Путин дополнителни 50 дена за да земе што сака од украинската територија, а во исто време ѝ ветува на Украина „ридови и долини“ во однос на испораките на оружје. Токму ова го образложува аналитичарот Зоран Метер во неговата анализа за „промената“ на политиката на Трамп за „Геополитика“.

Трамп му дава на Путин дополнителни 50 дена за да го заземе она што го
сака од украинската територија

Најпрвин, за потсетување: Американскиот претседател го опиша испраќањето „целосен контингент“ оружје како „дел од новиот договор“. Покрај ракетните батерии „патриот“ – главната ставка на списокот на желби на Киев и онаа за која Трамп рече дека е клучна за одбраната на Украина, САД би можеле да им продадат и ракети со краток дострел, хаубици и ракети воздух-воздух со среден дострел на членките на НАТО, кои потоа би биле префрлени во Украина. Имено, НАТО не испраќа оружје во Украина, туку дејствува како посредник што ги координира испораките од поединечни земји. Механизмот за трансфер на оружје би можел да вклучува европски нации што префрлаат оружје веќе купено од САД и го дополнуваат со нови набавки. Или би можеле да купат ново американско оружје за непосреден трансфер во Украина…, но сето тоа со едно големо НО…
Сето погоре, според овој наратив на аналитичарот Метер, преведено од јазикот на високата политика значи дека „Трамп му дава на Путин дополнителни 50 дена да го заземе она што го сака од украинската територија“, а во исто време ѝ ветува на Украина „ридови и долини“ во однос на испораките на оружје. Со други зборови, оружјето би одело во Украина преку европски сојузници, т.е. земјите членки на НАТО, кои можеби ќе мораат, а можеби и не мораат да купуваат американско оружје за оваа намена. НАТО формално дејствува како посредник за да не се покаже случајно како директно вклучена страна во конфликтот и Америка да мора да се вклучи во војната за да ги заштити своите сојузници. Значи, САД повеќе нема, врз основа на прописите на поранешниот претседател Џо Бајден што беа во сила до неодамна, директно да испраќаат оружје во Украина и со тоа активно да се усогласуваат со украинската страна, туку ќе го прават тоа на начин што останува правно чист, односно надвор од оваа војна што целосно им ја препушта на Европејците.
Во исто време, администрацијата на Трамп сака само да заработи пари од сето ова – како што самиот Трамп јасно кажа овие денови, во смисла дека „ова е само добар бизнис за нас“. Секундарните царини, колку и да изгледаат заканувачки (Трамп неодамна спомена 500 проценти!), Трамп едноставно не се осмелува да ги воведе затоа што тоа би ги довело САД во позиција да ја изгубат Индија, на која би ѝ било тешко да се откаже од трговијата со Русија, особено во однос на нафтата, а да не зборуваме за Кина. Покрај тоа, дефинитивно би ја изгубиле секоја можност за понатамошна соработка со Русија каде што има простор за тоа, што исто така не го сакаат.
Трамп така му дава на Путин еден и пол месец да ја продолжи летната офанзива, што потоа би ја „замрзнало ситуацијата на терен“ како реалност за започнување мировни преговори. Украина, се разбира, би морала да го изгуби ова во навидум горчливи борби за да не изгледа дека се согласила на какво било откажување од својата окупирана територија.

И во Украина се свесни за овој наратив: Пратеничката на украинската врховна рада, Марјана Безуглаја, изрази идентично становиште

И пратеничката на украинската врховна рада, Марјана Безуглаја, изрази слично мислење со погоре елаборираното.
– Нема оптимизам за тоа што значи оваа игра. Трамп му даде на Путин уште 50 дена да ја окупира Украина. Па, а потоа ќе видиме. Значи, карт бланш, така да се каже. На Днепар или во Краматорск – сè е толку примамливо – напиша Безуглаја.
Дали Киев ќе се согласи на ова? Веројатно нема премногу опции. Освен што Трамп брза да се повлече од војната и да го префрли фокусот на американските интереси кон Индопацификот и конкуренцијата со Кина, ниту ЕУ ниту НАТО немаат голема желба директно да се борат против Русија без Америка, која формално се повлекува од сè.
Секако, антируската реторика ќе продолжи, бидејќи Европа ја доби својата улога од Трамп и додека тој е на власт сигурно ќе мора да ја спроведе: да стане „топче од бодликава жица“ кон Русија уште многу години – без оглед на тоа како и кога ќе се реши украинската војна.
Медиумите што го разработуваат овој наратив се прашуваат како Путин ќе го искористи новиот „бланко-чек на Трамп“, како и што ќе се случи ако не успее целосно да ја исконтролира територијата што Москва официјално ја држи (или ќе ја држи) до дадениот рок (од 50 дена). Р.С.