Според повеќе контактирани аналитичари, ова признание е од огромно значење за македонската православна заедница во дијаспората, но и за црковната дипломатија на глобално ниво, со оглед на тоа што ПЦА важи за една од водечките православни структури во Северна Америка. Но во целата ситуација од овој настан постојат и извесни петна, на кои МПЦ-ОА треба да внимава. Кои се тие „петна или крстопати“ на кои нашите соговорници предупредуваат, а кои нашата МПЦ-ОА треба да ги има предвид?
Повод: Признавањето на каноничноста на МПЦ-ОА од страна на Православната црква во Америка
Деновиве, вест што високо котираше во медиумите во нашата држава, а се однесува на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и процесите на нејзиното пошироко признавање во православниот свет, е дека „Светиот синод на Православната црква во Америка (ПЦА) донесе историска одлука: да ја признае каноничноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), при што оваа одлука значи целосно евхаристиско и канонско општење со сите архијереи, свештеници и верници на МПЦ-ОА“. Одлуката на Православната црква во Америка (ПЦА) беше и официјално пренесена од страна на „неговата блаженост, митрополитот Тихон, на 21-от сеамерикански собор, кој се одржува оваа недела во Феникс, Аризона“.
Српскиот патријарх Порфирије го повика митрополитот Тихон (ПЦА) да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА, во согласност со томосот што СПЦ ѝ го
додели на МПЦ-ОА
Одлуката на Православната црква во Америка (ПЦА) да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), според официјалните информации, доаѓа како резултат на писмено барање испратено од патријархот Порфирије од Српската православна црква. Тој лично, преку писмена кореспонденција, го повикал митрополитот Тихон од Православната црква на Америка (ПЦА) да постапи во согласност со томосот за автокефалност, кој Српската православна црква ѝ го додели на МПЦ-ОА, и да ја признае нејзината автокефалност.
Како што информираат од кабинетите на митрополитот Тихон и на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, се планира и заедничка прослава меѓу двајцата поглавари, која ќе се одржи во катедралата „Свети Никола“ во Вашингтон, каде што и всушност е седиштето на Православната црква на Америка (ПЦА), односно на митрополитот Тихон. Токму на претстојната прослава, пред делегатите на Американската црковна конференција, ќе се заврши со церемонијата на формално признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, што ќе значи и официјално поставување на Македонската црква рамо до рамо со Православната црква во Америка како целосно автокефална православна црква.
Што значи уште едно признавање на автокефалноста за МПЦ-ОА во православната екумена?
Според повеќе контактирани аналитичари, ова признание е од огромно значење за македонската православна заедница во дијаспората, но и за црковната дипломатија на глобално ниво, со оглед на тоа што ПЦА важи за една од водечките православни структури во Северна Америка. Но во целата ситуација од овој настан постојат и извесни петна, на кои МПЦ-ОА треба да внимава. Имено, Православната црква на Америка (ПЦА) (што сега ни ја призна автокефалноста) не е признаена автокефална црква од страна на Вселенската патријаршија (ниту од Александриската, Антиохиската, Ерусалемската, Романската, Кипарската, Грчката и Албанската православна црква), но тие се со неа во канонско и евхаристично единство во составот на Руската православна црква (РПЦ). Вселенската патријаршија смета дека Православната црква на Америка (ПЦА) не може да издава томос за црковна автокефалност. Така, сега се наметнува сериозно дилемата како патријархот Вартоломеј од Вселенската патријаршија ќе реагира на зближувањето на ПЦА и МПЦ-ОА? Дали ова ќе ги продлабочи и несогласувањата меѓу Вселенската патријаршија и МПЦ-ОА?
Но соговорниците го издвојуваат фактот дека „МПЦ-ОА можеби не може да влијае на одлуките на другите православни цркви, но треба да знае и да реши каква политика натаму ќе води, со оглед на длабоките недоразбирања на Вселенската патријаршија (и патријархот Вартоломеј), наспроти Руската православна црква (РПЦ), и како МПЦ-ОА ќе се постави и позиционира наспроти политиките на овие две православни цркви, водечки во православието, но со голем број несогласувања“.
– Иако добро ни дојде уште едно признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, ситуацијата со Православната црква на Америка (ПЦА) покажува дека делбите во православието сѐ уште се присутни и се манифестираат на различни начини. Очигледно е дека оваа црква, за која постојат мислења дека е пошироко непризнаена, освен од Руската православна црква (РПЦ), има потреба од свои соработници со кои ќе може да ги споделува своите активности. МПЦ-ОА не може ним да им кажува кого тие ќе го признаат. Но како тоа ќе се одрази на МПЦ-ОА, какви последици ќе има нашата црква и како натаму ќе се постави, тоа се работи што МПЦ-ОА треба да ги постави – вели поранешниот претседател на Комисијата за односи со верски заедници, професорот Цане Мојановски.
Замка во која може да влезе МПЦ-ОА?
Од друга страна, аналитичарот Марјан Николовски во својата колумна во Религија.мк, вели дека МПЦ ОА влегува во „сценарио на Руската православна црква“, кое го спроведува Српската православна црква. Тој во својата колумна пишува: „Откако сите цркви, освен иницијаторите, и Бугарската, се изјаснија дека автокефалност нема без Томос од Вселенската патријаршија (романската јасно стави до знаење дека за официјализирање на автокефалноста ќе чека и таков Томос) сега Белград и Москва смислиле друго сценарио за да билдаат наводно признавање на Томосот од СПЦ. Таква одлука донела Американската православна црква, чија автокефалност освен Руската, не ја признава ниту една друга црква“.
– Ова значи дека СПЦ ја внесе МПЦ-ОА директно во судирот Москва-Фанар, односно, поточно, МПЦ-ОА и официјално се престрои во рускиот црковен свет, каде што ниту СПЦ не припаѓа во ваква форма, иако тоа го поддржува. Ова значи дека високиот клир на МПЦ-ОА е веќе руска црковна инсталација во државата и како таков во иднина треба да се третира.
Признавањето на АПЦ за автокефална црква ќе ѝ ги затвори сите врати на МПЦ-ОА и на долг рок таа ќе остане повторно изолирана црква, која ризикува да го изгуби и канонскиот статус што сега ѝ го признаваат сите помесни православни цркви, со тоа што дел цркви веројатно ќе почнат да избегнуваат сослужување. Сето ова по некоја година ќе заврши со став на СПЦ: „Ете пробавме сѐ, ви дадовме томос, ви признавме автокефалност, но гледате православните цркви не ве сакаат, но ништо страшно, вие сте си автокефални во нашите граници… не ви треба ништо повеќе“. Затоа МПЦ-ОА може слободно да ѝ се заблагодари на Американската црква за овој гест и да продолжи да се однесува како сериозна и зрела црква – анализира Марјан Николовски. Р.Н.М.