Добитник на Светската награда на хуманизмот за 2025 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св.Климент на сите светски меридијани, е Светлана Мојсов, професор на Универзитетот Рокфелер во САД, родена во Скопје 1947 година, за нејзиниот придонес во современата медицинска наука, особено за нејзините структурални биохемиски откритија и ендокринолошки достигнувања во развивањето на ефективни лекарства за справување со дијабетесот и дебелината, како и за ублажување на асоцијативни форми на патологии.

Светлана Мојсов е деветнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда,Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.

Во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, Светлана Мојсов истакна: „За мене претставува голема чест што сум добитник на наградата на Охридската академија на хуманизмот. За мене оваа награда има и емотивен контекст, имајќи го предвид моето македонско потекло, а воедно што ќе се приклучам кон меѓународната плејада истакнати добитници од минатото, кои создадоа од оваа награда признание со кое се гледа со огромен респект насекаде во светот. “

Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи на 9 август, 2025 годнина, на празникот „Св. Климент Летен“, во 12 часот во Куќата на Уранија на МАНУ, а исто така тој ден ќе биде посетена локацијата каде што ќе биде поставено спомен обележјето, чии што уметнички неимари се бугарскиот сликар Светлин Русев и македонскиот скулптор Жарко Башески.

Со тоа спомен обележје, на кое ќе бидат запишани сите досегашни добитници на Светската награда на хуманизмот, ќе се изврши и прогласување на древниот Охрид и неговата милениумска историја во европската меморија за Центар на светскиот хуманизам.

Свеченоста ќе започне со поздравно обраќање на Претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, а наградата на добитникот Светлана Мојсов ќе и ја врачи Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков. Потоа, по беседата на Амбасадорот Плевнеш за исклучителното хуманистичко дело на проф. Мојсов, лауреатот ќе ја изговори својата свечена беседа на благодарност.

На настанот ќе бидат поканети сите досегашнидобитници, во присуство на поголема меѓународна асемблеја на гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите по покровителство на УНЕСКО, а свои пригодни обраќања ќе имаат Романо Проди, поранешен Претседател на Европската комисија и добитник на оваа награда, Жан-Патрик Конрад од Империјал колеџот од Лондон, Претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, проф. Фабрис Далмеида од Универзитетот Пантеон Асас од Париз и Ахмад Алџарван, Претседател на Глобалниот совет за мир и толеранција, во којшто членуваат 124 држави од светот.

Во оваа пригода ќе се обрати и проф. д-р Владимир Поповски од Универзитетот од Барцелона, којшто во својство на член на Меѓународното жири присуствуваше на доделувањето на наградата Прицезата од Астуријас на проф. Светлана Мојсов во градот Овиедо, која и беше врачена од страна на Кралот на Шпанија Фелипе VI. Покрај него ќе се обратат и проф д-р Никола Јанкуловски, поранешен ректор на УКИМ, проф. д-р Елизабета Шелева, редовен член на Академија Балканика Еуропеана, проф. д-р Љубен Тевдовски, Претседател на Институтот за културно наследство и археологија, проф. д-р Љубомир Кекеновски, Претседател на Научниот совет на Академија Балканика Еуропеана, како и претставници на интернационални културни и образовни фондации од Европа и светот.

Овој настан се организира во поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија и Општина Охрид.

Во Куќата на УРАНИЈА на МАНУ ќе можат да бидат видени делата на лауреатите од сите меридијани и на тој начин достоинствено ќе биде одбрането престижното место на Охрид во светската цивилизација.