Фото: Пиксабеј

Три недели старата коалициска влада на романскиот премиер Илија Боложан синоќа го преживеа гласањето доверба, што ѝ овозможи да ги протурка непопуларните зголемувања на даноците потребни за намалување на најголемиот буџетски дефицит во Европската Унија.

Владата забрзано, преку парламентот, ги усвои зголемувањето на ДДВ, на акцизите и другите давачки од август со цел да се спречи намалувањето на рејтингот под инвестициското ниво и да го деблокира пристапот до фондовите на ЕУ.

Широката владина коалиција од четири проевропски партии ја презеде власта кон крајот на јуни, со што заврши повеќемесечниот политички ќорсокак откако претседателските избори беа откажани во декември и повторени во мај.

Партиите се двоумеа на зголемувањата, кои беа критикувани од работодавачите и синдикалците, додека илјадници работници во јавниот сектор организираа протести.

Крајнодесничарската опозиција во понеделникот поднесе предлог за гласање недоверба и навести дека ќе поднесе уште предлози.

-Разбирам дека опозицијата не се согласува со мерките предложени од владата – им рече Боложан на пратениците.

„Но, тогаш кои се решенијата? Од една страна, ни беше кажано дека проблемите во економијата се сериозни, од друга страна, дека не треба да ги преземаме овие мерки. Не можеме да ги правиме и двете.“

Иако сите четири партии во владата ги одобрија зголемувањата, социјалдемократите, најголемата партија во коалицијата без која владејачкото мнозинство не може да преживее, денес ги критикуваа.

-За солидна, континуирана политичка поддршка, мора брзо да ги исправиме некои од апсурдните работи од овој прв пакет мерки – рече лидерот на социјалдемократите Сорин Гриндеану.

Боложан претходно овој месец изјави дека коалициската влада ќе стори сè што е можно фо крајот на годината да го намали дефицитот на околу осум проценти од БДП од минатогодишните 9,3 проценти. Тоа е повеќе од почетната цел од седум проценти оваа година, а владата ќе се стреми да го приближи буџетскиот дефицит до шест проценти во 2026 година, се додава.

Според романскиот закон, даночните мерки би можеле да бидат оспорени пред Уставниот суд, а опозицијата минатата недела изјави дека ќе се обиде да го стори тоа.