Јужна Италија
Апулија е регион во Јужна Италија, фантастичен предел, кој секоја година привлекува голем број посетители, нудејќи широк спектар на можности за прошетка, одмор и релаксација. Разновидниот пејзаж, богатите ресурси, историското и културно богатство е тоа што привлекува да се посети регионот. Има што да се види од едниот до другиот крај на Апулија, односно над 20 места и градови.
Фасцинантниот Бари – автентично место за престој
Бари е главен град на Апулија, град со богата и бурна историја, што е видливо преку архитектурата, особено во стариот дел, кој е вистинска атракција за туристите. Опколен е со високи ѕидини, кои низ историјата го штителе од ветровите, има тесни калдрмисани улички и бели згради со специфични балкони на кои има огради од железо. Таму се стигнува со брод или со авион. Моето патување до Бари е секогаш со траект, дали од Игуменица или од Драч. И при секое одење, прво место за посета е базиликата „Св. Никола“, со интересна архитектура, во која се чуваат моштите од светецот. Базиликата и моштите привлекуваат многуилјадни туристи и верници од целиот свет, па, така, речиси секогаш кога сум таму, има процесија или служба на која присуствуваат поголем број верници. Откако посетителот ќе ја разгледа базиликата, неминовно е да започне со прошетка низ тесните улички на Бари во стариот дел од градот, каде што ќе ја почувствува секојдневната традиција на месното население, кои приготвуваат тестенини на прагот од своите домови, притоа разговарајќи со љубопитните туристи. Добро е тука да се вкуси уличната храна – фокача, пица, панцерота… Шетајќи низ уличките ќе пронајдете идеални места за фотографирање и создавање спомени. Втора црква што можете да ја разгледате е катедралата посветена на Св. Себастијан од 13 век, со подземна крипта во која се наоѓаат древни реликвии. Убаво е да го видите дворецот во Бари, со централен двор опкружен со ѕидини, од каде што ќе имате величенствен поглед на градот. Поминете покрај тврдината, а потоа упатете се кон преубавиот и архитектонски интересен плоштад „Меркантил“. Видете го и театарот „Петручели“, четврти по големина во Италија, кој по ќерамидестата боја се разликува од другите градби. И ако ви остане време, посетете некоја од многубројните плажи. Најпозната е Лидо сан Франциско. Бари е познат по добриот шопинг, па дозволете си да купите нешто италијанско или друг вид брендирано парче по поволни цени.
Полигнано а Маре, Остуни и Порта Цезарио – живописни апулски места
Откако се напушта Бари, патот низ овој живописен регион води кон Полигнано а Маре, место што во последните години е вистинско откритие за туристите. Плени со спектакуларната местоположба и белите убави плажи. Полигнано а Маре е место во кое сонцето силно грее, а сината морска вода плиска на сите страни. Прошетката започнува покрај брегот. Ги гледаш карпите, морето и куќите вдлабени во брегот. Фантастична глетка што остава без здив и едноставно те принудува да фотографираш. Се прашуваш: О, како да фотографирам сѐ одеднаш? Патот потоа води кон стариот дел од градот, а патем се застанува на неколку видиковци, од каде што има преубав поглед на морето, карпите, плажите, пештерите… Најинтересниот дел од градот е непосредно над клисурата, од двете страни поделен со мост. Стариот дел е мал, со тесни улички, низ кои се чувствува убавата атмосфера. Плоштадот „Виторио Емануел“ е главен, а наоколу има голем број градби и катедралата. Прошетката води кон две улички лево и десно. Појдете по левата уличка, каде што има тераса со преубав поглед. Потоа продолжете кон една од терасите од кои се гледа најубавата плажа Лама Моначиле. Поминете низ капијата, упатете се кон мостот „Моначиле“ и преминете на другата страна. Под мостот, по скали се слегува долу до плажата. Потоа продолжете до плоштадот во чија средина се наоѓа споменикот на Доменико Модуњо, автор на хитот „Воларе“. И тука имате преубав незаборавен поглед на еден дел од градот. Тука завршува разгледот на Полигнано а Маре. Потоа малку одмор и продолжување кон Остуни, град во длабокиот југ на Италија, град на култура и уметност, а шетањето низ историскиот дел и откривањето на неговите убавини е прекрасно. Остуни е бел град, а белината доаѓа од боењето на ѕидовите со бела боја. Тој е вистински бисер на италијанскиот југ. Интересен, со испреплетени тесни и кривулести улички, поделени дворови, помали плоштади. Најпрво разгледајте го Плоштадот на слободата, каде што се наоѓа градската куќа, која е поврзана со црквата „Франциско“, на кој доминира споменикот на Св. Оронзо, заштитник на градот. Потоа тргнете по Виа катедрала, улица што ве води во стариот дел од градот и по тесните улички ќе стигнете до врвот, каде што ќе ве пречека катедралата „Остуни“. Во овој дел карактеристични се ѕидовите со врати, пред кои секој посетител се фотографира. Едната е врата на рајот, другата на пеколот. Малку одмор и освежување и продолжуваме кон Порта Цезарио, мало туристичко место, со убави плажи и хотели. Одлично место за одмор и за релаксација. Таму престојувавме една седмица, ама патем шетавме и ги разгледувавме градовите во околината. Во Порта Цезарио има одлична атмосфера, жива, особено во вечерните часови. За наш стандард прифатливи цени, па секој може со задоволство да вкуси италијански специјалитети и да се напие вкусно вино.
Таранто и Матера – историски градови
Во непосредна близина на Порта Цезарио е градот Таранто, сместен на брегот на Јонско Море, град со богата историја и знаменитости. Но видливо е дека не се посветува многу внимание на надворешниот изглед на објектите во стариот дел од градот, кои сѐ уште не се реставрирани и изгледа како градот да е посиромашен во однос на другите градови во овој регион. Како и во другите приморски градови во Јужна Италија, и тука има тесни калдрмисани улички, кои се вистински лавиринт низ стариот дел од градот, во кој можете да ја посетите катедралата посветена на Св. Каталдо, една од постарите градби во Апулија. Упатувајќи се кон тврдината, посетителот шетајќи ќе помине покрај Посејдоновиот храм стар 800 века. Сепак во Таранто главна атракција е тврдината Кастело сан Анѓело, опкружена со вода од двете страни. Можност за нејзина посета и разгледување. Ама неизбежно преминете преку мостот затоа што од другата страна има преубав поглед на тврдината и на морето. Е, тука ќе ве пречека уредено шеталиште со неколку споменици, кои го предизвикуваат интересот на туристите, ама и повеќе кафулиња во кои можете да одморите и да вкусите италијанско кафе, за да можете да продолжите кон историската Матера, која е во внатрешноста на регионот и има речиси два часа возење за да се стигне до центарот.
Матера е град во Базиликата во Италија, кој се споредува со Витлеем, град во кој Мел Гибсон го снимал филмот „Страдањето Исусово“. Иако времето беше доста топло, не ме спречи да прошетам низ поголемиот дел од градот, стар 10.000 години. Матера е место изградено над кањонот на реката Гравина и е на карпи. Возбудлива е прошетката во стариот дел, кој во средниот век бил верско средиште со голем број цркви и манастири. Вистински предизвик е да се совладаат тесните улички со скали што водат горе-долу и да се стигне до некоја од пештерите, камените куќи во кои и ден-денес живеат некои жители. А, патем има мали кафулиња за одмор и релаксација. Уличките се вистински лавиринт, па каде и се упатиш низ населбата Саси, поделена во три дела, патот ќе те одведе да ги видиш палатата Казале и црквата „Сан Пјетро Барисано“. Прошетајте низ Виа Фиорентини и, ако ви остане време, посетете го градскиот музеј. Матера е воодушевувачки историски град – престолнина на културата во 2019 година, град во кој нема да престанете да фотографирате.
Галиполи, Пескулозе, Санта Марија – цел на туристите
Галиполи е туристичка престолнина на Саленто. Од пред неколку години зголемен е интересот за престој во овој град, кој напредува во секоја смисла. Галиполи е автентичен, уметнички град, чиј историски центар се наоѓа на мал остров, а мојот впечаток е дека сѐ тука е подредено на апулската култура, од мирисот, обичаите, продавниците, дури и жителите што седат пред куќите. Поделен е на два дела – стар, опкружен со римски и византиски утврдувања, и нов, кои се поврзани со мост. Прошетката започнува од најстарата фонтана, преку мостот се поминува покрај замокот, па низ тесните улички до катедралата. Тука неизбежно заедничка фотографија со групата, за спомен, па потоа слободно време за самостоен разглед на Галиполи. Посета на уредните плажи и шетање низ уличките да се купи сувенир за спомен.
Патот потоа нѐ води кон една од најубавите плажи, Пескулозе, долга осум километри. Ја викаат Малдиви во Италија затоа што плени со убавата тиркизна боја на водата и ситниот песок.
Санта Марија ди Леука се наоѓа на најјужната точка на Апулија, каде што морската ширина е непрегледна. Плоштадот светилиште е првото место за посета, на кој од едната страна доминира светилникот, а од другата катедралата. Оттука има фантастичен поглед, а особено ако е на зајдисонце, тогаш глетката е величенствена. Ти се чини дека сонцето тоне, а небото е обоено со неверојатно различни нијанси на бои, кои се прекрасни и романтични. Видливо е дека се посветува внимание на развој на овој дел од Јужна Италија, судејќи по големиот број јахти што се сконцентрирани на брегот на Санта Марија.
Отранто – најубав град на југ
Откако се воодушевивме на овој предел, патот нѐ одведе кон Отранто, најубавиот град во Јужна Италија. Патем поминавме преку мостот на Чиоло и го видовме кањонот што го вдлабил Јадранско Море. Тој е вистинска атракција е за туристите, кои го разгледуваат и фотографираат, а некои пак слегуваат по многубројните скали за да ги видат многуте пештери вдлабени во карпите. Синото море плени. Отрантската врата е местото каде што се спојуваат Јадранско Море и Јонско Море, а бидејќи беше веќе доцна попладне и сонцето полека слегуваше надолу, глетката беше фантастична, која не се опишува со зборови.
Во Отранто стигнавме подоцна вечерта. Ова е град што се истакнува со историска автентичност и едноставност. На влезот од стариот дел од градот како сведок на долгата историја нѐ пречекува тврдината – Арагонскиот замок, за потоа да продолжиме низ тесните калдрмисани улички низ стариот дел, каде што посетивме неколку катедрали. На крајот прошетката заврши на плоштадот, пред морето, осветлено со многубројни светилки. Ме пленија тесните улички украсени со цвеќиња. Беше многу живо вечерта во Отранто. Илјадници туристи шетаа низ уличките, седеа по рестораните. Некои се засладуваа со сладолед во рацете, а пак некои не можеа да ѝ одолеат на убавата глетка, па се фотографираа. Шетајќи така низ Отранто забораваш на времето, едноставно уживајќи во убавата атмосфера.
Лече и Бриндизи – последните дестинации во Јужна Италија
Лече е елегантен и префинет град, вистински рај за љубителите на старата архитектура и на уметноста. Тој е барокен град во Италија, затоа што во центарот има голем број споменици, што го прави музеј на отворено. Прошетката започнува пред триумфалната порта, низ уличките, а додека шеташ забележуваш дека куќите се украсени со детали од барокот, односно месното население го викаат „лечешки барок“. Во Лече има голем број историски сведоштва, како што се римскиот театар, замокот на Карло, многу палати и катедрали, еврејскиот реон. И во мноштвото од значајни историски паметници, во центарот на плоштадот има мозаик со волчица. Доминира високиот столб со копија на заштитникот на градот Оронзо. Во уличките зад римскиот театар случајно пронајдовме галерија-музеј на историска и современа уметност – две во едно. Извонредно задоволство е да прошеташ низ неа. Она што е многу важно е туристите да знаат дека влезот во секоја од катедралите се наплаќа. Има една заедничка влезница, ама може и поединечна. Единствено во катедралата наспроти римскиот театар може да се влезе бесплатно. Лече уште го именуваат како Фиренца на Јужна Италија, но сметам дека доволно е само Лече – дама на барокот, во која на секој чекор се вградено лечкиот мермер и камен.
На крајот од обиколката на Јужна Италија патот нѐ одведе до Бриндизи, пристаништен град, кој нуди совршена комбинација на историски знаменитости, природна убавина и автентична италијанска атмосфера. Римските столбови се заштитник на Бриндизи, кои го означуваат историскиот пат Виа Аппиа. Зачуван е само едниот столб, додека другиот во делови е однесен во Лече. Оттука има преубав поглед на морето, на пристаништето, на замокот Алфонсино, сместен на островот Сен Андреа, изграден во 15 век. Катедралата на Св. Јован Крстител од 11 век е значајна градба што треба да се види во Бриндизи, споменик на културата со мешан стил. Археолошкиот музејот „Ривизо“ е значајно место за тие што сакаат историја. Иако посетата на Бриндизи беше покуса во однос на другите градови, сепак ме освои со автентичниот шарм.
И тука завршува обиколката на Јужна Италија, која плени со својата убавина, со прекрасните места, плажи, култура, традиција и со љубезните домаќини.
Текст и фото: Каролина Мицевска