Во чест на ликовната уметност, по 51. пат беше отворена традиционалната изложба на Друштвото на ликовните уметници од Битола, која ги слави креативноста и континуитетот на современото уметничко творештво. На изложбата се претставени 35 дела од 34 реномирани уметници, чии творби ги носат енергијата, длабочината и духот на денешното време.
– Со особено задоволство, годинашната награда „Борислав Траиковски“ за 2025 му беше доделена на Синиша Кашавелски, за неговиот исклучителен придонес, доследната уметничка посветеност и автентичниот израз. Изразуваме искрена благодарност до Општина Битола за континуираната поддршка. Соработката со локалната самоуправа е од суштинско значење за унапредување и одржување на културниот живот во нашиот град – рече Нела Петровска, претседателка на ДЛУБ.
Изложбата е дел од програмата на битолското културно лето „Бит фест“ и ќе биде отворена во КЦ „Магаза“ во Битола до 18 јули, секој ден, освен недела, во периодот од 10 до 14 и од 18 до 21 часот.
– Победникот треба да ги поставува идните трендови или да го отсликува современиот естетски вкус на уметноста во својата држава и во светот. Изборот на кандидати ни малку не беше едноставен, бидејќи уметниците членови навистина се потрудиле да се претстават со најдоброто. По разгледувањето на многуте успешни дела и тешкиот избор на потесен круг кандидати, сметам дека Синиша Кашавелски со делото „CULTUS IMAGINIS“ треба да биде победник и носител на наградата „Борислав Траикоски“. Маестралноста во творештвото на Синиша Кашавелски се одразува преку класичниот академски сликарски израз и надреалистичкиот механизам на уметничка размисла – вели м-р Викторија Димеска, историчарка на уметноста.
Ако се согласиме дека уметноста е семиотички систем, тогаш ДЛУБ е толкувач на знаците на Битола, оној што ги открива нејзините симболи. Тој е огледало во кое градот се гледа себеси, но не како обична рефлексија, туку како борхесовско огледало што го множи и прекршува идентитетот во бесконечни варијации, вели Филип Иванишевиќ, историчар на уметноста.
– ДЛУБ е меморија на Битола, архив на нејзините соништа, трауми и аспирации. Секое дело е текст, секоја изложба – глосар, секој уметник – семиотичар што го чита и препишува наративот на градот. ДЛУБ е невидливиот двојник на Битола, град на желбата, населен од портали кон одандестраното и дом на мапи на невидливото. Значењето на изложбите на ДЛУБ за Битола е повеќеслојно, речиси мистично – дополнува Иванишевиќ.