Младите Кинези, меѓу другите присутни, имаа можност да слушнат за нераскинливата поврзаност на јазикот и литературата со македонскиот идентитет, како и за македонската географска положба, фолклор и традиција, архитектура и храна, на неодамнешното предавање на лекторката Рената Пенчова на Универзитетот за странски студии – Пекинг, каде што 25 кинески студенти го изучуваат македонскиот јазик. Македонскиот е меѓу 101 јазик што се изучуваат на престижниот универзитет познат како „лулка на дипломатијата“
Македонската култура – предмет на интерес на младите Кинези
Вниманието со кое го слушаат предавањето за македонската култура, историја и географија, љубопитноста при поставувањето прашања и ентузијазмот кога зборуваат за Македонија, ги покажуваат искрената посветеност и желба на студентите што го изучуваат македонскиот јазик на Универзитетот за странски студии во Пекинг за осознавање што е можно повеќе за државата илјадници километри оддалечена од нив. Тоа можеше да се забележи на неодамнешното предавање на лекторката Рената Пенчова на универзитетот, насловено „Истражување на македонскиот културен мозаик на крстопатите помеѓу Истокот и Западот“. Младите Кинези, меѓу другите присутни, во таа пригода имаа можност да слушнат за нераскинливата поврзаност на јазикот и литературата со македонскиот идентитет, како и за македонската географска положба, фолклор и традиција, архитектура и храна.
– Има голем број студенти на кои студиската програма им е економија или политички науки, но се интересираат за Македонија и го избираат македонскиот јазик како изборен предмет во текот на нивното студирање. Поврзаноста со славистичкиот контекст ја разбудува љубопитноста кај нив и сакаат да дознаат повеќе за нас. Тоа е една од причините да го слушаат предметот по македонски јазик. На часовите учиме за јазикот што е наша примарна цел, но јас се трудам да им вклучам што повеќе елементи од културата, преку видеа, интерактивни вежби и игри за предавањата да им бидат поинтересни. Тие можат да бидат на различна тема, како туризам, архитектура и слично. Се дискутира и кои се сличностите, а кои разликите помеѓу Кина и Македонија. И студентите подготвуваа презентации на кои зборуваа на македонски. Тоа ги интересира, бидејќи повеќето од нив се на почетокот од студиите и се радуваат кога ќе запознаат некого од Македонија – истакна Пенчова.
Желбата за запознавање со Македонија е главен мотив на студентите за посетување предавања по македонски, кој е меѓу 101 јазик чие изучување е достапно на Универзитетот за странски студии – Пекинг. Дел од студентите притоа изучуваат по три или четири јазика.
– Почнавме да го изучуваме македонскиот јазик од љубопитност, сакавме да дознаеме повеќе за македонската култура. На предавањата се запознаваме со јазикот, но и со историјата и географијата на Македонија. Предавањата се интересни, благодарение на професорката Пенчова. Се надеваме дека наскоро ќе ја посетиме земјата за одблиску да ги видиме нештата за кои слушаме на предавањата, да ја вкусиме македонската храна, да се запознаеме со луѓето – велат три студентки, кои се претставија како Љуба, Нина и Даша, земајќи словенски имиња како псевдоними, бидејќи покрај македонскиот, изучуваат и руски јазик.
Студентите преку напорна работа и посветеност решително ги надминуваат предизвиците со кои се соочуваат во текот на наставата.
– Изговорот им е тежок на почетокот, но навистина се трудат да научат. Во текот на семестарот се дозволени три отсуства од предавањата, а повеќето од студентите немаат ниту едно отсуство. Тоа покажува колку се дисциплинирани и колку вредно работат. Ова е почетно ниво на изучување на јазикот и, секако, е потребно време – нагласува Пенчова.
Дополнителна можност за продлабочување на знаењата и за доближување на македонската и кинеската култура овозможуваат и разните активности организирани со поддршка на македонската амбасада во Пекинг. Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, кој се празнува на 24 мај, беше одбележан во Амбасадата на Македонија, при што во таа пригода студенти по македонски јазик од Универзитетот за странски студии во Пекинг ги рецитираа стиховите на „Везилка“ од Блаже Конески, „Букви“ од Гане Тодоровски, „Глаголица“ од Анте Поповски, додека ученици и професори од меѓународното училиште „Цингхуа“ и Британското училиште во Пекинг ги кажуваа стиховите на „Т’га за југ“ од Константин Миладинов, „Ветрот носи убаво време“ од Ацо Шопов и „Тешкото“ од Конески. А неколку дена претходно, македонскиот амбасадор во Кина, Сашко Насев, одржа предавање на Универзитетот за странски студии во Пекинг, за чествување на 80-годишнината од кодификацијата на стандардниот македонски јазик.
– Имаме поддршка, како и соработка со македонската амбасада во Пекинг. Во текот на минатиот семестар бев поканета како македонски претставник да присуствувам на „Десеттиот тинк-тенк семинар за соработка меѓу Кина и источноевропските и централноевропските земји“ од Кинеската академија на науките. Во мај учествував на конференцијата за образование во градот Нингбо, која беше организирана во склоп на Саемот за соработка на Кина со државите од Централна и Источна Европа за размена на стоки. Соработувам со Бирото за интернационални таленти во општината Чаојанг за промоција на студиски програми во Пекинг. Исто така соработувам и со кинеската компанија за едукација и култура „Јофу“, со која организиравме културни настани за Македонија и имавме посета на деца на возраст од шест до 15 години во македонската амбасада. Едно од децата изработи споена верзија на македонското и кинеското знаме, како знак на пријателство, и му ја подари на амбасадорот. Тие потоа изразија желба и повторно да ја посетат амбасадата. Јас се трудам да одам секаде каде што ќе ме поканат да ја претставувам Македонија. Имав можност да ја претставувам Македонија и на Третиот глобален младински форум, кој се организира од Универзитетот „Цинхуа“. Редовно ги споделувам своите видувања и искуства со кинеските медиуми, а неодамна мој авторски текст на темата „Македонска современа поезија“ беше објавен во научното списание на Универзитетот за странски студии во Пекинг – посочува Пенчова.

Престижниот Универзитет за странски студии во Пекинг, основан во 1941 година, е познат како „лулка на дипломатијата“ бидејќи таму се изучуваат сите официјални јазици на земјите со кои Народна Република Кина има дипломатски односи. Дополнителен поттик за најдобрите студенти претставуваат можностите за добивање ангажман во кинески дипломатски претставништва во странство, како и при посетите на странски делегации на азиската држава, за време на кои тие работат како преведувачи. Универзитетот го посетуваат повеќе од 11.500 студенти, од кои над 1.200 доaѓаат од странство, додека има околу 1.200 вработени, меѓу кои 200 се странски професори.
Извесно е оти присутната желба за изучување на македонскиот јазик, како и љубопитноста на младите Кинези за македонската култура ќе послужат за продлабочување на македонско-кинеското пријателство, односно на односите меѓу двете држави.
Кинеско-македонски речник би бил од големо значење за предавањата
Создавањето кинеско-македонски речник би имало големо значење за изучувањето на македонскиот јазик во Кина, според лекторката Рената Пенчова, која предава македонски на Универзитетот за странски студии во Пекинг.
– Има 15-20 книги на македонски јазик на универзитетот, кои претставуваат донација од пред неколку години. Минатата година македонскиот амбасадор во Пекинг донираше книги за катедрата. Тоа се звучни дела за кои зборуваме на час, а книгите во универзитетската библиотека се со политичко-економски теми. Првенствено треба да се направи речник, инаку веќе се работи на проект за кинеско-македонски разговорник – наведува Пенчова. М.Ж.
Кинеска студентка: Македонија е уникатна, ми остави посебен впечаток
Воодушевување кај кинеска студентка предизвика минатогодишното издание на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
– Кинеска студентка учествуваше на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ, при што го посети Скопје, па отиде во Охрид на две недели. Таму имаа часови и активности, како што се промоција на книга, екскурзија…, таа беше воодушевена, и покрај тоа што веќе пропатувала низ голем дел од европските држави. Многу ѝ се допаднал манастирот „Свети Наум“ и ѝ оставил посебен впечаток. Кога се врати во Кина, таа ги раскажуваше своите искуства и заклучи дека Македонија е уникатна за неа – вели Пенчова.
Милко Живковиќ,наш известувач од Пекинг