Уште една вест од Франција како поткрепа за милитаризацијата на Стариот Континент (2)
Францускиот претседател Макрон повика на помош генерал на армијата за прес-конференција, за да ги убеди француските граѓани дека претстои воена опасност и дека е неопходна милитаризација
Генералот Тиери Буркхард, началник на Генералштабот на француската армија, според инструкциите на својот претседател на Републиката, Макрон, се обиде да влијае на свеста и на поширокото јавно мислење кај Французите, за потребата од поддршка на буџетот за одбрана. Ова се случи за време на „ретка прес-конференција одржана во петокот, 11 јули, по барање на претседателот Емануел Макрон“.
Генералот притоа го претстави директно на телевизија и пред публика од новинари „прегледот на заканите“ со кои се соочува Франција, од почетокот на војната во Украина. Тој истакна експлицитно дека „Русија ја гледа Франција како главен непријател од европските држави“. (!?)
Началникот на генералштабот на француската армија нема зборувано јавно од есента 2021 година
Ова обраќање беше оценето од медиумите како „исклучително редок настан“!Според нив, ова обраќање на генералот беше исто така оценето и дека било „без преседан во ваков формат“. Истото тоа беше посебно побарано од Емануел Макрон, и тоа за време на неговата посета на Лондон, каде што го придружуваше токму генералот Тиери Буркхард. Целта? Да се подготви теренот за најавите на претседателот во врска со буџетот на вооружените сили, закажани за вечерта на 13 јули, во пресрет на парадата за Денот на Бастилја, и презентирани како „големи“ од Елисејската палата.
Иако Законот за воено планирање, донесен во 2023 година, предвидува околу 400 милијарди евра за одбрана до 2030 година – рекорд – овој буџет веќе се покажува како премногу ограничен за да ги задоволи потребите на вооружените сили. Ова сè повеќе критикувано буџетско отстапување предизвикува загриженост во институцијата, а на крајот на јуни беше усложнето од наредбата на администрацијата на Трамп до сојузниците во НАТО да издвојат најмалку 3,5 отсто од нивниот бруто-домашен производ (БДП) за нивната одбрана до 2035 година. Оваа цел би можела да бара напор од неколку десетици милијарди евра за Франција, додека нејзините воени трошоци моментално се ограничени на 2 отсто од БДП.
– Вооружените сили се свесни за напорите што ги вложува нацијата за да ги поддржи – увери генералот Буркхард во петокот, обидувајќи се да ја демонстрира својата јасност во однос на состојбата на јавните финансии и драстичните намалувања што премиерот Франсоа Бајру би можел да ги објави во вторник.
– Но дури и ако траекторијата на Законот за воено планирање се почитува и буџетот на вооружените сили се дуплира помеѓу 2017 и 2030 година, „мора да се подготвиме да управуваме со светот каков што е со нас денес“ – тврдеше началникот на Генералштабот за одбрана.
Генерал Буркхард: Франција мора да го одржи своето ниво на влијание во
Европа, Африка… и во целиот свет
Највисокиот француски офицер започна потсетувајќи дека „кризите“ сега „се множат и се преклопуваат“.
– Порано велевме дека една криза брка друга. Денес, тоа веќе не е навистина случај – нагласи тој, изразувајќи загриженост за „ефектот на заплеткување“. Нема да има „враќање назад (…), нема смисла да си велиме: „Само ќе седнам и работите ќе се вратат како што беа порано и ќе можам да се вратам на работа“.
-Не треба да се обидуваме да ги плашиме луѓето, но постои вистинска потреба за свест – додаде тој, останувајќи релативно песимист во врска со состојбата во светот.
Началникот на Генералштабот за одбрана опфати широк спектар на прашања за време на овој преглед на заканите што веќе беа презентирани во последните месеци до пратениците и сенаторите, како и до членовите на Владата: од тероризам до борба против организираниот криминал, од нелегално рударство на злато до сајбер и информативни напади. Во петокот не беа откриени нови информации. Но целта беше да се обезбеди образовна можност пред политичката секвенца од која се плаши извршната власт. На 9 јули, шефот на Генералниот директорат за надворешна безбедност (ДГСЕ), Николас Лернер, учествуваше во слична улога на телевизијата ЛЦИ.
За време на овој географски преглед на областите на тензија, генералот Буркхард особено дискутираше за Африка и потребата, според него, да се „одржи“ на континентот „вистинско ниво на влијание“, и покрај тоа што военото присуство е намалено на минимум по заминувањето на француските трупи од Мали во 2022 година, потоа од Буркина Фасо и од Нигер во 2023 година и од Чад во јануари.
– На Африка сè уште ѝ е потребна Франција и таа често го изразува тоа. Франција не може да ја игнорира Африка, бидејќи таму очигледно има интереси, но и предизвици – тврдеше тој.
Генерал Буркхард: Целта на Русија е да ја ослабне Европа
За издвојување е фактот што началникот на Здружениот генералштаб ги фокусираше своите експликации првенствено на безбедносните прашања во Европа и заканата што ја претставува Русија.
– Руската армија е модел на комплетна армија, до самиот врв. И во руската армија денес не гледам никакви недостасувачки способности, од можности за блокирање на електронското војување до системи за одбрана земја-воздух, до артилериски системи – предупреди тој. Истото важи и за нуклеарниот арсенал на Русија, за кој сметаше дека е поддржан од „исклучително робусна и тестирана доктрина и синџир на команда“.
– Сепак, војната во Украина е егзистенцијална за Русија и таа апсолутно сака да го постигне она што го поставила како своја цел, или барем она што Путин го поставил како своја цел – додаде тој.
– Ослабувањето на Европа и растурањето на НАТО се цел на Русија – зборуваше тој во јавноста, обидувајќи се да го наметне своето становиште, како и да ја направи реална опасноста за претстојна воена опасност за Европа и Франција, од страна на Русија, додавајќи: „И покрај неверојатните загуби што ги трпи, Русија ќе продолжи да се вооружува и, со ова темпо, до 2030 година ќе воспостави (…) сила што ќе претставува реална закана за нашите граници, на источниот дел од Европа – го лиферува својот (и на Макрон) став во јавноста францускиот началник на здружениот воен штаб.
Европа мора да се подготви за намалување на американскиот воен персонал на Стариот Континент
Високиот француски офицер предупреди и дека Европа мора да се подготви за намалување на американскиот воен персонал во Европа, заедно со продолжување на рускиот експанзионизам, кој е тесно поврзан со „решавачката улога“ на претседателот Владимир Путин. Неговата „желба да остави белег во историјата (…) ги одредува неговите одлуки, а ова е нешто што може да доведе до секакви ексцеси“.
Извршната власт треба да објави, в недела навечер, по говорот на претседателот на Франција, ревизијата на Националниот стратешки преглед, кој датира од 2022 година. Овој доктринарен документ треба да го постави тонот за главните идни насоки на француската одбрана. Тој треба да биде мошне конзистентен со забелешките на генералот Буркхард, дури и ако иднината на шефот на вооружените сили, по четири години на функцијата, сè уште не е загарантирана.
Макрон и генералот Буркхард ја етикетираат Русија како „трајна закана“
Мора да разбереме дека навистина се соочуваме со промена во стратешката рамка (…). Не смееме да очекуваме враќање во минатото во блиска иднина и „да го свртиме грбот“ со надеж за враќање кон постабилен меѓународен поредок, според началникот на Здружениот штаб на вооружените сили на Франција.
– Наместо тоа, мора да се подготвиме да управуваме со светот каков што е денес – додаде тој.
„Русија е засегната страна“ во цел арсенал од закани и напади.
Генералот зборуваше два дена пред говорот пред вооружените сили на Емануел Макрон. Во него, претседателот на Франција „ќе извлече заклучоци во врска со одбранбените напори“, според Елисејската палата, која ветува „големи најави“.
Мрачната, воена слика што ја наслика генералот Буркхард би можела да доведе до понатамошно зголемување на францускиот воен буџет, во контекст на заболени јавни финансии и потрага по заштеди.
– Нашата способност да ја покажеме нашата решителност (…) е најдобриот начин да избегнеме да се најдеме пред голема обврска денес. И ова, да, веројатно доаѓа со цена и бара внимателно разгледување на она што ни треба – рече началникот на Генералштабот за одбрана.
Како што е во моментов, францускиот Закон за воено планирање (ЛПМ) обезбедува 413 милијарди евра за вооружените сили меѓу 2024 и 2030 година, со годишно зголемување на буџетот од три милијарди евра. „Тероризмот“, „експлоатацијата на нелегалната имиграција“, хибридните напади, дезинформациите, распаѓањето на меѓународниот поредок, последиците од климатските промени… Генералот Буркхард сподели некои од наодите од новиот Национален стратешки преглед, кој треба да биде објавен во наредните денови.
– Русија е засегната страна во сите закани што ги опишав и, како таква, претставува трајна закана, која, за мене, е најзначајна – изјави тој, сметајќи дека ги има „сите атрибути на тоталитарна војна“
Генералот ја смета Москва за „сила“, без разлика дали преку саботажа на подводна инфраструктура, кампањи за дезинформации во Франција или Африка, акти на шпионажа или непријателски дејствија на нејзините сателити во просторот.
„И покрај неверојатните загуби што ги трпи“ во Украина, „пред 2030 година, (таа) повторно ќе претставува сила што е вистинска закана за нашите граници“, додаде началникот на Генералштабот. „Украина не е само за европската безбедност туку и за местото на европските земји во светот на утрешнината“.
Одговорот „мора да биде европски“, дури и ако е „апсолутно неопходно да се одржат врските со Американците“, чие „ниво на посветеност неизбежно ќе се намали“, според генералот Буркхард. Оттука и важноста на „пораката“ испратена од Европејците со т.н. „коалицијата на подготвените“, предводена од Париз и Лондон, подготвена да се распореди за да се спречи продолжување на конфликтот по хипотетички прекин на огнот меѓу Украина и Русија.
Во овој контекст, Москва ја идентификуваше Франција како „свој главен противник во Европа“. „Тоа го кажа (Владимир) Путин“, според генералот, но „тоа не значи дека тој не се грижи за другите земји“. Франција, нуклеарна сила заштитена со своето одвраќање, не е со закани од „директен и тежок напад врз нејзината национална територија“, но Москва има „многу други опции“ преку хибридни акции, тврдеше тој.
Премиерот Франсоа Бајру во март забележа дека, по Украина, Франција е „земјата што е најголема цел на обидите за манипулација од странство во Европа“ и ги осуди „масовните интервенции од Русија“.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција